АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На крај од првиот квартал 2021 година на седница на Влада беше усвоена Информацијата со планирани активности за дигитализација во судството за 2021 година, со која беа планирани серија активности што ќе се одвиваат фазно и чија цел, амбициозно беше најавена, дека ќе биде исполнета до крајот на 2021, а тоа е целосна дигитализација на 100 судници во 34 суда во РСМ:
Покрај опремувањето на повеќе од 100 судници низ 34 суда во Северна Македонија (27 основни суда, четири апелациони суда, Управен и Виш управен како и Врховниот суд), со планот за дигитализација во судството се предвидува да се опреми и судница во рамките на Академијата за судии и јавни обвинители, како и во Затворот „Идризово“. Опремувањето на судниците за онлајнсудење е предвидено да се реализира до крајот на 2021 година, се наведува во соопштението од Владата.
Ова секако не е исполнето со крајот на 2021 година, сепак, стартуваше дигитализација во процесот на услугите што ги нуди судството. Во октомври 2021 на највиско ниво беше искомуницирано со јавноста дека стартува електронско издавањепотврди од казнената евиденција за потребите на граѓаните. На истата прес-конференција беше најавено дека наскоро ќе започне и услугата од кривичната евиденција, како и уверенија дали на некои од граѓаните им била изречена некаква санкција.
Покрај ефектите од заштеда на време, користење на владиниот портал за Е-услуги, и тогашниот премиер, Зоран Заев и министерот за правда, Бојан Маричиќ изјавија дека со овој чекор, според анализите, ќе се заштедат големи средства во судството, дека се намалува можноста од корупција, но ја потенцираа и еколошката димензија на огромни заштеди во хартија. Со целиот процес на дигитализација раководи Национална работна група, односно Совет за ИКТ во правосудството, предводена од судијата Лазар Нанев, кој како претседател на Основниот суд во Кавадарци во 2020 година го изведе првото онлајн-судење во РСМ.
Спомената стратегија за ИКТ во правосудството, уште во 2019 година прецизно ја опишува лошата состојба во судството и уште полошата состојба во системот на јавното обвинителството. Генерално, се наведени констатациите дека постои фрагментираност во развојот на ИКТ-технологијата во правосудството, дека во судовите состојбата со хардверот е лоша, а некаде и на критично ниво, дека состојбата со софтверот е различна, но секако констатирани се потребите од развој на нов софтвер или унапредување на постојниот, како АКМИС на пример и сличен таков во Јавното обвинителство, кои се клучни за движење и распределба на предмеите и во двете институции, но и за судската статистика, потоа дека недостига ИТ-кадар, особено во системот на Јавното обвинителство и, на крајот, интероперабилноста на правосудниот систем со другите корисници, вклучувајќи ги и граѓаните, што е предвидено како долгорочна цел. Единствена задоволителна состојба е констатирана релативно кај Врховниот суд на РСМ и речиси целосно добра состојба кај Академијата за судии и обвинители.
Патем, овие констатации за лошата состојба на ИТ-технологијата во судството, во меѓувреме, добија потврда и од Функционалната анализа на основните судови во РСМ претставена во ноември 2021 година.
Функционалната анализа потврди дека компјутерската поддршка во основните судови е недоволна за да ги поддржи сите информатички процеси кои се предвидени во законската рамка за судовите. Во анализата се прикажани податоци за компјутерската опрема во судовите и се утврди дека е евидентно застарена или нефункционална за да ги обезбеди основните судови во исполнување на нивните надлежности, а дополнително се утврди отсуство на посебна организациска единица која ќе ги следи работните процеси со примена на ИКТ во судовите. Во тој контекст, анализата го прикажува и потенцијалот на Автоматизираниот компјутерски систем за движење на предметите во судот (АКМИС) и можностите што ги има за собирање, обработка и анализа на податоците за предметите, но кои во отсуство на утврдени процедури и надлежности недоволно се користат во основните судови.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар