АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: Мирослава Бурнс
Вакцинацијата е единствен начин да се стави крај на пандемијата. Во оваа заедничка борба сите подеднакво ја делиме одговорноста. Секој граѓанин кој не е имунизиран го изложува на ризик своето, но и здравјето на останатите. За да го спречиме враќањето на рестриктивните мерки и да го вратиме нормалното секојдневие, важно e секој од нас да даде свој придонес и да се вакцинира, велат од Министерството за здравство.
Мал дел од вакцинираните со две дози се инфицираат, а значително е помал бројот на хоспитализирани со тешка форма на болеста и смртни случаи. Но, овие ретки појави познати како „breakthrough cases“ или случаи на пробивање на имунитетот, треба да се очекуваат, бидејќи историски е познато дека ниедна вакцина не е 100 проценти ефикасна. Според прегледот на доказите од Центарот за контрола на болести на САД, податоците од Велика Британија, Канада и Израел, вакцината на „Фајзер“ е повеќе од 90 проценти ефикасна против хоспитализација или смртен исход, дури и кога инфекцијата е со делта варијантата. Според ЦДЦ, невакцинираните луѓе имаат 8 пати поголема веројатност да бидат инфицирани со коронавирус и да имаат лесна форма на болеста, 25 пати поголема веројатност да бидат хоспитализирани и 24 пати поголема веројатност да имаат смртен исход од ковид-19 во споредба со луѓето кои се вакцинирани, објаснува доктор Мехмедовиќ.
Во државите со висок процент на вакцинирани, брановите на ковид-19 не доведуваат до зголемена хоспитализација или зголемен процент на смртност. Примерот од Велика Британија покажува дека и покрај огромниот пораст на случаи поради делта варијантата, има само мали зголемувања на хоспитализации и смртни случаи, од кои најголем дел, преку 95 проценти од хоспитализациите се кај невакцинирани случаи. Затоа, не треба да се фокусираме на овие ретки случаи на пробивање. Вакцинираните лица треба да бидат внимателни, но сепак можноста за инфекција е 8 пати помала кај нив споредено со невакцинираните лица. За да ја прекинеме оваа пандемија, потребно е да се фокусираме на зголемувањето на процентот на вакцинација со вакцините кои сè уште се високо ефикасни кон сите варијанти на вирусот. Доколку ова набрзо не го оствариме, голема е веројатноста дека ќе се појави нова варијанта на вирусот која ќе биде целосно отпорна на ефектот од вакцините, додава Мехмедовиќ.
Бидејќи времето од контакт до ПЦР позитивитет е намалено и, бидејќи концентрацијата на вирус е повисока, ќе треба агресивно следење на контакти и изолација на заразените и нивните контакти. Исто така, одговорност и на населението коешто нема решенија, ама има сознанија за контакт со позитивен или за појава на симптоми. Бидејќи концентрацијата на вирус е повисока, таа спаѓа во опсегот на детекција на рапид антигенските тестови. Значи 70-80 проценти од ПЦР позитивните би се детектирале и на рапид антигенски. Ова ќе овозможи побрзо тестирање и скрининг на населението. Значи, на ден 5 од контактот со позитивен би можеле да се детектираат приближно 60 проценти oд позитивните со рапид антигенски тест. Што значи ова за вакцините? Вакцините сè уште си ја вршат својата работа. Во зависност од вакцината, ризикот за зараза е 10-20 пати намален во споредба со невакциниран (непрележан). Значи луѓето сеуште може да се заразат, посебно тие што се во постојан контакт со заразен, ама веројатноста е драматично намалена. Вакцинираните покрај тоа што имаат помала веројатност да се заразат, доколку се заразат имаат помала шанса да заразат некој друг. Вакцините сеуште си ја вршат својата работа. Во зависност од вакцината, ризикот за сериозни симптоми и смртен исход е десетици можеби и стотици пати намален во споредба со невакциниран (непрележан). Пример ако кај невакцинирано население би имало 20 смртни исходи, кај вакцинирано би имало 1. Неопходно е приоритетно вакцинирање на постарото население и населението со коморбидитите. Така ќе се намали бројката на сериозно болни и бројката на смртни исходи. Доказ за ова е Велика Британија каде што има нов силен бран (како есенскиот), но минимален број на хоспитализации и смртни исходи поради големиот процент на вакцинирано население, посебно постаро. Со понатамошна вакцинација и евентуално трета доза, ќе може да се намали и ланецот на трансмисија. Така ќе се сузбие пандемијата. Нема друг начин, само вакцини, редовно тестирање и одговорност, вели Кунгуловски.
Чувствувам потреба да појаснам што, всушност, значи високата ефикасност на вакцините во спречување смртен исход од ковид-19. Не познавам процедура која гарантира апсолутна стопроцентна заштита од некоја болест или смрт во било кое поле, па ни во медицината. Така е и со вакцините. Како што претходно имам пишувано, студиите за процена на ефикасност можат да проценат дека некоја вакцина е 100 проценти ефикасна во даден експериментален дизајн, но во реалноста, најчесто се случува вистинската ефикасност на ниво на популација (која ја нарекуваме ефективност) да е неколку проценти пониска. Па, така, на пример првично проценета ефикасност, во реалноста може да варира од 93 проценти до 99.9 проценти (илустративен пример). Што тоа значи? Најупростено, 99 проценти ефикасност во спречување на смрт од ковид-19 би значело дека ако од 100,000 невакцинирани би ни починале 1,000 луѓе, од 100,000 вакцинирани ќе ни починат 10 луѓе, доколку се заразат. Така да не значи дека нема никогаш повеќе да видиме луѓе да починуваат од ковид-19 доколку сите ги вакцинираме. Ќе гледаме, но разликата ќе биде огромна споредено со тоа ако не сме ги вакцинирале луѓето. Разликата е огромна и ако таа ефикасност е на пример 90 проценти – во дадениот пример, тоа се 900 спасени животи на 100,000 вакцинирани. Се надевам дека ова ќе ги разреши дилемите во јавноста доколку имало некакви забуни. Вакцините делуваат.
Случаите на пробивање на имунитетот се очекувани, дури и кога имате високоефективна вакцина, вели Рој М. Гулик, шеф на одделението за инфективни болести во Вел Корнел Медисин во Њујорк за „Вашингтон Пост“.
За да се разбере зошто ова е така, треба да се сфати што се, а што не се вакцините.
Кога ќе чуете за случај на пробивање на имунитетот кај вакцинираните, ова не значи дека вакцината потфрла, изјави Ентони Фаучи, водечкиот експерт за инфективни болести во САД.
Сè уште е точно дека вакцините штитат од сериозен тек на болеста и хоспитализации и смрт, заклучува тој, а пренесува „Вашингтон Пост“.
Кога имунизираните не се тестираат често, можно е многу вакви случаи на пробивање на имунитетот да се пропуштат како благи настинки и да поминат незабележано. Ако вакцинираните луѓе репетитивно се тестираат, без разлика на симптомите, како во случајот со Олимписките игри, на пример, тие тестови може да се покажат позитивни уште пред имунолошкиот систем да ја победи заразата. Значи, на тие тестови се покажува слаб вирус. Вакцината речиси секогаш превенира многу да се разболите, но не секогаш може да ја запре инфекцијата, се вели во текстот на „Вашингтон Пост“. Исто така, не секоја инфекција прогресира во ковид-19. Можно е вирусот да постои во нечија уста или нос, без да предизвика замор, болки, губење на мирисот и вкусот, или други карактеристични симптоми за ковид-19. Ова е познато како асимптоматска инфекција.
Значи, иако е можно вакцинираните со две дози да се заразат со ковид, па дури и кај имунокомпромитираните пациенти со слаб имун систем како последица на комбинацијата на коморбидитети и ковид-19, да настапи и смрт (ретки случаи), сепак вакцините се ефикасни и делотворни во превенцијата на тешката форма на ковид-19, полнењето на болничките кревети и фаталниот исход кој без вакцината е многу почест отколку со неа.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар