АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Објава на Фејсбук поттикнува класичен антиваксерски став и секаков друг отпор против мерките за справување со пандемијата на корона вирусот, врз основа на една од теориите на заговор.
Во објавата може да се прочита тврдење на авторот на постот дека „целата поента била целосна контрола врз населението“, а како главен доказ се нуди изјава од неименуван млад човек кој ја раскажува малку пошироко таквата теорија.
Во постот на Фејсбук се наведува следното тврдење:
Многу луѓе знаеjа што ќе ни следува. Работите беа очигледни. Целата поента беше и се уште е владите да воспостават целосна контрола врз населението и да ја избришат таа средна класа која на олигарсите најмногу им смета во профитот.
Слушнете!
Под ваквата објава и тврдење следува она што треба јавноста да го слушне: видео на кое се гледа како некој млад човек, кој е дел од некаков протест, најверојатно во Канада, зборува од почетокот за тоа што се случува во пандемискиот период и како тоа ги афектира Канаѓаните, за на крај да поентира дека ниту носењето маски, ниту вакцинацијата не помагаат и дека станува збор за циклични пoстапки на системски планирани „локдауни“.
„Затоа не ви требаат вакцинитe, зашто откако ќе ги примите ќе ви кажат, извинете, не знаевме дека не се толку ефикасни“, вели човекот и продолжува:
Сега тие (властите-н.з.) ја правата истата работа. Почнувајќи од јули, август и септември го укинуваат затворањето, за повторно да нè стават во иста позиција. Дали сè уште не разбравте? Станува збор за повторувачки циклуси од кои никогаш нема да излезете. Бидејќи тоа е начинот да ви ги одземат вашите права, вашата слобода, за да ви го затворат бизнисот, да ви го земат животот. Зошто? Ако сте независен, владата работи за вас. Ако вие зависите од владата и ви дава чекови за да се нахраните, бидејќи сте го затвориле бизнисот, владата не работи за вас, туку таа ве управува. Така што, наместо постоење на средната класа, останува горната класа на владата и долната класа, која е зависна од владата за да преживее. Со други зборови, имаме класа на робови. И тоа е тоа што се обидуваат да го направат. Толку е едноставно!
Ваквото тврдење, кое е поддржано од авторот на постот, не е ништо друго туку само една варијанта од двата главни правци на ширeње на теориите на заговор.
Но, пред да преминеме на анализата на ваквата теорија на заговор, она што е важно и што треба да се каже, тоа е дека барем меѓу владите во Европската унија и САД, нема такви, чиј официјален став е дека вакцините се неефикасни или дека не се „толку ефикасни“ колку што се очекувало. Напротив, уште првичните испитувања на вакцините врз големи групи луѓе покажуваа високи резултати на ефикасност од над 66 отсто за најголем број од вакцините, при што повеќе од нив имаат над 90 отсто ефикасност.
Меjинстрим или главниот правец во теориите на заговор околу корона вирусот се развиваа во две варијанти: оние кои се сомневаат во однос на сериозноста на последиците што ги остава вирусот и на оние кои сугерирaат дека станува збор за биолошко оружје. Вака еден од постарите американски медиуми „Атлантик“ од Бостон ги анализира теориите на заговор и корона вирусот.
Тврдењето на човекот во видеото што го гледаме, може да се базира на ставовите на двете насоки на теоријата на заговор, иако е поблизок до тврдењeто на првата, дека не станува збор за сериозен вирус, а владата со тоа манипулира и ги користи мерките сè со цел да ја уништи средната класа. Ваквите теории на заговор, кои не се нови, туку само се мултиплицираа за време на пандемијата, се разгрануваат и во многу други насоки, но главно завршуваат со „контролата“ како крајна цел, а антиваксерството е само една алатка која треба да го спречи тоа. Анализа на теориите на заговор направи и Би-Би-Си во 2019 г. и повеќе детали може да се прочитаат тука.
На пример, во време кога беше актуелна трансмисијата на ХИВ вирусот, се појавија теории на заговор кои укажуваа дека целта на вештачки произведениот вирус била да ја прочисти Америка (и светот) или дека вирусот најмногу го ширеле во САД Афро-Американците, поради нивната образовна и социјална позиција во општеството.
Иако постојат примери дека корона вирусот влијае врз средната класа, како што пишува „Њујоркер“, постојат и други примери од кои може да се види дека тој влијае на целото општество и ги погаѓа сите слоеви. Општествените последици или последиците по економиите од пандемијата беа големи, па, така што не се гледа јасна причина, ниту има доказ зошто ваквата состојба би била дополнително поттикната од некоја влада, во случајот канадската, која би ги штитела интересите на горната класа со цел да управува со големиот дел од населението преку уништување на средната класа.
Повеќе станува збор за теории на заговор кои се појавуваат во момент кога општеството е погодено од некоја стресна ситуација и кога станува „нестабилно и нездраво, по што луѓето се приклонуваат кон теориите за да ја појаснат својата немоќ“, вели уште во 2019, пред пандемијата, еден од американските експерти за теории на заговор, новинарот Чип Берлет.
И сосема мало познавање на економските или социолошките науки укажува на тоа дека прашањето на постоење на средната класа е клучно во опстојувањето на стабилните општествата, уште од појавата на класите, но особено со појавата на капитализмот, неговиот контрапункт социјализмот и сите подоцнежни деривати, комунизам, социјалдемократија, либерализам и неолиберализам, постнеолиберализам или посткапитализам и слично, еден куп идеологии на левата или десната страна во спектарот на чинители во општеството.
Така што, средната класа е повеќе економско и идеолошко прашање, неретко и прашање на технолошкиот развој и стравовите што таквиот развој ги носи со себе, а не прашање на теории на заговор или цел на контрола. И, уште поважно, средната класа не може да се опише како пречка во профитот на олигарсите, зашто насоките во кои се движи современиот капитализам покажуваат дека без образувана и задоволна средна класа, не може да се смета на високи стапки на профити од бизнисите, со исклучок на мал број сектори.
Оттука, јасно е дека во постот што го рецензираме нема ништо друго освен теорија на заговор за која не постои ама баш никаков доказ – манипулација со корона вирусот од страна на влади и поединци со цел уништување на средната класа и со крајна поента „владите да воспостават целосна контрола врз населението и да ја избришат таа средна класа која на олигарсите најмногу им смета во профитот“.
Поради тоа, ваквото тврдење во постот што го рецензираме може да се оцени како дезинформација, која ги поткопува мерките за борбата против ковид-19, кој може да биде и смртоносен за луѓето.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар