АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„За Црнобуки ни велеа што ќе правите таму, никој не знае тоа место на мапата каде е“, вели фудбалскиот ветеран од ФК „Партизан“ Горан Кадениќ. Тој го предводи тимот на „Партизан“ составен од ветерани, поранешни фудбалски ѕвезди кои денес играат ревијален натпревар со тимот ветерани од ФК „Црнобуки“.
„Прифативме да дојдеме зашто во Црнобуки има едно јадро на тврдокорни навивачи на 'Партизан' кои ги следат нашите натпревари на стадион во Белград, а во срцата ја носат црно-белата боја. Во ова време нема поубава работа освен онаа кога луѓето се сретнуваат за спорт. На третото полувреме се утврдува кој победи, оној резултат на зелената трева е малку повеќе ирелевантен, важно е дружењето пред тоа и потоа“, рече Кадениќ.
Натпреварот се одигрува како едногодишен помен од смртта на еден од големите навивачи на „Партизан“ од битолско, сега покојниот Трајан Кочишки –Куља од Црнобуки. Тој бил дел од тимот кој го изработил најдолгото навивачко знаме во Битола, а воедно и едно од најголемите поставено на стадионот на ЈНА. Средбата ја иницираше неговиот син Тодорче Кочишки, претседател на ФК „Црнобуки“ ЗЛ.
„Татко ми беше голем вљубеник во фудбалот. За жал, не доживеа да го види најголемиот успех на ФК Црнобуки кога успеа да се пласира во третата лига југо-запад. Почина, но од мали нозе мене и брат ми не научи да го сакаме фудбалот. Овој денешен настан е големо случување за спортот не само во Битола, туку и во целата држава“, рече Тодорче Кочишки.
Меѓу некогашните големи ѕвезди од „Партизан“ допатува и фудбалерот Небојша Вучичевиќ, кого го нарекуваат волшебник на топката и досега за овој тим одиграл 341 интернационален натпревар.
Ветраните од ФК „Партизан“ доделија плаќети на битолската градоначалничка Наташа Петровска и заменик министерот за локална самоуправа Дејан за помошта што ја дадоа за да се одржи натпреварот.
„За да го имаме овој настан денес во изминатиот месец општината се вложи со сите јавни претпријатија со многу стопански и приватни субјекти во градот целокупно да се среди инфраструктурата за да имаме услови за еден ваков настан кој значи промоција и на спортот“, рече Петровска.
Присутен е и Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт кој рече дека ќе преземат мерки уште повеќе да се подобрат условите во Црнобуки за да можат таму да се одигруваат и други значајни фудбалски натпревари.
Ветераните од „Партизан“ рекоа дека како што денес локалните портали пренесуваат дека Црнобуки го донесе „Партизан“ дома, така во иднина ќе пишуваат дека ФК „Црнобуки“ е поканет да гостува на стадионот во Белград каде играле светски познати фудбалери.
Натпреварот во Црнобуки заврши 7 спрема 4 за ФК „Партизан“.