Многу жени во репродуктивна возраст, особено оние кои имаат проблем да зачнат, беа загрижени за вакцината и дали таа предизвикува неплодност или ја нарушува ефективноста од третманот за плодност. Но оваа студија осигурува дека квалитетот на овулацијата не е загрозен на ниеден начин, додаде таа.
Доктор Удо Маркерт од Универзитетот Џена за Дојче Веле вели дека по инфекција со коронавирусот, жените се изложени на многу поголеми количества протеини отколку по вакцинацијата.
Ако теоријата за неплодност по вакцинација беше точна, тогаш ковид 19 ќе имаше многу пострашни последици за женската плодност отколку самата вакцина, затоа што по инфекцијата жените се изложени на многу поголеми количества протеини отколку по вакцинацијата, објаснува тој.
Маркерт додава дека жените што се заразиле со Сарс во 2003 година, немале последица неплодност. Спајк протеинот на Сарс е многу сличен на тој пронајден во Сарс Ков 2.
Меѓутоа, во постот кој го рецензираме, се тврди дека мРНА оди во јајниците и надбубрежната жлезда и затоа се случуваат срцеви воспаленија, тромобви и други опасни несакани ефекти од фајзеровата вакцина .
„Вистиномер“ ја разгледа оваа студија која што е цитирана во постот кој го рецензираме и се консултираше со експерти од областа на медицината за да ја објаснат. Професорот на Медицинскиот факултет доктор Драган Даниловски објасни дека материјалниот ентитет, спајк протеин воопшто не влегува во организмот.
Инструкцијата за негово производство, во форма на мРНА, доаѓа само во цитоплазмата (рибозомот), а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин – а не е – овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, вели проф. доктор Даниловски.
Студијата е јавно достапна, ја користела и ЕМА
Иако лажно се тврди дека оваа студија од Јапонија ,,протекла” со што се инсинуира дека таа била некако затскриена, сепак таа е јавно достапна со месеци. Како што може да се види од следниот документ, таа била и користена од страна на Европската медицинска агенција во одобрувањето на вакцините (страница 45 овде).
Од студијата јасно може да се види дека е спроведена врз глувци, а не врз луѓе. Резултатите од оваа студија на начинот на кој се претставени во постот што го рецензираме, се неточно претставени. Зошто? Затоа што се наведува јавноста да помисли дека она што е мерено во студијата се концентрации и акумулации на спајк протеинот кој се создава по вакцинацијата, а всушност тоа што е мерено е липидна концентрација!
Оваа фотографија која е споделена во постот се користи на начин што е манипулативен. Потцртани со жолта боја се деловите што треба да сугерираат дека после повеќе поминати часови после вакцинацијата, се создава поголема липидна концентрација во јајниците. Меѓутоа, ако се погледне од десната страна за КОНТЕКСТ, ќе се види дека концентрацијата расте зашто расте и дозата на дадената вакцина, така што таа во моментот кога била дадена во највисока доза, изнесувала 0.095 проценти, односно 0.00095 од дозата. Не на спајк протеинот, туку на вакцината! Тоа не е потцртано во фотографијата, за да се манипулира со неа.
Ова се прави и покрај тоа што има јасни докази кои сугерираат дека вакцината нема ефект на функцијата на јајниците.