2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

За разликите и „товарењето“ на магарето (пишува Валентин Груевски)

Јануари 09, 2020

Ако нешто ми пречело отсекогаш во политиката е една од секојдневните флоскули кои постојано ги слушам, а тоа е дека сите што се занимаваат со политика се исти, дека нема разлика, дека сите водат исти политики, дека сите сакаат да го „товарат“ магарето пред да си заминат, дека никој ништо не работи, дека сите излегуваат од политиката барем десет пати побогати отколку кога влегле во истата. И јас се сложувам дека постојат одреден број на луѓе кои тоа го сакаат и го прават, без разлика на која партија и припаѓаат, ама никако не го прифаќам генерализирањето дека тоа важи за сите подеднакво.

Секој треба да си одговара индивидуално за сопствените грешки и за сопствените успеси, не може никој да одговара за туѓите грешки, за туѓото неработење, туку тоа треба да има конкретна адреса и име и презиме.

Разликите кои се гледаат и кои ги има во работата на пример на сегашните раководства на јавните претпријатија и на оние во минатото се огромни, видливи и секојдневни.

„Пазари“

„Пазари“ е првото јавно претпријатие кое произведува електрична енергија за сопствените потреби. Вкупните годишни заштеди би биле некаде околу 10.000 евра годишно, а тоа значи дека јавното претпријатие нема да плаќа, најверојатно, ниту денар за струја во наредните години. Вкупната инвестиција, од сопствени средства, ќе се врати за три до четири години.

Реконструкцијата на фасадата на Управната зграда, ЛЕД осветлувањето, греењето на пелети, промената на дограмата на дуќаните, се четири проекти финансирани од сопствени средства, во кои се заштедуваат пари, се штити животната средина, ама и докажува дека има разлика меѓу едни и други. Зголемената плата од 8%, докажува дека времето кога во  „Пазари“ се позајмуваше пари за да подели плата се далеку зад нас.

„Нискоградба“

Ефикасноста на „Нискоградба“ иако тешко, бидејќи не сме навикнати да фалиме, се пробива меѓу граѓаните. Ланското одлично справување со големиот снег, редовното чистење на реката Драгор, вратените непотребни кредити од минатото од 500.000 евра, новата механизација, зголемените плати од 6%, докажува дека може да се работи без загуби, без кредити, без негативни завршни сметки.

„Комуналец“

Претпријатието кое во изминатиот период е најмногу на удар на критичарите, во најголем дел неоправдано,  некако тивко, ненаметливо ама успешно си ја брка својата работа. Битола после долги години „виде“ по улиците нови канти за ѓубре, околу 2.500 нови садови за отпад, нов багер на депонијата и по мене најважното нешто кое го направи претпријатието, ЛЕД осветлувањето на неколку главни улици и во централното  градско подрачје со тенденција да се случи во целиот град

„Водовод“

Купени нови возила, нов сопствен минибус за потребите на вработените, целосно променет стопански двор, припрема за изградба на нова Управна зграда, сериозно намалени трошоци за работа, зголемена брзина во отстранувањето на дефектите,  се само дел од карактеристиките на работењето на „Водовод“.

Сите погоре наведени факти за јавните претпријатија, се само мал доказ дека кога се сака и кога се знае може да се работи добро. Заклучокот е разлика има,  и тоа не мала и невидлива, туку огромна и видлива за секој кој сака да ја види. Секако може и многу подобро од ова досега и има простор за подобрување. Затоа сите заедно во оваа година да очекуваме многу подобри резултати и многу  новини во нивното работење.

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани