2win800x200

Празни храмови или пропаднати семејства, изборот е ваш!-(пишува Валентин Груевски)

Април 16, 2020

Навлегуваме во период од две-три недели кои ќе бидат клучни во справувањето со коронавирусот во Македонија. Или ќе го доживееме сценариото на Италија и Шпанија или од оваа здравствена „војна“, ќе излеземе со многу мали рани и со многу малку жртви.  Шансата да преживееме, во овој момент е многу голема, меѓутоа се зависи од нас и од нашата желба тоа да го направиме.

Карантинот и полициските часови на многумина им паѓаат тешко, мал дел сакаат да ескивираат, некои сериозно се придружуваат до препораките, ама мораме да разбериме дека по кое сценарио ќе тргниме, зависи само од нас и од никој друг. И сите што се уште не веруваат во опасноста нека ги погледнат сликите и нека прочитаат колку дневно луѓе умираат од коронавирусот.

ПРАЗНИЦИ

Дополнителен проблем  претставува и тоа што  два празници,  кои масовно се прославуваат и во кои луѓето меѓусебно се дружат се во наредниот период. Велигден и 1-ви Мај, како симбол на Христовото воскреснување и традиционалниот ,,работнички“ излет, зачинет со масовна посета по околните ливади и туристичките места, оваа година ќе ги прославиме во домашна атмосфера.

Не затоа што така некому му текна, туку затоа што тоа е неопходно и морално. И не се тоа само нечии суети или пак нечиј инает, мораме тоа да го направиме за сите нас заедно. Ме зачудуваат полемиките кои се појавија во јавноста дека  мораме да се појавиме во храмовите и дека за Велигден мора да бидеме на литургиите, дека тоа е македонштина, дека со тоа го потврдуваме патриотизмот, дека со молитва ќе го победиме вирусот, а сите што ќе останат дома се помалку патриоти, или помалку православни , или пак помалку христијани.

Јас  го почитувам индивидуализмот, човековите права и слободи, либерализмот како идеологија, религијата, различните размислувања,  ама сега не  е време за идеологии и делби, треба да си го зачуваме сопственото здравје и здравјето на тие околу нас. Емоциите мораме да ги тргниме настрана, ова треба да е разумно време.

 ЦРКВАТА И ДРЖАВАТА НА ИСТО

Особено релаксирачко во ситуацијата беше соопштението од МПЦ-ОА , која свесна за опасноста која е над сите, повика на почитување на владините мерки, повика на молитва надвор од полицискиот час, ама и тогаш со почитување на препораките, повика децата и старите лица да останат дома, укажа да нема повеќе од пет души на едно место и сите црковни ритуали да се одвиваат само со најблиските.

Празниците ќе поминат, Велигден ќе си го прославиме, повторно, иако дома, достоинствено како и што доликува, затоа што  верниците веруваат  дека Бог е насекаде, не само  во храмовите, ама подобро е една година да останат храмовите празни, отколку да си преземаме ризик да си ги пропадниме семејствата. Со цели семејства догодина пак ке ги наполниме храмовите, ама без семејства храмовите и в година ќе ни бидат празни.

Изборот е наш.

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани