СРЕДНОВЕКОВНА СИМБОЛИКА, КВАЛИФИКАЦИЈА, СТРУКТУРА И АТРИБУЦИЈА НА
СВЕТИКЛИМЕНТОВОТО СЛОВО ЗА ЦВЕТНИЦИ
Словото за Цветници на св.Климент Охридски е посветено на празникот, а податливо за анализа е од неколку аспекти: толкувањето на средновеквната симболика во текстот. Неговото определување како поука, пофално слово или компилација на елементи од двата вида, неговата структура. Не помалку интерес предизвикува и прашањето на атрибуцијата односно определувањето на неговото авторство.
пишува доц. д-р Анита Ангелевска
1.1 Средновековна симболика
Претставувањето на празникот е направено емоционално, но врз основа на цитати и реминисценции на библискиот текст. „На крајот од поучението, повикувајќи ги верниците кон светата Евхаристија, св. Климент користи буквално искажан текст:„Божјата трпеза е приготвена, на неа е предложено Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз себе.“ (Грозданоски, 2002:241). Семантиката на јагнето -Христос, се воспоставува уште во ранохристијанскиот период, кој дошол да умре за спасение на човештвото... Така јагнето се утврдува како најстар и најзначаен симбол на Христос, (Петканова, 2000: 87) значи победа и страдање, а колењето на пасхалното јагне е алегорија на Христовото страдање. Неколкукратно е присутен во словата на св. Климент Охридски и симболот трпеза, кој што „се среќава во целото средновековие, со директно и преносно значење“ (Петканова, 2000: 87) Според, Петканова, црквата нуди трпеза со учењето на Христос и неговиот подвиг за луѓето, - тие се духовна храна, за нахранување на душата. Христовата жртва, треба да го зацврсти духовно верникот, да донесе негово искупување и спасение. Поуката на Света Пасха - Велигден, како што видовме, изобилува со средновековна симболика, која се користи и во ранохристијанските (библиските), но и во средновековните творби, пред и по св. Климента, од Јован Златоуст, од Константин Преславски, Евтимиј, Кипријан, Григориј Цамблак (со видоизменета семантика), Дамаскин Студит итн.
Во ова слово, св.Климент цитира библиски текст од псалмите и од Евангелието, употребува цитати од апостол Павле, парафразирано ги користи Евангелијата по Матеј и Лука, се повикува на Посланието на апостол Павле, учењето на Црквата врз Светото предание. (Грозданоски, 2002:240). Поуката во целост содржи „библиски зборови“ и се темели на „авторитетот на Светото писмо...нема збор што не е библиски, само некои од нив се буквално искажани, а некои, заради потребата на слушателите, се скратени или поедноставени...“ (Грозданоски, 2002:240). Поуката за Цветници носи библиско - историска определба со присуство на догматски елементи.
1.2. Квалификација (поука или пофално слово)
Словото за Цветници св. Климент го напишал врз основа на евангелското опишување на Христовото свечено влегување во Ерусалим, „притоа најмногу го користел текстот од Евангелијата според Матеј и Марко, бидејќи таму раскажувањето е „поопширно“, но Гроздановски напоменува дека св.Климент користел и „апостолско четиво за празникот“ (Грозданоски, 2002:257). Исто така, св.Климент во словото ги цитира и Евангелијата според Лука и Јован, Псалтирот, апостолот Павле, Симболот на верата, библиски содржини од Стариот завет, но и парафразира и прави компилации од повеќе библиски цитати. Во ракописната традиција, но и од истражувачите, словото за Цветници е категоризирано како пофално слово, слово, поучение, а ваквите дилеми се јавуваат и кога се во прашање словото за Пасха (Велигден), па делумно и словото за Преображение, со тоа што во словото за Цветници „е засилен катехичниот елемент, што го доближува до катехична беседа, но не и до пофално слово.“ (Станчев, 1988: 68) Кај Грозданоски, тоа е само квалификувано како општо слово, додека другите две за Велигден и Преображение како поучителни слова. (Грозданоски, 2002: 250, 239,242) И Бончев (Бончев, 1970) словата за Пасха и Преображение ги квалификува како поучителни, додека словото за Цветници го категоризира како пофално. Во Собраните дела на БАН (Климент Охридски. Събрани съчинениᴙ, 1970). Станчев дава детална анализа, во која што е категоричен, дека овие три слова се поучителни. Угринова – Скаловска (Угринова - Скаловска, 1996 Светиклиментовата творба за Цветници внимателно ја именува „На цветна недела, слово на свети Климент, епископ Велички, за Христовата средба со децата“ и втората како Поука за Велигден. И Таковски ова слово го именува само како „Слово за Цветници“ (Таковски, 2012:148), а словото за Пасха како „Поука на Света Пасха - Велигден“ (Таковски, 2012:154).
1.3. Структура
Трите слова содржат иста структура: вовед, наративен дел, изложување на чествуваниот празник и моралнопоучен дел. Ваквата четириделна композиција во трите слова е означена со цврсти вербални формули и библиски цитати. Структурата на словата е конструиранаод вовед, наративен дел (мотивација и најава на празникот), изложување на празникот и наравоучителен (морализаторски) дел. Во вториот дел од словото за Цветници, како наратив е искористено воскресението на Лазар, настанот од претходниот дел, а изложувањето на празникот, неговото славење се предава преку евангелски расказ. Ова слово, прецизира Станчев има поголем наравоучителен дел кој се „состои од два момента: катехична беседа и сопствено наравоучение.“ (Станчев, 1988: 67).
Наспроти анализите на Станчев, за четириделна композициска структура на Поуката на Света Пасха - Велигден, Велинова зборува за троделна структура: „првиот го објаснува значењето на празникот, вториот е „ораторска прослава на најважното за христијанската црква, евангелскиот настан, третиот е кратка морална поука (Велинова, 1995: 96) со тоа што воведот и најавата на празникот би можеле да градат еден заеднички дел. По воведниот дел, кој што всушност е обраќање формула, односно објаснение за празникот и празнувањето, следува наративниот дел, кој што во Поуката на Света Пасха - Велигден тематски е определен со Воскресението, односно своевиден расказ - објаснување, кое што ги третира прашањата за отелотворувањето и распнувањето на Исус. Излагањето на празнувањето во ова слово се прави со користење на реторична тирада, анафората „денес“ шесткратно се повторува:
„ Денес (Господ) со Својата смрт го уништи непријателот и воскресна како од сон, и на човечкиот род му излеа нераспадливост и живот.
Денес адовите врати се скршија и држаните во него воскреснаа, озарени со неискажлива светлина и ликувајќи, со ангелите пат: „Слава на Бога во висините, и на змејата мир, меѓу лиѓето добра волја!“
Денес радосно ликува нашиот прадедо Адам, го уништува првото проклетсво и ги простира рацете заедно со Ева, воскреснувајќи во Господа..
Денес небото и земјата се исполнија со радост и, откако се соединија, ги собираат за радост бестелесните сили и човечкиот род. Денес апостол Павле вика, говорејќи:„Христос, нашата Пасха, беше заклан за нас.“
Денес црквата со возвишена проповед повикува, говорејќи: Дојдете чеда, послушајте ме, ќе ве научам на стравот Господов!“ (Таковски, 2012: 155-156).
1.4 Атрибуција
Во некои случаи ова слово му се припишува на Јован Златоуст, а во други тоа е анонимно. Во Белградскиот препис од 1328 година стои, дека автор е св.Климент. Куев, напоменува, дека Златоуст напишал две слова за тој празник, но содржината им е различна. И во Михановичевиот и во Хлудовиот препис, словото е дадено непосредно по Климентовото слово за Лазар, иако тоа не е пресудно за определување на авторството, но може да се третира како некаков аргумент и показател. Забележливата внатрешна врска помеѓу тие две слова можее да ја лоцираме особено во патосот и ритмиката. Затоа, Куев, смета, дека ова слово треба да им се придружи на неспорните Климентови творби, а ние со целата релативност на веројатноста го прифаќаме овој факт како точен. Најстариот препис на ова слово е од XII век, пронајден во пергаментен, а се чува во ГПБ, Санкт-Петербург, (F. n. I. 46). Словото е издадено во: Новые слова Климента Словенского - Сборник ОРЯС, т. LXXX, кн. 1, 1905, стр. 28 - 36.
Кодов (Климент Охридски. Събрани съчинениᴙ, 1970: 605), потпирајќи се на материјалите со кои располага и податоците кои ги даваат Стојановиќ и Соболевски, смета дека, сите преписи претставуваат една иста редакција и произлегуваат од еден извор, нивните меѓусебни разлики се незначителни. Најстариот препис е во Златоструј од XII век, се наоѓа во ГПБ, Санкт Петербург, (F. п. I. 46), а словото е публикуванo од Соболевски (Известия ОРЯС т. XI, 1906, кн. 1, стр. 50-52, по препис од Златоструј од XII век) и Стојановиќ (Новые слова Климента Словенского, стр. 44 - 52, по препис од ракописот № 261 (437) од Белградската народна библиотека).