2win800x200

Вакцината против ковид-19 не содржи крв од деца

Јули 27, 2021

Неточно е тврдењето во постот дека изумителите на вакцините признале оти составен дел на вакцините е крвта од деца. Не навлегувајќи во религиозните аспекти на постот, ниту, пак, во верските чувства, фактичките медицински информации од науката негираат постоење на крв или крвни продукти во вакцините, ниту од возрасни, ниту од деца. Како невистинити ги оценуваме и наводите дека вакцинацијата е задолжителна

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто лажно се тврди дека вакцинирањето е задолжително. Временскиот контекст во којшто е споделен статусот, односно датумот на неговата објава – 30 јуни 2021 година, алудира на вакцината против ковид-19 актуелна во посочениот временски период.

Постот почнува со зборовите:

За задолжителното вакцинирање

Вакцинирањето не е задолжително. Секој граѓанин избира дали сака или не сака да се вакцинира, по што изразува интерес за вакцинација преку пополнување на формулар.

На официјалната страница за вакцинација на Министерството за здравство, јасно е наведено дека вакцинирањето е доброволно.

Доколку граѓанинот од која било причина одлучи да не се вакцинира, тогаш тој за излез од државата и за влез во определени земји (согласно националната политика и стратегија на секоја држава засебно), треба да приложи ПЦР тест. Министерството за здравство, исто така, издава и сертификат дека некој прележал ковид. Механизмите за патување за оние кои од било која причина не сакаат да се вакцинираат се бројни.

Понатаму во постот што го рецензираме се наведува:

Ако јадењето на крв од животни човекот го оделува од Бога, тогаш колку повеќе крвта од малите деца го оделува човекот од Бога, која е состав на вакцините (за кое признаваат и нивните изумители). Зарем сето ова нѐ треба да ни предизвикува загриженост?! Треба да одговориме: „Не, благодариме Цезаре! Нема да те послушаме! Повеќе сакаме да умреме доколку Господ дозволи, но нема да се согласиме да ни ја убиете и душата и телото!“

Дали навистина вакцините против ковид-19 содржат крв од мали деца и дали тоа го признале нивните изумители? Се разбира дека не.

Целосниот состав и сите компоненти на вакцините кои се администрираат во Македонија може да се пронајде на следниот линк на официјалната страница за вакцинација.

Детската болница во Филаделфија, САД, објавува одговори на најчесто поставувани прашања на следниот линк.

Вакцината против ковид 19 било да е мРНА вакцина или аденовирусна вакцина, не содржи какви било крвни продукти, вклучително црвени крвни зрнца, бели крвни зрнца или тромбоцитинаведуваат оттаму.

На следното кратко видео, доктор Пол Офит зборува за состојките кои ги има во ковид вакцините. Таму не се споменуваат крвни продукти, ниту крв од деца, како што лажно се тврди во овој пост.

Двете болници кои работат под заедничкиот бренд „Небраска Медисин“, а се лоцирани во градот Омаха во сојузната држава Небраска во САД, објавуваат дека вакцините не содржат клетки од абортирани фетуси:

Ниту една ковид-19 вакцина нема користено клетки од фетуси од претходни абортуси. Разбираме дека оваа тема е многу чувствителна во верските заедници. Сакаме сите да донесат информирана одлука. Ги охрабруваме сите што се загрижени дека се користени клетки од фетуси во вакциналниот развој да ги измерат ризиците и бенефитите на вакцините со својот лекар.

Клонирани фетални клетки (НЕ ФЕТАЛНО ТКИВО) некогаш се користат при развојот или продукцијата на вакцините. Фајзеровата вакцина не е направена користејќи човечки клетки, но тие се користеле при тестирањето на вакцината. Овие клетки не се од неодамнешни абортуси, туку од клеточни линии изведени од фетални клетки од фетуси од пред 4 или 5 децении. Феталните клеточни линии се клетки кои се одгледуваат во лабораторија. Индивидуалните клетки од 1970-ите или 80-ите години оттогаш се имаат размножено во многу нови клетки, креирајќи фетални клеточни линии. Овие фетални клеточни линии се оддалечени од оригиналните фетални клетки со илјадници генерации и тие не содржат никакво ткиво од фетуси.

Но, овие клетки не се дел од составот на вакцината! Крвни продукти, пак, воопшто не се дел од составот, ниту тестирањето на вакцината, ниту од нејзиното производство.

Невистина е изнесеното во постот, дека изумителите на вакцините признале оти составен дел на вакцините е крвта од деца. Не навлегувајќи во религиозните аспекти на постот, ниту пак, во верските чувства, фактичките медицински информации од науката, негираат постоење на крв или крвни продукти во вакцините, ниту од возрасни ниту од деца.

Исто така, како невистинито го оценуваме и тврдењето дека вакцинацијата е задолжителна.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани