АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека Исус е против вакцините. Во склоп на постот, прикачен е видео материјал на кој се наоѓа обраќање на калуѓерка од Католичката црква во Лондон, Велика Британија.
Таа во видеото вели:
Направени сте според сликата Господова. Родени сте слободни. Не им дозволувајте да ви ги одземат слободите. Заштитете ги децата и под никакви услови не им дозволувајте да ја примат вакцината, убива луѓе. Од јануари ни побараа да се молиме за 50 луѓе што починаа. Калуѓерка сум 28 години и за сето ова време додека сум калуѓерка, не ми побарале ниту еднаш да се молам за луѓе што починале или биле повредени од вакцина, освен еднаш, за мало девојче во 2015 година. Но, од јануари 2021 до сега, 50 луѓе не замолија да се молиме за луѓе што починале од вакцината во Лондон, Англија. Ве охрабруваме и се молиме за вас.
Меѓутоа, дали овој личен став на калуѓерката е показател дека ставот на католичката црква генерално е нејзините верници да не се вакцинираат? Апсолутно не. Тоа што 50 луѓе ги замолиле калуѓерките во црквата во Англија да се молат за починати лица, не докажува дека тие 50 лица починале од вакцинацијата! Нема ниту доказ кои се тие, дали воопшто се вакцинирале и дали смртта настапила како последица на вакцината.
Католичката Црква во Велика Британија уште на 3 декември 2020 година го издаде следното официјално соопштение:
,,Развојот на вакцината против ковид 19 претставува важен напредок во заштитата на другите и себеси од вирусот, вирус кој не само што предизвика глобална пандемија и доведе до големи загуби во човечки животи, но исто така наметна огромен товар на здравствените работници и на системите. Секој од нас има должност да ги заштити другите од инфекција заедно со опасноста од сериозна болест и за некои дури и смрт. Вакцината е најефикасниот начин да се постигне ова. Во моментот се дискутира за развиените вакцини од Фајзер, Модерна и Астра Зенека. Некои прашаа дали да се користи вакцината на Астра Зенека со оглед на тоа што се развила од клеточни линии на абортирани фетуси во 1983 година.
Конгрегацијата за доктрина на верата го изразува ставот дека било кој може со чиста мирна совест и за добра причина, да прими вакцина добиена на ваков начин, со оглед на тоа што има задоволително морално растојание меѓу сегашната администрација на вакцината и првичната акција од минатото која била погрешна. Во ковид 19 пандемијата, оценуваме дека оваа голема причина постои да се прими вакцината и дека верникот не прави грев кога прима вакцина. Фајзер и Модерна вакцините се мРНА вакцини. На 2 декември 2020 Фајзер беше одобрена во Велика Британија. Секој Католик мора да се едуцира за ова и да реши сам што ќе прави, имајќи на ум дека вакцината мора да е безбедна, ефективна и универзално достапна, особено за сиромашните во светот. Католиците во добра совест може да примат било која вакцина за своето и за доброто на другите. Исто така, во добра совест, секој може да одбие да се вакцинира, но и понатаму има должност да ги заштити другите од инфекција”.
Религиските лидери и припадници на религиозните групи, кога шират информации за теми кои се од областа на јавното здравје, имаат голема одговорност, затоа што верниците и следбениците на религиите, нивните тврдења ги земаат со голема доверба, а соопштението е токму така и одмерено.
Дека и во С. Македонија поглаварите на сите верски заедници ја поддржуваат вакцинацијата и ги охрабруваат верниците да се вакцинираат, покажува овој јавен повик од страна на МПЦ, ИВЗ и Католичката црква.
По средбата на премиерот Зоран Заев со лидерите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископијa aрхиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, на Исламската верска заедница Реис ул Улема Хаџи Шаќир ефенди Фетаи и на Католичката црква монсињор Киро Стојанов, бискуп скопски и струмичко-скопски епарх, владата соопшти дека сите поглавари ја поддржуваат вакцинацијата против ковид 19.
„Од страна на верските лидери присутни на состанокот е укажано дека заштитата на здравјето не е само обврска на државата, туку е и верска обврска бидејќи секој човек е должен, како општествено, така и според верата, да биде во служба на здравјето. Заеднички е констатирано дека во овие моменти кога човештвото се соочува со непредвидлив вирус, потребна е разумност од страна на сите верници, бидејќи болеста не избира религии и нации“, соопшти Владата.
Оттука, произлегува дека лична одлука на секој граѓанин, впрочем и на секој верник или неверник, е самиот да одлучи дали ќе се вакцинира или нема да се вакцинира. Никој никого не смее да присилува или да одвраќа од идејата за вакцинација. Затоа е неточно, да не речеме и смешно тврдењето во постот кој го рецензираме, дека ,,Исус е против вакцините”.
Конечно и Папата Франциск се вакцинираше против ковид 19 во јануари годинава.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар