АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Денес во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ во Битола е завршена изведбата на новото громобранско заштитно заземјување со кое објектот е целосно заштитен од атмосферски празнења.
Имено, во текот на градежните работи за замена на дограмата и покривната конструкција беше извадено старото заштитно заземнување кое беше поставено врз азбестните салонитни плочи. И ова заштитно заземјување е изгведено со средства од бугарската влада која издвои 133.000 евра за замена на дограмата и покривната конструкција, а како кофинансиер учествуваше и општина Битола со средства во износ од 27.000 евра. Во склоп на овој проект во училиштето се предвидени и солбанки на сите прозори, роло завеси на прозорците во училниците и заштитни решетки на приземните простории и спортската сала. Дел од овие активности се веќе изведени, а дел ќе се изведат откако ќе бидат бојадисани сите училници после завршувањето на јавната набавка која е во завршна фаза.
Во следниот период ќе има многу нови градежни активности во училиштето и надвор од него со средства обезбедени од општината. Во училиштето ќе се изврши комплетно бојадисување на училниците и спортската сала, замена на целото осветлување со лед светилки, целосно реновирање на службените тоалети, изведба на тоалет за инвалидизирани лица, прередување, стружење, лакирање на паркетот во спортската сала, нови лед рефлектори во спортската сала, лед осветлување на источната и јужната страна, санацаија на скалите на главниот влез на училиштето. За овие зафати општина Битола издвои околу 30.000 евра. Со средства на општината во износ од 100.000 евра целосно ќе се реконструираат спортските терени во училиштето со нови оградени спортски терени за ракомет и кошарка со мека подлога и рефлектори за ноќно спортување. Исто така ќе се изработи и бехатон патека за непречено минување на граѓаните од овој дел на градот кон новиот градски пазар со што конечно ќе се реши долгогодишниот проблем на користење на дворот на училиштето и спортските терени како патека за минување. Оваа јавна набавка ќе се објави во првата половина на месец мај, а со градежни активности се очекува да се почни во текот на месец јуни.
„Јас сум вработен во ова училиште од 1999 год. и толкави инвестиции немало никогаш до сега. Во периодот откако ја извршувам функцијата директор во оваа институција поточно од декември 2017 год. со помош на странски донации и најголем дел средства од општина Битола обезбедени со несебично залагање на градоначалничката м-р Наташа Петровска, вложени се близу 300.000 евра. Искрено се надевам дека од септември ќе можиме да почниме да работиме со физичко присуство на учениците и да имаме нормален воспитно-образовен процес кој ќе се изведува во многу подобри услови за работа после сите градежни активности кои се во тек. Нашето училиште има повеќе од 60 годишна традиција и квалитет кој е докажан и потврден во државата и надвор од неа и редно беше да вложиме максимум во подобрувањето на работните услови. Останува уште да аплицираме за проект за енергетски ефикасна фасада на училиштето на повикот на Министерството за образование и наука во месец јуни и со тоа во целост да завршиме со комплетка реконструкција на училиштето“, рече директорот Владимир Роме.
Завршниот чин на проектот за замена на дограмата и покривната конструкција на училиштето е предвиден за 30 мај кога се очекува на настанот да присуствуваат највисоки претставници на нашата земја и на Република Бугарија.