АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Оштетување на киоск во кој се продаваат цвеќиња и свеќи кај црквата „Св. Недела“ во Битола можеше да подгрее нови обвинувања за наводна нетрпеливост на Бугарите во земјава. Имено, на времениот објект во сопственост на секретарот на Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, вчера му беа искршени стаклата. Случајот не само што го пријавија во СВР, туку и во Генералниот конзулат во Битола, за на кај да излезе дека е дело на поранешната сопруга на секретарот поради нивни меѓусебни недоразбирања.
Како што настанот на фејсбук првично го објави Културниот центар „Иван Михалов“ од Битола бил нападнат објектот на секретарот на Центарот, поради што поднесена е и пријава во СВР и Генералниот конзулат на Бугарија во Битола си надеж дека „сторителите ќе бидат откриени и санкционирани во најбрз можен рок!!!“ На постот пишува: „Од ново се наложува да си поставиме прашање дали е тоа само вандалски и криминален акт или станува збор и за нешто друго!“
Под објавата има еден куп коментари, а некои настанот го споредуваат со Кристалната ноќ од 1938 година, акт на нацистите за масовно прогонување на Евреите. Други, пак, коментираат дека македонизмот е полош од нацизмот.
Обвинувањата паднаа во вода откако на социјалните мрежи сама се јави поранешната сопруга на секретарот и призна дека го оштетила објектот. Денес и СВР Битола соопшти дека Б.Ш.(44) од село Брусник, битолско, пријавил дека со тврд предмет било извршено оштетување на стакло од влезна врата на времен објект (киоск). Полициски службеници презеле мерки и било утврдено дека сторител е неговата поранешна сопруга, која во службен разговор со полициски службеници го признала делото и појаснила дека го сторила поради нивни недоразбирања.
Токму Културниот центар „Иван Михајлов“ во центарот на Битола подготвува простории за да отвори клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“. Лани ја разбранува јавноста со писмото испратено до бугарскиот државен врв и амбасадите на САД, ЕУ, Португалија и Германија во земјава, дека се соочуваат со страв да се изјаснат како македонски Бугари и дека се соочени со бугарофобија.