2win800x200

Со ковид-19 вакцините не се вршат репресии и експерименти кај луѓето

Август 07, 2021

Постот што ги рецензираме  изнесува неточни  и манипулативни тврдења дека невакцинираните ќе бидат подложени на репресии и присилни тестирања, кои наликуват на дехуманизираниот однос на нацистите кон Евреите за време на Холокаустот и дека вакцинацијата ќе стане задолжителна. Засега, пак, има само најави за можни рестрикции за невакцинираните лица, исклучиво заради заштита на јавниот интерес и општото здравје на населението, а вакцините се овластени за итна употреба и ги имаат поминато сите фази на клинички испитувања, кои ги оценуваат како безбедни и ефикасни против сериозни последици на корона вирусот

Во пост на Фејсбук се прави груба паралела помеѓу репресиите и експериментите врз Евреите од страна на нацистите и најавата на министерот Филипче за можни рестрикции за невакцинираните, допоплнително се тврди дека ќе има и присилна вакцинација во крајна фаза, што е сосема неточно.

Вакцините не се репресија и експеримент, ниту се задолжителни, а имунизацијата најмалку ја има целта на нацистичка Германија за геноцид и уништување на една раса.

Откако се создаде омраза кон Евреите, тогаш на репресиите кон нив не се гледаше како на репресија, туку како на оправдани мерки „за заштита“ на нацијата. Денес, омразата кон невакцинираните е креирана, дискриминацијата започнува и постепено ќе кулминира во неподнослив живот (забрана за продавница, градинка, банка, временски рестрикции да излегуваат во тотално несоодветни и тесни временски рамки), исто како на Евреите во нацистичка Германија,  се наведува во постот.

Ваквите тврдења се неточни и неспоредливи. Невозможна е каква било аналогија  на ограничувањата заради ковид-19 со нехуманиот третман на еврејско население за време на Холокаустот. На ваков начин грубо се злоупотребува историјата и човечките страдања. Сите држави рестрикциите ги предлагаат искучиво заради јавниот интерес и справување со пандемијата, која одново ескалира. Како што пренесува „Сиетл тајмс“, дури и преживеаните од Холокаустот во Италија повикаа луѓето да не се плашат и да ја примат вакцината, посочувајќи пример на 90-годишна Еврејка која го сторила тоа.

Денес е 2021, но не е многу поразлична од 1934 година, ќе завршам тука со датите како на Eвреите постепено им беа одземани слободите, почнувајки од 1933 година, ова не е минато ова е блиска иднина, се вели во постот и се наведува детална листа на одземени права и слободи на Евреите.

И ова тврдење е манипулација, која има за цел да шири паника и став во јавноста. Одземањето  на сите права и слобода на Евреите во никој случај не може да се поистоветува со евентуалните ограничувања заради заштита од ризикот од ковид-19. Впрочем, и Филипче посочува дека евентуалните мерки мора да бидат осмислени добро за да продолжи нормално животот.

Ние не можеме да живееме ниту затворени, ниту со рестрикции, ниту да трпи повеќе економијата, посебно сега кога има вакцина на располагање“, вели Филипче во текстот којшто е споделен во самата објава на Фејсбук.

Кетрин Сикинк, експерт за човекови права на Харвард, во својата статија „Права и одговорности во време на корона пандемија“, објавена на страницата на Open Global Rights, објаснува дека за да го заштитиме нашето колективно право на здравје во тековната пандемиска ситуација, треба да ги балансираме нашите индивидуални права со колективните одговорности.

Ова балансирање на правата е предвидено во Универзалната декларација за човекови права (UDHR), која зборува за ограничување на правата на „почитување на правата и слободите на другите”. Сепак, UDHR оди понатаму и признава дека секој од нас има „должности кон заедницата”, а нејзината преамбула не повикува сите нас да ги промовираме правата. Изготвувачите сакале да истакнат дека сфаќањето на целосниот потенцијал на UDHR  е колективен напор, посочува Сикинк.

Ковид-вакцините не се експериментални

Во постот, исто така, стои:

Голем дел од медицинските достигнувања се резултат на присилните тестови кој се правени над Евреите. Денес, во крајна фаза ќе биде присилна „вакцинација“. Сега како и тогаш станува збор за медицински тестови („вакцини“), кои не се воопшто докажани ни во нивна ефикасност ни во нивна безбедност.

Вакцините не се експериментални тестирања, а најмалку се присилни или задолжителни како експериментите врз Евреите, вршени без нивна согласност. Тие веќе се овластени за употреба од здравствени агенции, како што е Агенцијата за храна и лекови (ФДА). Единствено поради сериозноста на пандемијата, производителите првично аплицирале за итна употреба на вакцините, која се користи за време на вонредна состојба, а „Фајзер“ и „Модерна“ во меѓувреме имаат поднесено и барање за целосно одобрување, кое претставува подолг процес.

Како што објавува „Ројтерс“, ковид -19 вакцините ги имаат  завршено и сите испитувања на животни и клинички испитувања и ги имаат објавено студиите од трите фази на испитувањата (ФајзерАстра ЗенекаЏонсон и Модерна). Високиот процент на нивна ефикасност, особено за делта сојот, го потврдува и компаративната студија на Кејти Катела објавена на страницата на Yale Medicine, која нуди  специјализирана експертиза од врвни стручњаци. Постојан мониторинг, пак се врши за сите вакцини, вклучувајќи ги и оние кои се користат со години, за да се откријат какви било негативни ефекти. „Само затоа што студиите продолжуваат, не значи дека секој што ја добива вакцината во наредниот период е дел од експериментот“, објаснуваат проверувачите на факти на Фул факт.

Од сите наведени факти, може да заклучиме дека постот што го рецензираме изнесува неточни  тврдења, кои  создадат паника и страв и ја манипулираат јавноста. Ковид вакцинацијата не е експеримент за истребување на невакцинираните, а вакцините кои се овластени за итна употреба ги поминале сите стандардни процедури за клинички испитувања и се врши постојан мониторниг за откривање на какви било несакани ефекти.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани