2win800x200

Гласај за советник што го познаваш!-Отворени листи и една изборна единица (пишува Валентин Груевски)

Јануари 28, 2021

 Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

Во последно време во јавноста се повеќе се зборува и се наметнува темата за следните локални избори, граѓаните да ги бираат своите претставници на отворени листи, односно граѓанинот сам да го избира својот советник, а оние што ќе ја добијат најголемата доверба да бидат претставници на граѓаните во советничките клупи. Идејата во овој момент, најмногу ја спомнува и ја промовира министерот за локална самоуправа и претседател на ЛДП, Горан Милевски, а добива поддршка и од други политички структури.

Доколку оваа идеја ја види светлоста на денот, многу полесно ќе се имплементира и вториот дел од насловот, односно Македонија како една изборна единица, со што ќе добиеме многу подемократски амбиент и многу подецентрализирана власт, со пратеници директно избрани од граѓаните. Пратеник ќе стани некој кој има поддршка од своите сограѓани, и повеќе ним ќе им одговора, отколку на некој кој директно го поставил на добитното место на листите.

ПРЕДНОСТИ

Предностите од отворените листи се многу, и ќе се обидам овде да ги сублимирам,  а  дел и да објаснам.  Граѓанинот гласа за советникот кој го познава, кој за него е авторитет, кој е докажан во средината во која живее и кој мисли дека најмногу ќе ги застапува неговите интереси.  Теоретски е можно и советниците да се распоредат и по место на живеење низ градот, ако секоја поголема населба си има свој фаворит кој би ги „собрал“ локалните гласови. Советниците се одговорни пред своите гласачи и се борат за нивните интереси. Не одат само за своите паушали, туку нивното место во идниот совет зависи од оние кои го избрале. Ако е добар, може повторно да ја добие довербата, ако не е, нема доверба.

Советите ќе бидат многу шаренолики, во многу совети и на многу избори ќе нема апсолутни победници, и за формирање на локална власт ќе треба многу повеќе работа, многу повеќе политички сенс и многу, многу компромиси. Тоа само го подигнува нивото на демократијата и одговорноста на сите политички чинители. Се намалуваат центрите на моќ, а тоа може да донесе само напредок.

ПАРЛАМЕНТОТ

Станува вистински претставник на граѓаните и секој глас добива вредност. Вистинската слика на гласачкото расположение ќе се добие со ваков систем на гласање, без или со многу низок праг на влегување на парламентот. Македонија неколку пати во нејзиното осамостојување го менува изборниот модел, ама овој модел е најдемократскиот и најдобриот кој директно може да придонесе за демократски развој на државата. Се она што важи за советот и политичката моќ, а погоре го напишав, важи и за парламентот.

И во едниот и во другиот случај, никој не губи.  Граѓаните добиваат право на избор, советите и парламентот одат  ниво повисоко во однос на  квалитетот на претставниците во нив, демократијата се унапредува, советниците и парламентарците стануваат поодговорни. Ако сето ова се надоврзи со квалитетна и сеопфатна децентрализација, еве ја Македонија на мапата на високо демократски и децентрализирани држави.

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани