„Зимската приказна“ ќе започне од старата битолска чаршија

Ноември 25, 2023

Низ приказните од Старата битолска чаршија исполнети со историјата, традицијата и безвремениот мелос, Битола започнува да ја ткае својата Зимска приказна.

Зачинета со вкусот на топлото турско кафе, мирисот на варено вино и вкусна храна низ занаетчиските улици, трговските сокаци каде спојот на денешната и минатото создава носталгија, чаршијата се подготвува да ја доближе својата приказна до младите генерации, но и да го врати џагорот, заживувајќи низ светлината која ја заслужува.

Токму затоа, Општина Битола, годинава во својата „Зимска приказна“, го става срцето на Старата чаршија, од каде ќе започне новогодишното украсување на градот. Иако, изостана понуда на идејно решение за новогодишно украсување на Битола на јавниот повик, објавен од општината во април годинава, сепак повеќе субјекти од градот покажаа интерес за свој придонес во планирањето на овогодишната Зимска приказна и новогодишниот блесок на градот.

На состанокот одржан со претставници од чаршијата и невладиниот сектор кој се залага за нова гастрономска култура инспирирана од традицијата, беше договорено, општината преку своите соработници да ја креира главната слика на украсувањето на чаршијата, збогатена со новогодишни елки, светлечки и други елементи, а новогодишниот базар презентиран низ штандови и куќарки, да биде збогатен со културно - забавни содржини, кои ќе придонесат чаршијата да живее во текот на целиот ден. Согласно планираното, се повикуваат и сите дуќанџии преку украсување на своите дуќани, во духот на приложената фотографија, да дадат свое учество во креирањето на магичната зимска приказна на Битолската Стара чаршија.

Во новогодишна светлина, општината ќе се погрижи да заблескаат и Саат кулата, плоштадот Магнолија и Широк Сокак, а програмата на Зимската приказна, со содржини за сите генерации ќе продолжи околу новогодишната елка и детските реквизити кај Офицерскиот дом. Локалната самоуправа, го повикува и јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, со украсување на Безистенот да земе свое учество во креирањето на новогодишната слика на Битола.

Општина Битола е отворена за соработка и со сите деловни субјекти кои сакаат да учествуваат во заедничкото украсување на Битола и преку свои компактни содржини, ќе ја збогатат целосната слика. Само на овој начин, преку соработка на јавниот и приватниот сектор, може успешно да продолжи Зимската приказна која во досегашниот период покажа дека преку привлекување на многу гости, има голем туристички потенцијал, зошто најголемото богатство на градот се неговите култура, историја и традиција, кои заслужуваат да бидат соодветно презентирани.

Во прилог Ви го претставуваме идејното решение, планирано за Старата битолска чаршија, во кое се препорачува да се вклопат и индивидуалните украсувања на корисниците на објектите.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани