2win800x200

Законските измени за матична евиденција се „сопнаа“ на родовиот идентитет

Јуни 27, 2022

Главните промени на измените и дополнувањата на Законот за матична евиденција, кои во Собранието беа доставени минатата пролет, но Владата ги повлече од собраниска процедура во март оваа година, се однесуваат на родовиот идентитет. Со овие законски измени требаше да се направат промени во дефинирање на родовата политика во матичната евиденција, на тој начин што и оние лица кои не го промениле физички полот, ќе може родово да се изјаснуваат поинаку, односно како мажи, жени или трансродови лица. Ова се посочува во краткото резиме за степенот на реформите во областа на основните човекови права, што е дел од Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во јавната администрација

Предлогот за изменување на овој закон е по барање на повеќе невладини организации што се занимаваат со заштита на родовите и основните права на човекот. Самиот предлог е добро образложен од законодавецот, каде што се наведени буквално сите причини зошто се бара измена на овој закон, почнувајќи од меѓународните конвенции што ги има потпишано РСМ до пресудите на Судот за заштита на човековите права во Стразбур, иако во самата Европска конвенција за човекови права (ЕКЧП) буквално не се ставени ваквите права, но поради пресудите што ги има донесено овој суд од 2015 година наваму, РСМ е должна да ги признае и имплементира овие права и во домашниот правен сообраќај.

Во моментот кога се затвори овој Извештај, законот само што беше ставен на дневен ред во Комисијата за законодавство на прво читање со европско знаменце, но беше повлечен од страна на Владата на РСМ и тој, според достапните изјави, треба да се доработи, да се отвори поширока јавна расправа и ќе оди во редовна собраниска процедура.

Причината за ова е големото противење на политичките партии што се во Собранието. Сите партии од опозицијата се противат на неговото донесување во ваква форма. Иако се мислеше дека тој ја има поддршката од владејачкиот СДСМ и повеќето помали партии во владејачката коалиција, на крај излезе дека дури ни во СДСМ нема целосна поддршка, а албанскиот партнер во коалицијата ДУИ, иако молчеше до последен ден, се покажа дека исто така се противи на ваков закон. Оправдувањата се различни. Владејачките партии остануваат на оправдувањето дека законот треба да се донесе поради грижа за буџетот што би страдал од загубени пресуди пред Судот во Стразбур, но и имплементација на тие пресуди во домашното законодавство, но дека ќе треба редовна процедура и поширока расправа. Опозициските партии, пак, речеиси сите излегоа со конзервативни ставови во смисла дека ваквиот закон го урива традиционалното разбирање за семејството и бракот, бидејќи со ваквата промена на законот ќе се отвори и патот за промена на Законот за семејство, каде што бракот е дефиниран како законска заедница помеѓу маж и жена, т.е. различни полови.

Предлогот да се стави овој закон со европско знаменце беше образложен со пресуда на Судот во Стразбур против лице од РСМ од 2019 година и врз основа на Препораките на Министри на Советот на Европа за борба против дискриминацијата од 2010 година

Она што е сигурно, дека овој закон засега има поддршка само од Интерпартиската парламентарна група за подршка на лицата што припаѓаат на ЛГБТ-заедницата, каде што членуваат претставници на дел од помалите партии од македонскиот блок на власт.

Главната промена што се предлага во законот (член 1) е дефиницијата на родовиот идентитет:

(8) Родов идентитет претставува внатрешно и индивидуално доживување за род на секое лице, кое може да или не кореспондира со полот што е одреден со раѓање, вклучително личното чувство за телото и други манифестации на родот, како што се: име, облека, говор и манири.

(9) „Правно признавање на родот “претставува постапка во која поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин се признава родовиот идентитет.

Ова прашање, кое ѝ се заканува на пошироката заедница со нова поделба, е само врвот на ледениот брег, кој ако се загребе подлабоко, покажува дека родовиот јаз во РСМ сè уште е длабока препрека врз која треба да се работи.

Иако РСМ одамна ја потпиша и од пред некоја година и ја применува во практика т.н. Истанбулска конвенција на Советот на Европа, разликите во полот се гледаат во секојдневната практика. Од тоа дека, иако жените се еднакво или повисоко образовани од мажите, учеството на жените во раководни позиции и во бизнисот и во јавниот сектор е драстично помало. Последните локални избори одржани во 2021 година покажаа дека за 81 градоначалничко место беа кандидрани само четири жени, што укажува дека и во политичкото дејствување на партиите жените тешко се пробиваат, а тоа се гледа и во актуелниот состав на Владата на РСМ, каде што учеството на жени е само 20 отсто. Да не се задолжителните квоти, тој број ќе биде мал и во Собранието на РСМ. Ваквата разлика се отсликува и во високото обраозавание, каде што нема ниту една жена ректор, а мал е бројот и на жените деканки. Овие и многу други податоци беа објавени неодамна и од „Порталб“, „Вистиномер“ и „Мета“ во истражување што ја потврдува големата родова разлика и ги оправдува критиките за ова прашање што можат да се најдат во последните извештаи на ЕК.

Главни институционални столбови за оперативна заштита на основните права на човекот во земјата остануваат две институции. Првата е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) формирана минатата година (2021), врз основа на новиот Закон за спречување на дискриминација донесен во 2020 година. Седумчлената комисија (односно 6 затоа што еден сè уште не е избран), има значително широки надлежности што ѝ ги дава законот, но и предизвик како тоа да се спроведе за брзо време и без целосна подршка од државата, иако самата КСЗД признава дека добила помош во оваа една година и од државата и од ОБСЕ и од невладиниот сектор преку британска програма за поддршка и развој. Во 2022 година беше ставена во функција и веб-страницата на Комисијата, со што се овозможи и полесно поднесување електронски пријави.

Гледајќи ги едногодишните постигнувања на Комисијата, може да се донесе заклучок дека ова по дефиниција независно тело, во целост ја оправда и довербата од јавноста и големите овластувања што ѝ ги дава законот, а за што веројатно е најзаслужен и начинот на избор на Комисијата преку отворена парламентарна дебата и јавно претставување на програмите и вештините на тогашните кандидати. Според статистиката изнесена во Годишниот извештај на КСЗД, до крајот на 2021 година, значи за период од 6-7 месеци, од кога Комисијата ефективно работеше, постапувала по 167 претставки, од кои 77 биле наследени од претходниот состав на тоа тело, кој не фукционираше претходно. Комисијата примила 90 нови претставки од кога е формирана, што покажува дека расте довербата во ова тело, а заклучно со март отвори и неколку предмети по допрен глас од јавноста, при што треба да се истакнат предметите поврзани со религиското движење Лев Тахор и случајот со дискриминација на девојче со посебни образовни потреби од едно училиште во Гостивар, кој сè уште е во тек. Во однос на претставките тие доаѓаат повеќе од мажите отколку жените, најмногу од Скопје, а најчеста основа е лично својство и општествен статус. До крајот на 2021 година:

Комисијата постапувајќи по поднесените претставки утврдила дискриминација во 40 случаи, додека кај 39 се утврдило дека нема основa за дискриминација. За 10 претставки Комисијата донела заклучок за непостапување, неповедување или запирање на постапката, а 41 претставка биле отфрлени поради утврдена ненадлежност, неуредност, застареност и недопуштеност. За 37 претставки постапката е во тек и тие се водат како отворени предмети (стр. 22 од Годишниот извештај).

КСЗД БАРАЛА БУЏЕТ ДО 730 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ДОБИЛА ПОД 250 ИЛЈАДИ

Сепак, предизвиците пред ова тело остануваат, пред сè, во организациска смисла и во имплементација на нејзините одлуки. Пополнети се помалку од половина од работните места според систематицијата на самата Комисија (29 работни места, а само 10 администритавни службеници добиени со преземање од други институции), кои работат во 2 сектори што покриваат 4 систематизирани одделенија, со буџет од државата, кој е за половина и повеќе помал од потребите што ги утврдила самата Комисија. Неодамна, првата претседателка на Комисијата, Весна Бендевска, изјави дека Министерството за финансии не изразило никаков интерес за барањето на Комисијата, а ниту работното тело во Собранието надлежно за финансирање и буџет не покажало никаков интерес, па така, наместо бараните околу 730 илјади евра годишен буџет, препишан е буџетот од 2021 година од 15,3 милиони денари (нецели 250 илјади евра) или само за 120 илјади денари повеќе од ланскиот. Освен ова, Комисијата е сместена во поранешните простории на Државната комисија за спречување на корупцијата, кои сами по себе не овозможуваат пристапност за лицата со физичка попреченост. КСЗД во Годишниот извештај испратен до Собранието изнесува и препораки што се однесуваат и на измени на Законот и за избор на преостанатиот член од Комисијата, за таа да биде комплетна со 7 члена.


https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани