АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Анализираме пост на Фејсбук, еден од низата со теории на заговор дека во вакцините против ковид-19 има чип, што се внесува во телото на оние кои ќе се вакцинираат. Ако досега ваквите тврдења беа наменети за мРНА вакцините, во овој пост на удар е руската вакцина Спутник.
26.07.2021 Инфо Русија Одстранет чип од раката. Вакцина Спутник. Наводно, станува збор за вакцината Спутник. На видеото можете да видите како црната честичка магнетно реагира и тие успеаја да го извадат ова парче. Се сомневаме дека течниот графен оксид во телото е составен поради човечкото електрично поле. Ова веројатно се случува низ целото тело.
Под постот има видео на кое лице со ракавици на рацете со метално парче ја сече кожата на друго лице во пределот на рамото, и со магнет се обидува да извади нешто. На крајот од видеото црно парче метал наводно е извлечено од раката на лицето кое наводно се вакцинирало. Велиме наводно, бидејќи никаде не е докажано дека лицето примило вакцина Спутник и бидејќи на крајот нејасно се гледа како црното парче метал излегува од раката.
Секој кој ќе го погледне видеото ќе сфати дека тоа е нереално, бидејќи вакцините против ковид-19 се безбојни и во течна форма, и тие се аплицираат со многу тенка, обична игла. Тоа значи дека е невозможно толкаво парче метал да помине низ иглата на вакцината и да се внесе во човечкото тело.
Вистиномер досега неколкупати ги дебанкираше информациите дека вакцините против ковид-19 содржат некаков чип. Факт е дека вакцините не содржат микрочипови. Целата драма со наводни микрочипови, преку кои, наводно, населението ќе биде следено, нема врска со реалноста. Всушност, компанијата „АпиЏект“ од САД, размислува за „опционален микрочип“, ама тој би бил на етикетата од шприцот и нема да се инјектира при имунизацијата. Важно е да се каже дека овој микрочип е наменет само за САД, а не за Македонија. Оваа технологија е сосема опционална и американската влада сè уште нема ни одлучено дали сака да ја користи или не. Исто така, вакцините на ниту еден производител не содржат метали. Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на Спутник содржи 0,5 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто.
Понатаму, постот тврди дека вакцината содржи течен графен оксид кој се составил поради човечкото електрично поле. И оваа информација Вистиномер досега неколкупати ја дебанкираше. Имено, не постојат цврсти и научни докази дека вакцините против ковид-19 во својот состав имаат графен оксид.
Составот на вакцините е јавно објавен на веб страницата ковид19вакцинација.мк. Вакцината Спутник содржи активна супстанција: рекомбинантни аденовирусни честички серотип 26, кои содржат ген протеин С на вирусот SARS-CoV-2 и помошни состојки: трис(хидроксиметил)аминометан, натриум хлорид; сахароза; полисорбат; магнезиум хлорид хексахидрат; динатриум сол дихидрат на етилендиаминтетраоцетна киселина; етанол; вода за инјекции. Значи, никаде во составот на вакцината не се спомнува течен графен оксид.
Од сето ова може да заклучиме дека постот кој го анализираме шири лажни информации оти вакцината Спутник содржи некаков чип и дека во нејзиниот состав има графен оксид. За ваквите тврдења не постојат никакви научни докази и истите ги шират луѓе кои се познати по ширењето на разно разни теории на заговор поврзани со вакцинацијата против ковид-19.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар