2win800x200

Со креативни идеи до поуспешно образование (пишува Александар Адамовски)

Ноември 04, 2024

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

 

         Напредокот и иднината на образованието, денес се гледа во што позачестените меѓуучилишни Еразмус проекти, сведени на размена на добри и корисни образовни искуства, идеи и практики, кои резултираат со престој на ученици и наставници во земјите и училиштата каде што аплицирале за проект. На тој начин, може да се согледа и спореди воспитно-образовниот систем кај нас и надвор. Односно, да се согледаат слабите и силните страни во воспитно-образовната сфера на двете училишта, како и начинот до нивно подобрување.

        Со поддршка на меѓународни организации и здруженија, овие проекти се успешни, а придобивките се мошне корисни како за училиштата – апликанти, така за училиштата – домаќини. Се учи, се стекнуваат нови сознанија кои би биле од корист за самите училишта, затоа што средствата кои се добиваат со проектите се наменуваат за самата инфраструктура или за потребите во внатрешниот ентериер на училиштата. Доколку постои соработка, нормално дека ќе има и понатамошни успеси. На тој начин, во наставата се презентира и применува нешто ново што сме го согледале и стекнале од надвор, иако понекогаш изгледа невозможно или тешко, сепак со многу труд, може да се реализира.

Најважно е, да се тргни од идеја / идеи, бидејќи преку неа / нив се аплицира во проект... Секој проект, бара доследна посветеност, затоа што не е цел само да се изработи, ами треба да се координира неговата понатамошна етапна реализација, нормално за да биде квалитетен и без забелешки. Колку покреативни идеи, толку поуспешен проект, а на тој начин и уште поголема образовна придобивка. Тимот кој е пријавен да учествува во апликација на проектот, има најважна задача и треба да даде голем придонес во неговата суштинска веродостојност. Модернизацијата на училиштата, денес се случува благодарение на овие проекти, затоа што нудат многу можности и предизвици. Важно е, апликацијата да биде сработена како што треба и истата да се одобри и реализира.

         Тимот на наставници, заедно со управниот менаџмент во училиштето, се главни креатори во пристапот кон апликацијата што треба да биде одобрена и изработката на еден проект, до негово успешно реализирање. Доследност, посветеност, трпение и многу позитивна енергија, се клучни за квалитетно изработен проект. Ако така се пристапува, училиштата ќе имаат многу корисни придобивки. Но, за тоа треба многу работа, волја, умеење и секако – желба.

 

           Сметам дека токму на овој начин, ќе се гради поуспешно образование, бидејќи кај учениците постои интерес да се вклучат во активностите предвидени со проектите. Така се дружат и со свои соученици однадвор, па така создаваат и друштвена мрежа на континуирана соработка и одлична комуникација што доведува до збратимување на училиштата. Овие проекти се однесуваат и само за наставен кадар, без ученици, зависно од потребите и барањата во самите проекти. Значи како на сите Еразмус проекти, стандардните придобивки се: размена на искуства, запознавање со образовниот систем и начините на изведување на наставата, програмите кај нас, со наставните програми во училиштето со кое се изведува размената и секако најважното – запознавање со културата на државата, навиките и традициите. Практиките од надвор, пренесени дома, согледани низ многу работилници, презентации и состаноци, што отвораат можност за понатамошни чекори од интерес на училиштата. Европската Унија и програмата Еразмус + поддржува илјадници проекти кои донесуваат иновации во образованието. Со квалитетна мобилност на персоналот и учениците, преку курсеви за обука и учество во практични ангажмани или индивидуални и групни активности се учат нови вештини а на тој начин партнерската соработка меѓу училиштата доведува до подобрување на пристапите на наставата и учењето. Така се овозможува да се подобри квалитетот на образованието. Сите Еразмус проекти имаат можности за финансирање на училиштата и тоа е поттик плус да се пристапи во проектна мобилност.

            Ја зедов креативноста како фактор, затоа што од неа започнува секоја идеја во пристап кон изработка на еден проект,  што ќе овозможи да имаме поуспешно и поквалитетно образование. Да црпиме туѓи искуства, но да даваме и свои, оти на тој начин ќе имаме само придобивки и ќе одиме чекор напред. Училиштата на 21 век, треба да продолжат да бидат училишта на Еразмус проекти, затоа што на тој начин даваат добри образовни резултати, ако знаат соодветно да ги реализираат. Секој влог во образованието, треба да радува, бидејќи никогаш не е доцна да се научи и примени нешто ново, паметно и корисно.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик.

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани