АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
МЕЃУ НИВ ПЕТ БИТОЛЧАНКИ
Книгата „Нашиот пат – 25 женски приказни од историјата“ на авторките Ивана Хаџиевска, Јана Коцевска и Ивана Дракшиќ, деновиве промовирана во Битола, претставува еден вид географски и историски водич за жени хероини од нашето поднебје кои со погледите биле пред времето и го менувале светот. Книгата води на 25 места на труд, успех, уживање и страдање, по градови и села, полиња, фабрики, училишта, сиропиталишта каде жените живееле и дејствувале имајќи пред себе големи идеали.
„Нашиот пат зборува за жени кои замислиле подобар заеднички свет и дејствувале активно. Го создавале на воениот фронт, во науката или во социјалниот живот, биле курирки во народни движења, неформални министерки за социјална правда, партизанки, политичарки , први индустриски работнички, културни работнички, борци за човекови права , но и антагонистички мисионерки“, рече Коцевска..
Книгата започнува со Аница Савиќ-Ребац, првата жена која се вработила како професорка на класични јазици на Филозофскиот факултет во Скопје отворен 1920 година. Се истакнувала како антифашистка, комуницирала со Алберт Ајнштајн, Томас Ман, имала преписка со британската новинарка Ребека Вест, па таа дури го научила македонскиот јазик, допатувала тука и отишле пред Говедар Камен во Овче Поле- симбол на женската радост. Според словенечката истражувачка Светлана Славшак ја измислиле предвремено историската антропологија.
Во книгата понудена е феминистичка рамка со пресметан ризик да отвора теми, прашања, , па и проблеми за општествена дискусија.
„Најпогоден беше јавниот простор во изминатите години и беше настанат еден архитектонски мегаломански проект во кој улогата родова на оние кои беа претставени беше стереотипна, жените таму беа музи или репродуктивни субјекти на нацијата. Затоа е и ова спротивставување за да се види дека јавниот простор има други обележја и значења кои ни се важни“, рече Коцевска.
Составен дел од книгата се и животните приказни на народните хероини, еврејката Естреја Овадија-Мара која загинала во НОБ на неполни 20 години и Фана Кочовска, која уште 14-годишна возраст се вклучила како скоевка со што се гледа дека младинскиот активизам бил значаен.
Да се пишува за храбри жени од Битолско, не може без да се спомене битолската Мајка Тереза поточно Захарија Шумњанска која по Илинденското востание отворила народна кујна и сиропиталиште за 110 сираци, меѓу кои и деца на загинати војводи и комити.
Место е отстапено и за академик Фанула Папазоглу која учела во битолската гимназија, а била една од првите жени класичарки во историјата на современа Македонија која го отворила патот за институционално вработување на жените како дел од Академијата.
„Дојдовме теренски до многу фасцинантни приказни кои ни даваат една поинаква слика за 19. и 20. век, слика која низ биографиите на овие жени, ни покажува дека населението кое живеело овде не е баш од оние романтични и егзотични приказни како за коњокрадци со златни заби, туку станува збор за примери од локална заедница, а кои комуницирале со важни чинители од цела Европа“, вели Хаџиевска.