АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Македонија полека навлегуваат во најопасната фаза од, како некој што ја нарекоа, Третата светска војна. Во наредните две до три недели се очекува здравствената криза да го достигне својот максимум, бројот на заразени да го достигне својот зенит, а мерките кои се преземаат да стануваат се поригорозни и се пожестоки.
Граѓаните се навикнуваат, најголемиот дел од нив прифаќаат дека, во интерес на нашето здравје, мора да се почитува се’ она што ќе биди препорачано, а само мал дел упорно сакаат да изигруваат херои и со по некој испад на социјалните медиуми да ја докажат својата храброст, иако сум убеден дека оние што се прават бестрашни, се најмногу уплашени и најмногу стравуваат и за себе и за своите најблиски. Ама пусти „кабадаијлук“ никако да го оставиме настрана.
„ЕПИНАЛ“
Изгледа „Епинал“бидна и помина. Заразени нема. Луѓето ќе си одат дома. Битола никој не ја зарази намерно. Битола не стана град на заразените. Не се случи ,,посакуваната“ апокалипса. А и хотелот не се запали. И никој не се зарази од нив. Вирусот се појави на друго место. И факт е дека се уште ќе се појавува. И уште еднаш. Ова зло нема правила, нема возраст, нема пол, нема вера, нема професија.
Се прашувам само, ќе соберат ли луѓето кои беа најжестоки викачи и плукачи зад тастатурата, храброст да се извинат. Ќе соберат ли барем трошка човечко достоинство да им се извинат на другарите, на комшиите, на роднините на луѓето кои беа во карантин, да напишат барем еден статус на своите профили, во кои ќе признаат дека погрешиле?
Не мора да бидат тоа долги тиради, не мора да бидат тешки текстови со високо стилизирани реченици, и со многу стилски фигури. Не мора да напишат капитални дела, или конкуренција за Пулицерова награда. Може да биде многу едноставно. Јас предлагам едноставна реченица-„Извинете што бевме нелуѓе, погрешивме, наредниот пат пред да истуриме толку бес, ќе размислиме двапати“. Мислам дека ќе биди доволно. И нека избришат после, ако немаат храброст тоа да стои, доволни се неколку часа да поседи на нивните ѕидови.
БИТОЛА
Во Битола во овој момент има осум заболени. Не е пријатно да се прават ранг листи, ама на листата на градови во државата, се наоѓаме некаде во втората половина, со се уште едноцифрен број на заболени. На што се должи тој број, навистина не знам, ама и тука „катастрофалното“, посакувано сценарио од некој, не се повтори. И за ова се искажаа многу навреди, многу се исплука, многу се понижи ама сценариото се движи во, за нив непосакуван правец. После завршувањето на сето ова, можеби и тие ќе се извинуваат или пак нема да соберат храброст?
Можеби, постојаното миење и дезинфицирање на улиците, влезовите во зградите, пазарите, селата во битолската општина, возилата кои носат роба, постојаните апели, поддржани со акции по домовите, флаерите, посветеноста на јавните претпријатија, редуцирањето на работното време, полицискиот час, правилниот пристап кон болеста, искреноста од сите власти и секако дисциплинираноста на огромниот дел од населението, придонесува Битола да биди во долниот дел на табелата, ама што и да е, засега дава резултати.
Затоа не го формирајте мислењето од тоа што некој ќе напише на некој медиум, следете ги само препораките на Министерството за здравство и Локалната самоуправа.
Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)