АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На прагот сме на уште едни парламентарни избори, овој пат предвремени, избори кои повторно од сите се прогласуваат како судбоносни за државата, а и како по секои избори и после овие ќе огрее сонце и животот ќе продолжи понатаму како и многу пати досега. Едни ќе состават влада, други ќе бидат опозиција. Би сакал после првите два дена од почетокот на кампањата да напишам неколку реда за тоа каде ќе се движи оваа кампања и кои се првичните пораки кои ги испраќаат политичките партии и што е она што мислам дека ќе пресуди во оваа кампања.
Искрено кажано, изборите силно ми наликуваат на изборите кои беа во 2011 година само со сега променети улоги. Вмро Дпмне тогаш беше власт, а СДСМ во опозиција. Тогашната опозиција беше цврсто уверена дека ќе ги добие изборите, се делеа функциите, а прашање беше само резултатот кој ќе се постигне. Власта ,,мирна“ и упорно посветена на целта, да ги растури пред сѐ, ЛДП и другите опозициони партии кои тогаш настапуваа самостојно. Денес Опозицијата убедена дека ќе победи, премногу самобендисана, функциите поделени, закани летаат на сите страни, се бројат деновите до 15-ти, и единствено непознато е каде и колку ќе се победи.
Но дали е навистина така и што кажуваат моменталните бројки.
МОЖЕМЕ
„Можеме уште подобро и уште повеќе“ е слоганот на најголемата коалиција на овие избори. Составена од различни по големина, вера, етничка припадност, идеологија, политички партии влегува како фаворит на овие избори. Не затоа што тоа е мое мислење, туку затоа што сите релевантни анкети покажуваат нејзина, не толку голема , но сепак значајна предност пред другите коалиции. Иако граѓаните имаат право да бидат незадоволни од дел од нејзините политики, фактите говорат дека во овие три години се поместија огромен дел од работите, се решија многу проблеми, Македонија е постабилна и посигурна држава, а тоа е неспорен факт.
Првиот дел од кампањата покажува дека оваа коалиција нуди програма и решенија за некои проблеми. Ветува поголема минимална плата и пензија, повеќе пари за здравство и образование, повеќе спортски решенија, поголема помош за стопанството. Можеби на некого нема и да му се допаднат некои предлози, ама факт е дека има понуда. Огромна предност на оваа коалиција е тоа што ја признва реалноста во македонската политика а тоа е дека Македонија е мултиетничка држава во која живеат многу етникуми и сите тие имаат право да живеат овде.
ОБНОВАТА
„Обнова“ не може да пристигне ако од првиот ден на кампањата сѐете страв, омраза, злоба кон Вашите политички противници, и слоганите ви се однесуваат на нивно притворање затворање и одмазда после 15-ти. Во ова време на пандемија народот е доволно уплашен и доволно стегнат, за да продолжите да го плашите и да му кажувате дека стравот ќе продолжи и за тоа треба Вас да ве одбере. Стравот нема да помине и во вакво време не може да го продавате како Ваша понуда. Радоста која ви блика од очите за секој новозаболен и за секоја поголема бројка на новозаболени не може да донесе резултат.
Ако на ова ја додадете и опседнатоста со кандидатот за премиер на противничката страна, сте направиле десет спота во кој зборувате против него и на секои четири збора го спомнувате неговото име, тогаш несвесно сте избрале да го зголемувате неговиот рејтинг и да работите против своите шанси да победите. Ако при тоа додадете дека апсолутно не ги прифаќате новите реалности, тогаш на сигурен пат сте да ги изгубите изборите.
Останатите политчки партии кои учествуваат на изборите ќе имаат маргинални бројки, бидејќи понудата им е премногу скромна и неинвентивна.
Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)