АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
За Нова година можеби повеќе од кога и да е ми недостига градска Битола. Снимките од новогодишните забави низ кафеаните од кои барем делче видовме на тв екраните, беа доволни да ни покажат во каква Битола живееме. Народот вели дека за вкусовите не се разговара. Но, бидејќи сум од Битола, за која милуваме да кажеме дека е конзулска, ќе си земам за слобода да ја прокоментирам цикрузијатата што ја видов.
Новогодишната атмосфера низ дел од кафеаните во Битола, според музичкиот избор, повеќе наликуваше како да се случува во некое село весело или пак на некоја иселеничка забава во Австралија. Видовме млади како се кршат на чочек, слушнавме зирли и гајди, грмнаа тапани. Најполно беше онаму каде можеа да вртат со часови ора на песни од типот „Опа, опа, иха-ха играј моме, развесели ме“. На места каде понудата беше поградска, немаше многу присутни. Тие што минаа низ кафулината слушнаа дека во повеќето ечеше „Бела чиганка“ од Стоја , „Трепни“ од Цеца, „Милион долара“ од Ана Николиќ... Не дека имам нешто против ората и турбофолк музиката, но Битоа барем јас ја паметам во поинакво светло.
Деновиве слушнав дека петнаесетгодишни девојчиња со повозрасни другарки имале резервирано маси во некои од кафаните за Нова година. Кога бев тинејџерка, не дека немавме пари за да одиме по кафани. Но, на возраст од 16 или 17 години не нѐ привлекуваа баш ората. За Нова година се собиравме во станови на другарки и ги слушавме Рибја Чорба, Филм, Металика, Меморија, Леб и сол, изгравме танго место чочек. За волја на вистината и тогаш имаше млади кои се воодушевуваа на Мухарем Сербезовски, но и тоа беше музика подобра од турбо фолкот.
Кога станавме полнолетни за прослава баравме кафани каде се свиреше староградска музика. Виолина на увце и седенка до утро. Но, со бевремените хитови „Сношти минав покрај вази“, „Не се бели Маре мори не се црви“, „Се посврши сербез Донка“, скадарлиски песни, хитовите на Зонко Богдан, балади, рефрените на Балашевиќ...
Како Битола до денес се промени толку многу? Тоа е Битола за кој се раскажува дека била град на клавирите, можеби се само приказни, но факт е дека поимашливите семејства уште пред еден век имале инструменти во домовите и ги учеле децата да свират на нив. Битола, град на баловите, а не на сините вечери од Кукуречани. Град каде за време на Првата светска војна на болните им запеала познатата француска артистка Сара Бернар. Битола, чии граѓани плаќале скапи карти и патувања да ги слушаат Ролистонси, Род Стујарт низ европски метрополи. Оние исти битолчани кои и на минус 30 степени пред 27 години ја наполнаа спортската сала да го слушаат концертот на тогаш популарниот ју бенд Плави оркестар...
Како спаднавме на „Бела циганка“? За жал, што може друго да се очекува во град кој со години е погоден од миграцијата. Старите градски семејства заминуваа низ метрополите во Југославија, а по осамостојувањето на земјава, во Скопје. Со паѓањето на шенгенскиот ѕид пак, на градот му се случи иселенички егзодус. Напоредно со иселувањето се доселуваа и жители од селата во околните општини како Новаци, Могила, Демир Хисар. Денес имаме повеќе стари градски битолски семејства во странство отколку во Битола. А не е ни тајна дека дел жители од околните села со пари заработени од субвенциите во последните години купија станови во Битола.
Ликот на денешна Битола не се гледа само на Нова година. Можете да го видите секојдневно, доволно е само да поминете на Широк Сокак. Градот на Елени Каринте, Катина Лала, Калипсо Налча, Марика Цаглевиќ стана град на Цеци и Стоји. Чест на исклучоците.
Жанета Здравковска