АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пост на Фејсбук споредува светски пијалок со мутациите на коронавирусот, со тврдење дека исто како што пијалокот може да биде заборавен ако не се рекламира, така и мутациите на вирусот се користат да се „рекламира пандемијата“.
Споредбата на пијалокот има за цел да наведе дека и во пандемијата важи потрошувачкото правило – колку повеќе се зборува за еден производ, толку повеќе се троши.
Овие две работи – светски најпознатиот пијалок со пандемијата се апсолутно неспоредливи.
Тврдењето дека целта на новите мутации е да ја рекламираат „пландемијата“, како што во постот е именувана пандемијата со корона вирусот за да се продава стравот, нема никаква основа. Човекот засега нема контрола врз мутациите на вирусот, според тоа, ниту може да управува со неговата распространетост.
Научно е докажано дека вакцините можат да го ограничат ширењето на вирусот, а масовната вакцинација во минатото придонела за искоренување на одредени заразни болести.
Научен факт е дека вирусите природно мутираат, објавува американскиот Центар за превенција и контрола болестите (ЦДЦ).
Новите варијанти на вирусот се случуваат затоа што вирусот што предизвикува ковид-19 постојано се менува преку природен тековен процес на мутација (промена). Дури и пред вакцините за ковид-19, постоеја неколку варијанти на вирусот. За очекување е дека варијантите продолжат да се појавуваат, бидејќи вирусот продолжува да се менува.
Откриени се бројни мутации кај вирусот САРС-КоВ-2 од почетокот на пандемијата, но само два случаи на мутации претставуваат поголема закана. Овие соеви на вирусот се нарекуваат алфа и делта. Најновиот вид наречен Омикрон, откриен неодамна, го загрижи светот поради тоа што има дури 32 различни варијанти и поради тоа се нарекува супер вирус.
Сепак, Светската здравствена организација соопшти дека е во координација со научниците и истражувачите за подобро да го разбере овој нов сој.
СЗО работи со технички партнери за да го разбере потенцијалното влијание на оваа варијанта врз нашите постоечки контрамерки, вклучувајќи ги и вакцините. Вакцините остануваат клучни за намалување на тешките болести и смртноста, вклучително и против доминантната варијанта, делта. Сегашните вакцини остануваат ефикасни против тежок облик на болести и смрт, соопшти СЗО.
Експертите сметаат дека постои значителна можност омикрон варијантата, поради големиот број мутации што ги содржи, да потекнува од тело со слаб имунитет . Во таков организам, вирусот може да остане долго време, поради што добива повеќе простор за мутации и колку повеќе вирусот се реплицира, толку почесто се случуваат „грешки“ во пренесувањето на генетскиот код.
Научници цитирани од британскиот весник „Гардијан“, соопштија дека новата варијанта на коронавирусот, која носи исклучително голем број мутации, „може да поттикне дополнителни бранови на болеста со заобиколување на човековиот имунитет“.
Научниците не очекуваат дека варијантата ќе биде целосно непрепознатлива за постоечките антитела, само дека сегашните вакцини може да дадат помала заштита. Значи, клучна цел останува да се зголеми стапката на вакцинација, вклучително и бустер дозите за ризичните групи.
Наредните две недели се очекува да се види однесувањето на новите мутации на Омикрон. Првичните сознанија се дека иако вирусот има голема преносливост, сепак, заразените имаат полесни симптоми.
СЗО препорача неколку, како што ги нарече, „најефективни чекори“, што секој од нас може да ги преземе за да го намали ширењето на вирусот. Тоа се држење физичко растојание од најмалку 1 метар, употреба на добро прилагодена маска, проветрување, често миење раце со сапун и вакцинација.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар