
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Испитниот центар за полагање за возачки дозволи во Битола и околните пелагониски општини ќе проработи, потврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Министерот најави дека се бара законско решение за да се реши проблемот со неквалитената услуга и недостатоците во работата на испитните центри, а како можно решение наведе јавно приватно партнерство.
Испитниот центар Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола престана да врши полагања за возачки дозволи на 12 август со период до 13 септември да ги реши неправилностите во работењето. Денеска е 16 септември и телефонот на правното лице се уште е исклучен, на што битолчани реагираат дека е крајно дрзок начин на однос на правното лице со граѓаните. Според медиумските наводи, зад „Супер возач“ стои функционер на ВМРО-ДПМНЕ и советник во Советот на Општина Кичево, Филип Митрески, преку фирмата „Стрит рајд“ којашто е сопственик.
Кога ќе проработи испитаниот центар во Битола не кажа точно дата ни министерот Тошковски, освен потврда на новинарското прашање.
„Ќе проработи -да“, рече Тошковски во интервју за порталот „360 степени“, и го образложи проблемот.
„МВР му донесе забрана за работа во траење од 30 дена на правното лице (Авто мото испитен центар „Супер возач“ ДООЕЛ Битола), бидејќи неколку месеци од како ја добил лиценцата не ги испочитувал условите за работа кои требало да ги испочитува за да функционира овој испитен центар. Кадрите кои претходно работеле во испитниот центар, правното лице ги заменило со нови. Дел од стручните лица немале лекарски уверенија. Испитниот центар не водел соодветна евиденција на луѓето кои што полагале за возачка“, објасни министерот.
Всушност при надзорот не е приложена комплетна документација за исполнување на условите во однос на потребниот стручен кадар, потребната документација за возилата кои треба да ги поседува „Супер возач“ за спроведување на практичниот дел од возачкиот испит и накрај водењето на неуредна евиденција.
„Супер возач“ на 12 август, ги извести граѓаните на својата веб страница, со само една реченица, дека прекинот во полагањето ќе трае до 13 септември. Ова беше единствената комуникација на операторот со јавноста во изминатиот месец и се уште не одговара на повиците на медиумите.
Претставници на автошколи од Битола со кои разговараше „Апла“ велат дека имаат само неофицијални информации дека правното лице ќе продолжи со работа, но немаат конкретно датум од кога ќе може да се закажуваат полагањата. Никој од „Супер возач“ не одговара на повиците на заинтересираните граѓани. Телефонот е исклучен.
„Веќе 6 месеци се надеваме дека конечно ќе заврши полагањето за возачки испит. За 2 месеци веќе истекува и лекарското уверение. Покрај финансискиот момент, направените трошоци се без краен резултат, посебно жална е вистината со која младите ја губат довербата во институциите кои функционираат кај нас. Не постои начин на кој може да им се објасни дека не е по нивна вина, не можат да го добијат она што им е законско право, за што платиле, научиле, но поради нејасни причини не можат да функционираат според нивните животни планови. Од друга страна, ова е дополнителен проблем за родителите: како родителот да го спречи детето да го земе возилото и да вози, кога истиот тој што може да го казни, не му дозволува да положи? Многу тешко, жално, скапо, но и демотивирачки за младите“, реагираат родители во изјава за „Апла“.
Министерот Тошковски вели дека можеби едно од решенијата на проблемите со испитните центри е да постои јавно приватно партнерство, каде ќе биде обезбедена квалитетна обука и квалитетно функционирање на целокупниот систем до добивање на возачка дозвола. За жал вели министерот, законско решение на проблемот се уште нема.
„Најголемиот проблем во овој случај е што имаме систем обратно поставен што не се грижи за квалитетот и знаењето кое што ќе го добијат граѓаните, не се грижи за она што треба да го добие државата... Јас досега немам чуено за ‘саглам’ решение кое што од една страна треба да го реши проблемот на граѓаните – да создадеме испитен центар врз основа на знаење, професионални карактеристики кои што ги имаат луѓето кои што полагаат, а од друга страна државата да оствари реален надоместок за услугата. Испитниот центар најверојатно треба да биде јавно приватно партнерство меѓу државата и правно лице кои треба да даде ‘дебела’ банкарска гаранција, доколку направи пропуст како што го направи претходната фирма (во Битола), притоа го отклони и повторно направи пропуст“, рече министерот Тошковски за „360“ степени и предупреди дека постапката за возачки испит мора да биде законска, а не да ги паѓаат кандидатите за возачка дозвола по пет пати за да добиваат надоместок испитните центри.
Анета Блажевска