2win800x200

Поставени нови директори на клучните јавните претпријатија во Битола

Декември 14, 2021

Две жени и тројца мажи ќе ги водат клучните пет јавни претпријатија во Битола, по смената на локалната власт и доаѓањето на Тони Коњановски за градоначалник. Коњановски по еден месец на функција полека го комплетира својот тим.

Во ЈП „Водовод“ на местото на Горан Козаров од СДСМ, доаѓа Пеце Милевски, правник, инаку локален лидер на ВМРО-ДПМНЕ Битола. Милевски пред само еден месец, како носител на листата за советници на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата,  доби мандат за советник, сега отстапува од Советот, за да го води едно од клучните јавни претпријатија во градот.

Со ЈП „Комуналец“, ќе раководи Гордана Наумовска, агро менаџер, долги години вработена во претпријатието во секторот зеленило и добар познавач на состојбите. На оваа позиција досега беше Панде Богоевски исто така човек од претпријатието. Во ЈП „Пазари“ влегува Соња Карапашовска, магистер на економски науки,  која исто така пред 4 години, беше советник во Советот на Општина Битола. Таа ќе го замени либералдемократот Владе Атанасовски.  Во најновото ЈП во градот „Паркинзи“, формирано од бившата локална власт каде директор беше Зоран Дојчиновски од СДСМ, е назначен  Горан Степановски, економист, советник во претходниот мандат на Советот на Општина Битола. Засега од Општина Битола нема официјална потврда кој ќе раководи со ЈП „Нискоградба“, каде директор е Методи Силјановски од ЛДП. Таму се очекува да биде поставен Зоран Талевски, вработен во МЕПСО, но тоа ќе се случи откако актуелниот директор ќе поднесе оставка.

По ваквиот избор може да се констатира дека со клучните јавни претпријатија во градот ќе раководат исклучиво кадри на ВМРО ДПМНЕ, додека во досегашниот состав покрај кадри на СДСМ, раководеа и кадри на ЛДП како коалициски партнери.

Од Општина Битола за „Независен“, велат дека градоначалникот Коњановски именуваше нови директори на некои од јавните локални претпријатија за како што велат „спроведување на програмата со која ја доби довербата на граѓаните и брзо и практично решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните“. Од Општина засега не најавија ревизија на финансиското работење на досегашните директори во ЈП.

-Во изборот на првите луѓе на споменатите јавни локални претпријатија испочитувани се принципите за практикување на нови политики и модели и давање шанса на нови имиња, стручни во областите каде треба да ги потврдат своите лидерски и менаџерски способности. Идеи, проекти и промени е принципот врз кој што треба да функционира локалната власт, со стручни, професионални и мотивирани кадри. Општина Битола, останува транспарентна и отворена, а она што претставува ефикасност и ефективност е определба која им ја ветивме на граѓаните и од која не отстапуваме, информираат од кабинетот на градоначалникот Коњановски.

За скоро се очекува и другите јавните претпријатија и институции во градот кои се под капата на Општина Битола да добијат нови раководства, пред се ИЗ „Жабени“ која беше формирана во времето на бившата локална власт предводена од ВМРО ДПМНЕ, каде како најзначајна инвестиција за градот започна да работи германската фабрика за автомобилски кабли „Кромберг и Шуберт“.

Во постапка се дел од оставките и во основните и средните училиштата во градот каде во тек е финансиска ревизија.

Од Општина Битола велат дека директорите на училиштата се назначени за време на мандатот на претходната локална самоуправа, така што после завршената ревизија на работењето во изминатиот период, ќе бидат утврдени соодветните насоки на делување.

„Со цел поефикасно работење на основните и средните училишта во следниот период, потребно е да се изврши увид за подетално запознавање со состојбите од страна на градоначалникот.

Во овој контекст ревизијата, претставува редовен процес во кој се согледува финансиската состојба на училиштата, се прават завршни сметки и се утврдува каде има недостаток на финансиски средства, со цел истите да бидат обезбедени за непречено одвивање на воспитно образовниот процес.

Врз основа на таа состојба, се прават и финансиските планови и програмите за работа за идната година“, велат од Општина Битола и напоменуваат дека во секое училиште ќе бидат преземени потребните мерки, зависно од затекнатата состојба и потребните чекори. А.Б

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани