АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се изнесени низа дезинформации за ковид-19 и симптомите кои ги предизвикува овој вирус. Станува збор за исклучително вирален пост, кој има досег до голем број на корисници на социјалната мрежа, поради тоа што е споделен над 70 пати и има повеќе од 250 допаѓања.
Под етикетата ,,вистината за ковид”, авторот наведува дека ковид е ,,проект кој го спроведуваат глобалистите, сатанистите и фармацевтската мафија”. Потоа, тоа се меша со тезата дека се врши запрашување со отрови и тешки метали.
Трагите од авионите кои се гледаат на површината на небото, не се природни, туку отрови и метали. Многу отрови и метали со кои не запрашуваат предизвикуваат симптоми на таканаречениот ковид. Сарин е најопасен нервен агенс кој ги напаѓа белите дробови, очите и кожата! Алуминиумските нано честички продираат во мозокот преку крвта и нервите за мирис во носот, губење на чувството за мирис, го зголемува бројот на болести како Алцхајмеровата и Паркинсовата болест. Хлорот и фозгенот предизвикуваат висока температура, бронхоспаземија и едем на белите дробови, гушење. Рицин предизвикува стомачна болка, повраќање и дијареа. Е сега замислете кога ќе се направи коктел од овие отрови, збогатен со жива, каква е таа опасна прашина што ја вдишуваме. Овие опасни нано материјали со вдишување се внесуваат директно во крвотокот и предизвикуваат воспаление на белите дробови, во зависност од тоа колку сте вдишале и каква е состојбата на вашиот имунитет. Затоа во фамилијата некој ќе добие воспаление на белите дробови, а некој не. Алуминиумот влијае на мирисот и вкусот, вели авторот на текстот.
Тој додава дека болниците немаат лек, а секој починат го бележат дека е од ковид.
Ковидот не постои! Ковидот е проект со кој сакаат да ја намалат човечката популација. Фармацевтската мафија не сака да се дознае за проектот, па преку СЗО забрануваат да се изврши обдукција за да не се открие правата причина за смрт, која е присуство на отрови во организмот.
Фактите се дека СЗО нема забрането обдукции на починати од ковид-19. Само во С. Македонија, на Институтот за судска медицина извршени се повеќе обдукции на починати од ковид 19 во земјава, но само ако за тоа има индикација. Тоа е официјално потврдено од патолозите кои ги вршеле обдукциите. Уште на 1 јули 2020 година, имаше информации од завршени обдукции на починати со ковид-19. Доколку СЗО ги забранила обдукциите, тогаш тие немаше да се изведуваат насекаде во светот, како што е случај.
Има и заклучоци од интернационални студии за спроведени обдукции на ковид позитивни починати пациенти. Оттаму, не е точно дека СЗО има забрането обдукции.
За тврдењето дека секој починат го ,,бележат како да е од ковид”, СЗО има издадено протокол како да се евидентираат починатите од ковид и со ковид. Во препораките на СЗО пишува дека секоја смрт што настанала од Ковид-19, дури и веројатните случаи кои имаат неодреден резултат, или пак, сомнителните случаи кои не можеле да се тестираат, да се водат во статистиката како смртни случаи од ковид-19. Во препораките за евиденција на ковид смртни случаи стои:
Како смрт поради ковид-19 се дефинира смрт што резултирала од клинички компатибилна болест, во веројатен или потврден случај на ковид-19, освен ако не постои јасна поинаква причина за смртта, која не може да се поврзе со ковид-19. На пример, траума. Смрт што настапила поради ковид-19, не смее да се атрибуира на друга болест, на пример, канцер и треба да се брои независно од околностите за кои постои сомнеж дека го поттикнале агресивниот тек на ковид-19.
Во врска со делот од постот каде авторот тврди дека ковид не постои, туку дека неговите симптоми се резултат на запрашување со отрови од небото, за ова тврдење нема докази. Има докази, пак, дека ковид-19 е болест предизвикана од коронавирусот. Ковид-19 постои и е реален, а тоа го потврдуваат секојдневните бројки на заболени луѓе и починати од вирусот, но не е поврзан со никакво запрашување од авиони како што се сугерира во постот што го рецензираме.
Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.
Според истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви теории на заговор, не е најден „ниту еден веродостоен доказ дека „кемтрејлс“ постои“.
Исто така, во врска со оваа тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата.
Што се однесува до „кемтрејлс“ конспиративните теории, истите досега се повеќепати разоткриени од проверувачите на факти, меѓу кои, чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz., српскиот сервис Istinomer.rs , како и во повеќе рецензии на „Вистиномер“.
Ваквата теорија на заговор е категорично отфрлена од научната заедница.
Уште пред пет години (ноември 2016) група од 77 научници објави извештај откако ги прегледа наводните докази дека некои авиони нè прскаат со хемиски супстанци. Од тие 77 научници, 76 изјавија дека не нашле докази за „тајна атмосферска програма од големи размери“. Со други зборови, доказите укажуваат на тоа дека патеките се очекуваниот резултат на авионите што летаат во воздухот.
СЗО е децидна дека има социјални контексти, односно услови во коишто вирусот многу лесно се шири, како во затворени простори, со многу луѓе, кои не се соодветно проветрени, во ноќни клубови, канцеларии, ресторани, места каде што се пее. Симптомите на коронавирусот се предизвикани од вирус, а не од бојни отрови. Тоа го потврдува ПЦР тестот, преку кој се врши детектирањето на вирусот во организмот на заразените. Овој ПЦР тест, испитува исклучиво гени на коронавирусот, па не може да се тврди дека симптомите потекнуваат од нешто друго, како во случајов, бојни отрови.
Како што е објаснето на веб-страницата на Центарот за јавно здравје – Скопје, методот според кој се докажува присуство на вирусот во примерокот од пациентот се одвива во 2 чекори.
Првиот чекор е автоматска екстракција на RNA со помош на автоматски екстрактор од вирусот на принцип на современ метод со магнетнипартикули, кој овоможува екстракција на високо квалитетна вирална нуклеинска киселина.
Вториот чекор е мултипликација на изолираната вирусна RNA и специфична детекција на вирусот во примерокот според присуство на специфични за Сарс Ков 2 таргет гени (N и Е гени). Овие гени се гени за структурни протеини кои се во состав на градбата на вирусот и се строго специфични само за Сарс Ков 2 вирусот од фамилијата на САРС вируси. Овој метод овозможува детекција на вирусот со висока сентизтивност и го детектира вирусот во пациент кога е присутен со минимум 10 копии од генот.
Погорниот пасус објаснет со едноставна терминологија, всушност значи дека ПЦР тестотисклучиво го пронаоѓа коронавирусот и тоа според единствено за Сарс Ков 2 специфични гени – N и E. Овие гени ги има само во Сарс Ков 2!
Оттаму граѓаните се сигурни дека кога ПЦР тестот е позитивен, ако се појават симптоми (кај некои пациенти нема симптоми односно се асимптоматски), тие се резултат на коронавирусот кој навлегол во организмот.
И на крајот лага е дека светската популација се намалува, односно дека има план на глобалисти и сатанисти да го намалат бројот на луѓе на земјата. Доказот е едноставен. Во 2021 година има 7,9 милијарди луѓе на планетата. Во 2019 година имало 7.7 милијарди. Денеска има повеќе луѓе отколку пред пандемијата.
Поради горенаведените аргументи, оценуваме дека постот кој го рецензираме е невистинит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар