„Вложувањето во културата е најдобра инвестиција, а не трошок. Ние инвестираме и се грижиме за културата и затоа ќе ја продолжиме оваа пракса, преку поддршка на проекти, да ги поттикнуваме институциите и уметниците да творат и да ги афирмираат културните вредности дома и надвор од државава“, рече во изјавата министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа потенцираше дека вреднувањето и моќта на културата во Битола се должи на големиот број поддржани проекти на конкурсите на Министерството за култура како и на активното и успешно работење на националните установи, но и на здруженијата и поединци од градот.

„Над 86 милиони денари се вложени само за поддршка на програмите на Националните установи во Битола, а со скоро 7 милиони денари беа поддржани другите корисници за проекти, изјави министерката Костадиновска-Стојчевска, напоменувајќи дека Министерството за култура континуирано, секоја година ја зголемува поддршката за проекти кои се од национален и државен интерес.
Костадиновска-Стојчевска се осврна и на заштитата на нашето археолошко, архивско, архитектонско богатство градено со векови наназад, за кое рече континуирано е поддржано од Министерството за култура.
„Само во 2023 година инвестиравме во заштита на културното наследство со над 11 милиони денари за одржување, реставрација, конзервација и афирмација на вредното културно богатство во црквата Св. Ѓорѓи во село Курбиново, Јени Џамија, Спомен куќата на Гоце Делчев, на Стив Наумов, како и обновувањето на спомениците на НОБ“, рече министерката за култура.
Во рамки на денешната работна посета на Битола, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, направија обиколка на капиталните инвестиции на подрачјето на СВР Битола – инвестирање во побезбедна иднина и посетија успешен корисник на ИПАРД програмата во село Кажани.









