2win800x200

Комисија за заштита од дискриминација – многу работа, малку пари и лоши услови за работа

Февруари 24, 2022

Потребата за формирање Комисија за спречување и заштита од дискриминација со години наназад беше посочувана како неопходност во извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија како дел од поглавјето 23. Членовите на комисијата беа избрани лани во јануари, но тие се жалат дека немаат доволно буџет,  институциите не ја препознаат потребата од нивна независност, а и немаат доволно ресурси за да ги вршат своите законски надлежности

Пишува: Мирослава Бурнс

Околу 70 проценти од случаите кои како претставки доаѓаат пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во земјава, се однесуваат на областите работа и работни основи, како и пристап до добра и услуги, информираат од Комисијата за „Вистиномер“.

Дискриминаторските основи најчесто се повеќекратни, што според закон претставува и потежок облик на дискриминација. Најмногу дискриминација, според претставките до Комисијата се пријавувани во однос на личното својство и општествениот статус, националната или етничка припадност, припадност на маргинализирани групи, родовиот идентитет, сексуалната ориентација, бојата на кожа, образованието итн.

https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2022/02/screen-shot-2022-02-21-at-10.05.09-300x270.png 300w" alt="" width="762" height="686" class="aligncenter wp-image-120574 size-full b-loaded" style="clear: both; display: block; margin: 15px auto 25px;" />

Како изгледа постапката за заштита од дискриминација пред Комисијата?

Секое лице кое сета дека било дискриминирано по некоја дискриминаторска основа, може да поднесе претставка за заштита од дискриминација до Комисијата лично во просториите, преку пошта или по електронски пат, преку нашата веб-страница https://www.google.com/url?q=http://kszd.mk/&source=gmail&ust=1645544461996000&usg=AOvVaw2WGnaAjIMHQ8NqAY1CAPhd">kszd.mk. Веб-страницата и софтверот за работа на предмети ни се донација од Мисијата на ОБСЕ. Постапката за заштита од дискриминација е бесплатна, вели за Вистиномер Весна Бендевска, членка на Комисијата.

Доколку Комисијата утврди дека тврдењето на подносителот или подносителката е веродостојно, во рок од пет дена бара од потенцијалниот дискриминатор да се произнесе по наводите во претставката. Откако ќе добие одговор и аргументација од двете засегнати страни, Комисијата носи мислење во кое може да утврди дали постои дискриминација или не. Доколку утврди вид и форма на дискриминација по некоја од дискриминаторските основи и ја определи областа во која се случила, Комисијата е должна да донесе „Препорака за начинот на отстранување на повредата на правото на еднаквост“, а лицето кон кое е упатена препораката е должно да постапи по истата во рокот што го определува Комисијата (според закон, од 30 до 180 дена). Ако лицето не постапи по препораката, Комисијата е должна да поведе прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршочна постапка.

Комисијата може да поведува постапки за заштита од дискриминација и по службена должност или по допрен глас, доколку утврди дека од дискриминаторската активност се засегнати повеќе лица, а може да се јави и како дел од судски постапки за заштита од дискриминација.

„Лев Тахор“ и „Ембла“ се дел од случаите на кои работела Комисијата

Еден од случаите каде што Комисијата по службена должност поведе постапка за заштита од дискриминација, беше неодамнешниот, поврзан со Заедницата на верници од еврејска припадност „Лев Тахор“.

Членовите на групата месецов пристигнаа во земјава. Тие извесно време престојува во Босна и Херцеговина, а во С. Македонија прво пристигнаа во Куманово каде што локалното население се собираше пред куќата во која беа сместени под наем, довикуваа и фрлаа предмети. Потоа беа преместени во хотел во Скопје.

Ова е прв случај на дискриминација по основ на антисемитизам по кој постапува Комисијата за заштита од дискриминација, а се однесува на странски граѓани.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација оствари средба со претставник на групата „Лев Тахор“ како дел од нашата надлежност за извршување увид. Од увидот поизлегоа неколку индиции за потенцијална дискриминација од одредени правни лица. Кон тие правни лица КСЗД во периодот кој следува ќе прати барање за изјаснување, а откако ќе ги добиеме одговорите ќе излеземе со мислење. Она што сакаме да го нагласиме e дека од увидот постојат индиции за говор на омраза и дела од омраза, кои се кривично правна материја. Ваквите настани треба да се предметна работа на надлежните институции и се надеваме дека ќе покажат проактивност во овој случај, вели за „Вистиномер“ Кире Василев, претседател на комисијата.

Уште еден предмет со кој се занимава оваа Комисија е случајот со малата Ембла, девојче со Даунов синдром, кое во гостиварското основно училиште наместо со своите соученици во инклузивна настава, учеше изолирано во салата за одржување приредби, откако родителите на соучениците се заканиле дека нивните деца ќе ја бојкотираат наставата. Комисијата за заштита од дискриминација за овој случај се има сретнато и со потписниците на петицијата за бојкот на наставата и со родител на девојчето, а на 11 февруари годинава извршила и ненајавен увид во училиштето, за да се констатира каде е тоа сместено. Потоа, Комисијата добила и документација за концепцијата за инклузивно образование, како и сите извештаи за работата на асистентката на Ембла во образовниот процес. Во моментот се формира стручното мислење со препорака, кое ќе биде изгласано и дебатирано од страна на комисијата.

Ќе излеземе пред јавноста за овој случај. Законскиот рок за затворање на еден предмет е 60 дена, вели Бендевска.

Комисијата има еден член помалку, недоволно кадар и несоодветни услови за работа

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во земјава е избрана од Собранието на на 25 јануари 2021 година, врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Потребата за формирање вакво тело за еднаквост, согласно париските принципи, со години наназад беше посочувано како неопходност во извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија како дел од поглавјето 23. Во последниот Извештај на ЕК за напредокот во 2021, поздравено е формирањето на комисијата со потенцирање на потребата да се обезбеди суштинска материјална и финансиска независност за работењето на ова тело, кое е дел од ЕКВИНЕТ- европската мрежа на тела за еднаквост.

Зголемените законски надлежности на оваа Комисија главно се однесуваат на промоцијата на принципот на еднаквост на секој граѓанин, но и превенција и заштита од дискриминација во случаи кога се повредува уставно загарантираното право на еднаквост на секој поединец, по било кој основ.

Но, како што сведочат членовите, веднаш по изборот, се соочиле со финансиски проблеми.

По изборот на првиот состав на ова независно, колективно тело кое треба да брои седум члена, констатиравме дека законодавецот и институциите не ги мапирале основните потреби за формирање на нова институција: немавме простории за работа, немавме стручна служба, што значеше дека првите месеци не бевме во можност да го користиме доделениот буџет за работа на Комисијата за 2021, кој Собранието го изгласа два месеци пред изборот на членовите, објаснува Бендевска.

Потоа, една од избраните членки на Комисијата, 20 дена по стапувањето на функцијата, поднела оставка пред Собранието, така што до ден денеска Комисијата работи со шест члена, а Собранието сè уште го нема избрано седмиот член/членка. Согласно Законот за заштита од дискриминација, Комисијата од своите редови избира претседател/претседателка со мандат од една година, без право на реизбор. Прва претседателка на КСЗД беше Весна Бендевска, а од пред десетина дена, нов претседател е Кире Василев.

Како новоформирана институција, Комисијата има должност да формира стручна служба.

Ова го потенцирам, заради суштинската разлика меѓу стручна и административна служба. Поради доцнењето со изборот на првиот состав, кога беше поминат законскиот рок за доставување на одобрување на годишен план за вработувања, во текот на 2021 комисијата имаше можност единствено да врши преземања на вработени од други институции, со статус на административни службеници. Првите пет вработени Комисијата ги обезбеди во јули 2021 година, а до 31.01.2022 презеде уште пет вработени. Доколку се има предвид дека Комисијата има бројни законски надлежности, оваа бројка ни од блиску не е доволна за непречено извршување на нашите надлежности, смета Бендевска.

Според неа, можеби главен предизвик со кој се соочува КСЗД е непрепознавањето на институциите за потребната независност на комисијата, во смисла дека министерствата за информатичко општество и јавна администрација и за финансии не ги следат доследно прецизните законски одредби од законот кои посочуваат дека „Комисијата сама ќе ја формира стручната служба (чл.22) и средствата за работа на комисијата се обезбедуваат од Буџетот на РСМ, на предлог на комисијата; а со користењето, распределбата и намената на средствата, комисијата располага самостојно (чл.15).

Со поддршка на експерт обезбеден преку проект од британска амбасада, каде како имплементатор се јавува ЦУП, комисијата изготви предлог-буџет за 2022 во висина од 45 милиони денари, со образложение за користење на секоја надлежност поединечно. Но, ниту Министерството за финансии, ниту собраниската комисија за финансирање и буџет, не нè повикаа да го браниме предлогот, туку едноставно го препишаа претходниот буџет на КСЗД во износ од 15 милиони денари. Така што најголем предизвик за работа во тековната 2022 година ќе ни биде обезбедување потребни средства за пополнување на стручната служба и обезбедување средства за канцелариски мебел и опрема за работа на службата, вели Бендевска.

Со Одлука на Владата од 2021 година, на Комисијата ѝ беа доделени на трајно користење просториите што дотогаш ги користеше Државната комисија за спречување на корупцијата, каде оваа Комисија се всели на 1 јуни 2021 година.

И покрај сите овие предизвици, на редонирани четири бироа и два десктоп-компјутери произведени во 2011 и еден мал принтер, на своите лични лаптопи, комисијата успеа да ги отвори и да ги реши 77-те предмети што беа доставени во периодот по разрешувањето на минатиот состав, а пред формирањето на новиот состав, што беше законска обврска. Дополнително, до крајот на 2021 година до Комисијата стигнаа уште 91 претставка, со што бројот на претставки по кои постапувавме во 2021 година се искачи на 169, додава таа.


https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани