АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пандемијата целосно ни го промени животот. Овој први септември за првпат не заѕвони училишното ѕвонче. Прва генерација првачиња на овој први септември не седнаа во клупите....Шестоодделенците не се запознаа со новите наставници... Средношколците од прва година ни со новите другари, ни со професорите, ни со училиштето...
Учебната година е одложена за први октомври. Сепак, првиот септемвриски ден предизвика носталгија по училишното ѕвонче, џагорот на учениците по патот до училиштата, метежот во книжарите... Се навратија спомените од некогашната реалност која секој септември предизвикуваше возбуда за новите школски почетоци и предизвици. По тој повод, избравме неколку убави статуси од битолчани објавени на фејсбук за чувствата што кај нив ги разбуди првиот септемвриски ден без школо.
1.„МИ ФАЛИ УТРИНСКИОТ ЏАГОР НА ДЕЦАТА“- статус на универизитетската професорка Цвете Димитриеска
.„Ми фали утринскиот џагор на децата, кои итаа кон ‘големите куќи’ кои мирисаат на книги, прав, гума, застоен воздух... Со истурена чаша за аирлија годината, дотерани, со гланц нови чевли и некоја плускајнца плус, ги полнеа дворовите, улиците, ,бесплатните" автобуси, игралиштата, фурните...Натоварени со ташни потешки од нив, тежината ја носеа на своите плеќи, која ги учи дека физичката болка е пратилка на патот, до бескрај. Ми фалат редиците пред книжарите, начкртаниот во брзина список од испотеното детско раче, што да се купи... со линии, без линии... Уф колку ми фали. Си го сакам животот назад.. Се ова, по ничија или можеби сечија вина, се замени со полноќно урлање, брчење на мотори и заскитани звуци кои параат уши, а ја параат и душата која е во безизлез...Сепак многу повеќе ми фали, од што ми смета
2.„ДО ДЕНЕС ЈА ПАМЕТАМ ВОЗБУДАТА КОГА СТАНАВ ПРВАЧЕ“- статус на Светлана Петковска, претседател на Организација на жени-Битола
Пред многу години на овој ден, први септември, го започнав моето образование во Прилеп во ОУ „Климент Охридски“. Уште ја памтам возбудата кога не наредија во дворот на училиштето, а потоа во спортската сала. Блага Пенева, мојата учителка, беше најубавата учителка, си ја сакав како мајка. Си се чуствував важна, голема некако. Тогаш си ги најдов моите школски другарки, едноставно почна животот. После две години, во мое трето, пак на овој ден, го зедов брат ми Тони за рака и го носев, беше прваче. Јас голема, третоодделенка.Иако не е почната официјално училишната година, им посакувам на сите ученици и учители среќна нова учебна година. Нека истраат во лошово, ќе помине.
3.„ДА ЖИВЕЕ ПРВИ СЕПТЕМВРИ, НАЈУБАВИОТ ДЕН ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ“-статус на Наташа Струмениковска
„На овај ден, на 1-ви септемврии и покрај неколкуте минати децении, секогаш се потсеќам на најдобрата, најубавата и најсаканата учителка на свет, мојата учителка Олга Кочанковска. Таа беше педагог во вистинска смисла на зборот, ненадмашна жена, авторитет и знаење. Од неа научив толку многу. Взаемна љубов е тоа. И таа ме памети мене исто така како своја најсакана и најдобра ученичка, ми рече во една пригода. Училиштето и учителката/учителот, покрај родителите, се најважната работа во животот на секое дете. А училишното ѕвонче е музика за уши и срце. Образованието е темелот кој формира здрава личност. Затоа внимателно со одлуките околу наставата. Да живее први септември, најубавиот ден за секое дете“.