АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: Жаклина Цветковска
Локалните инспекциски служби немаат доволно капацитет ефикасно да ја извршуваат работата од својата надлежност и да одговорат на бројните потреби и барања на граѓаните во општините. Недостига стручен кадар и опрема, има голем број нереализирани постапки, сложени и долги процедури, постои нехармонизираност на законската регулатива, која понекогаш е дури и противречна и им ги „врзува“ рацете на инспекторите. Нивната работа, пак, во голема мера „зависи“ од градоначалниците кои ги назначуваат.
Новиот Закон за инспекциски надзор, кој стапи на сила на 30 ноември 2019 година, решава дел од овие проблеми, но сè уште има многу предизвици. Инспекторите сметаат дека повеќе законски решенија треба да претрпат измени за да се допрецизираат надлежностите и да се отстранат сите недоследности што им ја отежнуваат работата. Општините, пак, се децидни дека со понатамошната децентрализацијата, особено фискалната, би се обезбедиле повеќе буџетски средства за инспекциски надзор што ќе овозможи доекипирање, опремување и повисоки плати за локалните инспектори, а со тоа и подобри услуги за граѓаните. Но, тие бараат и дефинирање на посебни услови за малите и рурални општини, што би биле во согласност со нивните можности и капацитети, а кои видно се разликуваат од урбаните општини.
НВО Инфоцентар спроведе истражување за локалните инспекторати, во периодот ноември 2019 – март 2020 година, кое потврдува дека инспекциските служби на локално ниво се соочуваат со бројни проблеми и предизвици.
Општините немаат доволно човечки, финансиски и техничко-технолошки капацитети за да организираат ефикасна инспекциска служба на локално ниво. Во некои општини постоеше практика еден инспектор да врши инспекциски надзор во повеќе области. Заради недоволниот број инспектори и капацитети, дури една третина од општините имаат склучено меѓуопштински договори за инспекциски надзор, кои во некои општини даваат резултати, но честопати постојат само на хартија и се склучуваат само од формален аспект, посочува за „Вистиномер“ Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентар .
Недостигаат раководители, виши инспектори, специјализирани инспектори, комунални редари. Така, во Општина Гостивар, во периодот 2016 – 2019 година, наместо предвидените 21, во инспекциската служба работеле само 10 инспектори, со исклучок на 2018 година кога биле ангажирани 11 лица. Во Општина Виница, од предвидените седум, работеле само двајца инспектори. Во Општина Дебрца, пак, предвидени се четири работни места за инспекциски надзор, но ниту едно не е пополнето. Во Општина Старо Нагоричане единствениот инспектор вршел надзор, и како комунален инспектор и како инспектор за животна средина. Во Чашка, од тројца предвидени овластени инспектори, работел само раководителот на Одделението за инспекциски работи и тој бил инспектор за животна средина, домување и комунален инспектор, покажува истражувањето на НВО Инфоцентар.
Голем дел од општините немаат ниту посебен буџет за инспекциските служби, а малите плати и надоместоци се уште еден проблем за локалните инспектори наспроти одговорноста и тежината на нивната професија. Тие се чувствуваат незаштитени, затоа што наидуваат на големи ризици при вршењето на работата и ефектуирањетто на изречените казнени мерки. Често се изложени на закани, па дури и напади. Од друга страна, надлежностите се испреплетуваат, а тоа предизвикува одолговлекување на постапките и негативни реакции кај граѓаните. Сите овие проблеми се причина за слаб интерес за овие работни места и затоа
Раководителот на Одделението за инспекциски надзор во Крива Паланка и виш комунален инспектор, Бранко Велиновски, вели дека има одреден напредок по донесувањето на новиот закон за инспекциски надзор, но и дека сè уште има голем дисбаланс со префрлањето на поголеми надлежности на општините.
Заради малите финансии и можниот мал обем за надзор во одредена област само во една општина, како и големата административна процедура за прием на инспектори, изостануваат голем број на потребни инспектори во општините. Тоа се рефлектира во неефикасно и нецелисходно спроведување на законската регулатива, која треба да важи подеднаково на целата територија на државата. Со други зборови, некаде има компетентни инспектори за соодветна област се спроведува законот, некаде пак нема, како што е случај со голем број помали општини, а тоа значи двоен аршин за граѓаните што воопшто не би требало да биде така. На квалитетот на работењето мошне сериозно влијае и недонесувањето или ненавремено донесување на урбанистичката планска документација ,како и на потребните програми кои поблиску регулираат многу области, вели Велиновски за „Вистиномер“.
Според Регистарот на лиценци за инспектор, кој го води Инспекцискиот совет, заклучно со 27.12.2021 година, има вкупно 276 лиценцирани општински инспектори, од кои 260 биле затекнати во моментот на донесувањето на Законот за инспекциски надзор од 2019 година, додека останатите 16 се стекнале со лиценца според новиот систем, кој се применува во последните две години. Од вкупниот број лиценцирани иснпектори, во Вардарскиот регион има 19, во Североисточниот 20, во Источниот 24, во Пелагонискиот 26, во Југоисточниот 29, во Полошкиот 31, во Југозападниот 39. Најголем број се во Скопскиот регион, вкупно 88 општински инспектори, но 36 од нив се инспектори во Град Скопје. За жал, 19 општини, сè уште немаат вработено ниту еден општински инспектор во својата администрација.
Методиja Димовски од Инспекцискиот совет за „Вистиномер“ посочува дека проблемите со кои се соочуваат инспекторите и на локално, и на национално ниво, се исти, а процесот на усогласување на корпусот од околу 170 материјални закони со Законот за инспекциски надзор од 2019 година, кои влијаат на инспекциското работење, се уште не е завршен.
Свесни сме за негативните состојби во инспекциското работење како последица од неусогласеноста на законските одредби, поради што Советот постојано инсистира овие процеси да бидат забрзани, за да се олесни работата на инспекторите. Значајни предизвици се недостигот на стручен кадар, како и нерамномерната регионална распространетост на локалните инспектори според секторите што ги покриваат. Од друга страна, ако на централно ниво функционираат 45 видови на инспектори, распоредени во 28 инспекциски служби, општините се надлежни за инспекциски надзор во многу помалку области, односно утврдени се само 10 видови на општински инспектори. Притоа, над две третини од вкупниот број на општински инспектори, ги сочинуваат комуналните инспектори, градежните инспектори и инспекторите за животна средина. Останатите сектори имаат од нула до неколкумина на ниво на цела држава, а тоа значи дефицит во тие области во кои општината е надлежна, вели Димовски.
Основни закони на кои се заснова работата на локалните инспекторати се законите за локална самоуправа, за инспекциски надзор и Законот за општата и управна постапка, потоа законските акти за прекршоци, за постапување по претставки и предлози, Законот за меѓуопштинска соработка и низа посебни материјални закони, во зависност од областа на која се однесува инспекцискиот надзор.
Досегашното искуство покажува дека законската регулатива е нехармонизирана, а неретко и противречна. Тоа најмногу се одразува при изрекувањето на прекршочните мерки и висината на казните. Според дел од општините, потребно е да се направи усогласување на материјалните закони со Законот за општа управна постапка, Законот за прекршоци и Законот за инспекциски надзор.
Бобан Бојковски, раководител на Секторот за инспекциски надзор во општина Куманово, за „Вистиномер“ вели дека инспекторите немаат надлежности да постапуваат во многу случаи на терен, кога странките одбиваат да се легитимираат и го напуштаат местото на настанот.
Има многу законски недоследности, нема добар систем, а од нас се очекува да ги решиме сите можни неправилности во градот, иако немаме јасно предвидени надлежности за тоа. Граѓаните што направиле прекршоци не сакаат да се легитимираат и бегаат. Комуналниот редар не може да издаде платен налог заради неусогласеност на законската регулатива со законот за прекршоци. На сообраќајниот инспектор, пак, не му е дозволено да запира возило, доколку не е со полициска придружба. Како резултат на нефункционалноста на законските решенија и на казнените мерки, во Куманово во 2019 година од поднесени вкупно 63 прекршоци, нереализирани се дури 50 случаи, а во 2020 од 37 поведени постапки реализирани се само десетина. Проблем е што прекршители се физички лица, главно невработени или социјални случаи и нема од каде да се наплати, вели Бојковски, кој смета дека институтот „комунална полиција“ мора да профункционира.
Тој посочува дека голем проблем е тоа што локалните даночни инспектори не се опфатени со законот за инспекциски надзор, што пак, ги доведува во прашање поведените постапки и нивната завршница.
Веќе две години, Министерството за финансии не издава лиценци за даночните инспектори на локално ниво, иако беше задолжено за тоа. Нивниот статус не е решен, тие немаат лиценци и доколку се поведе постапка сигурно ќе падне пред судските органи заради оваа недоследност, иако во согласност со систематизацијата и тие посредуваат во инспекциските постапки. Затоа, неопходно е и општинските даночни инспектори да бидат вклучени во Законот за инспекциски надзор и да се реши нивниот статус, посочува Бојковски.
Локалните инспекциски служби укажуваат и на недоволната координација и соработка со институциите на централно ниво. Поради честите законски измени за кои не се информирани, можат да направат банални пропусти или превиди, при што не се заштитени од кривична одговорност.
Сериозен проблем претставува постојаната промена и измена на законската регулатива, и по неколку пати во годината, заради што изостанува и навременото информирање на граѓаните за настанати нови законски обврски и права. Тоа создава заблуда кај субјектите на надзор, бидејќи испаѓа дека за едните важат едни законски прописи, а за другите поинакви. Проблем е и спроведувањето на извршноста на одредени инспекциски акти, односно обезбедувањето на извршни фирми, на пример при уривање на дивоградби. Се јавува само една фирма која има работа во многу општини, па треба да лобираш да дојдеш на ред, па некој има влијание врз неа и слично, вели Велиновски.
Општините и локалните инспекциски служби имаат забелешки и на долгиот период од една година за добивање лиценца за новите инспектори, кој предвидува тримесечна обука и девет месеци работно искуство под менторство, време за кое не можат да работат самостојно, а се на платен список на општините..
Димовски, пак, посочува дека локалните инспекторати, кои до 2019 година целосно биле исклучени од системот на Инспекцискиот совет, делумно се опфатени со новиот Закон за инспекциски надзор.
Постоеле малку обучени инспектори за примена на Законот за инспекциски надзор, поради што тие главно се консултирале меѓусебно, а во одредени случаи не знаеле како да постапат. Но, и градоначалниците не ги знаат во доволна мера своите надлежности во оваа област, заради што се појавуваат проблеми во функционирањето на општинските инспекциски служби. Со Законот за инспекциски надзор од 2019 година, се овозможува кариерен развој на инспекторите и професионализација на инспекциските служби, што треба да овозможи и промена на перцепцијата за функцијата на инспекцијата, односно репресивната функција постепено да и отстапува место на превентивно-едукативната функција. Сепак, тоа во многу ќе зависи од самите инспектори, кои треба да бидат посветени на сопствениот професионален развој, постојано да се едуцираат и да соработуваат со Инспекцискиот совет, вели Димовски.
Локалните инспекциски служби се наоѓаат во многу незавидна состојба особено кога треба да постапуваат по предмети против општините и општинските јавните претпријатија, бидејќи тие се основаат по предлог на градоначалникот, а Советите на општините ги утврдуваат организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите. Ова е особено важно за малите општини каде инспекторите се често подложени на притисоци, судир на интереси и влијанија. Затоа, главно работат на постапки со правни и физички лица, а нивната работа во одредени случаи зависи од политичките одлуки на локалните власти.
Општинските инспектори се назначени од градоначалникот и нему директно му одговараат. Ова претставува опасност за интегритетот на инспекторите, односно ризик од корупција, кој е голем заради фактот што општините, во исто време, се и даватели на услуги и вршат инспекциски надзор над тие услуги. Затоа, инспекторите често се наоѓаат во „маѓепсаниот круг“ на политичките и бизнис влијанија, од една, и законите, граѓаните и јавниот интерес од друга страна, вели Бејкова.
Локалните инспектори се едногласни дека инспекциските служби треба да бидат независни и самостојни органи и да не бидат под ингеренции на општините за да се спречат сите можни злоупотреби и ефикасно да си ја вршат работата.
Давателите на голем број комунални услуги, а кои истовремено се и субјекти на инспекциски надзор, се јавни претпријатија основани од општините на кои припаѓа и инспекциската служба. Тоа, на некој начин, сакале или не сакале да признаеме, има влијание врз носењето на одлуки на инспекциските служби, вели Велиновски.
Бојковски, пак, укажува на уште една многу сериозна појава, која особено е забележителна по последните локални избори и конституирањето на новите локални власти.
Се случува, инспектор кој е во постапка за добивање лиценца, градоначалникот да одлучи да го премести на друго работно место, односно во општинската администрација. Тоа е еден ретрограден процес, кој носи кадровски и финансиски импликации за инспекторатите и општините, и влијае врз ефикасноста на инспекцискиот надзор. Затоа, во Законот за инспекциски надзор мора да се дефинира ова прашање и да се знае точно како да се постапува при вакви случаи, за да не им се нанесува штета на инспекциите и да бидат заштитени инспекторите, посочува Бојковски.
Бројните проблеми со кои се соочуваат локалните инспекции укажуваат дека се потребни крупни реформи во законодавството.
НВО Инфоцентар последните две години спроведе повеќе работилници и јавни дебати (овде, овде, овде, овде) на кои беше заклучено дека мора да се изнајде нов модел на функционирање.
Едно од решенијата е меѓуопштинска соработка и регионализација на инспекциските служби. Овој модел треба да го компензира недостатокот на инспектори и нерамномерната регионална распространетост, а од друга страна да ги покрие сите сектори кои подлежат на инспекциски надзор.
Треба се размислува за издвојување на инспекциските служби надвор од министерствата, општините, дирекциите, во една посебна национална дирекција за вршење на инспекциски надзор за поефикасно работење и елиминирање на влијанија. Можеби е потребно регионално решение и пристап, односно основање на регионални инспекциски служби, кои ќе имаат право и обврска да вршат инспекциски надзори во повеќе општини. Притоа седиштата на одредени инспекторати би бил распределени во поголемите општини. На овој начин би се добиле голем број на бенифити, како намалување на трошоците на општините за посебно вработување на инспектори, мобилност на инспекторите во други општини, бидејки во својата општина речиси секој со секого се знае. Така би се намалиле влијанијата, а со тоа би се подобрило поефикасното спроведување на законската регулатива, смета Велиновски.
Постојат размислувања и за формирање независна национална агенција за инспекциски надзор во општините.
Сите овие модели, како и други можни форми за самостојно и ефикасно функционирање на општинскиот инспекциски надзори и неговото законско регулирање треба да бидат предмет на анлиза и сериозна стручна и јавна дебата, која ќе ги поттикне реформите во оваа област. Клучниот фактор од кој зависат реформите е политичката волја на извршната и законодавната власт да создаде инспекциски надзор на локално ниво кој ќе биде независен, ефикасен и отпорен на корупција, посочува Бејкова.
И во најновиот Извештај на ЕУ за РСМ, во поглавјето 2.1. Функционирање на демократските институции и реформата во јавната администрација, се нотира дека реформскиот процес на системот на локална самоуправа, кој започна во 2019 година, е во застој.
Владата треба да покаже активно лидерство, да промовира координација и системски дијалог помеѓу министерствата и локалната самоуправа. Напорите за подобрување на финансиите на општините дадоа мешани резултати. Приходите собрани на локално ниво се зголемија како процент од вкупните приходи на општините и се подобри транспарентноста на локалните буџети. Ад хокфинансиските трансфери од централно на локално ниво обезбедуваат краткорочно олеснување, но не придонесуваат за изградба на одржлива финансиска рамка базирана на предвидливи ресурси. Потребни се повеќе напори за зајакнување на капацитетите за управување со јавните финансии и внатрешната ревизија на локално ниво, се наведува во Извештајот.
Исто така, ЕУ забележува и дека „Собранието продолжи да има тешкотии во однос на подобрување на планирањето и координирањето на својата работа за да обезбеди попредвидлив процес на донесување закони. Северна Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација“ .