2win800x200

Самохрана мајка од Битола работи до доцна, а нема кој да ѝ ја чува болната ќерка

Март 14, 2018

banermost

Ќерка ми плачи, ме моли да останам со неа. Бара да ја прошетам. Срцето ми се кини кога ја оставам зашто морам да одам на работа и да донесам дома парче леб, раскажува 42-годишната битолчанка Оливера Петровска, самохрана мајка на две девојчиња, од кои едното со посебни потреби.
И онака тешкиот живот ѝ станал уште потежок откако минатото лето во сообраќајна несреќа ѝ починал сопругот на 42 годишна возраст. Оттогаш станала и мајка и татко за девојчињата. Едната има 21 годинa и е со посебни потреби, а второто е дванаесетгодишно.

Моли по роднините да ја почуваат девојката

Немајќи друг излез, Оливера за да ги прехрани ќерките се вработила како готвачка во битолски ресторан. Работата не ја остави без леб, но работното време ѝ создава проблеми зашто ја одделува од децата во попладневните и вечерните часови, кога е принудена да моли роднини да ѝ ги чуваат ќерките.

„Девојчето кое ми е со посебни потреби многу пати по мене, нон-стоп ме трга за рака и се тутка до мене кога сум дома затоа што ѝ недостасувам. Со работата се поретко сум дома, а таа си има свои потреби. Плачи за шетање. Не бара по ресторани да одиме, едноставно бара да ја однесам низ Широк Сокак да ѝ купам едно сокче. Но, јас ни тоа не можам некогаш да си го дозволам“, вели Петровска.

ЕЛЕНА ПЕТРОВСКА НА КОНЦЕРТ НА ЗДРАВКО ЧОЛИЌ
ЕЛЕНА ПЕТРОВСКА НА КОНЦЕРТ НА ЗДРАВКО ЧОЛИЌ

 

Нејзината ќерка Елена е навообичаено темпераментна и комуникативна за девојка со посебни потреби. На средбата разговараше со нас како да се знаеме со години, за музика, женска убавина, облека, козметика. Знaе да работи на компјутери, има свој фејзбук профил, обожува музика, а посебно Здравко Чолиќ. Била дури и на неговиот неодамнешен концерт во Будва.

Додека Оливера работи мора ќерките да ги остава со баби, дедовци, вујни, стрини. Претпладневната смена му е од 9 часот наутро до 17 часот попладне, но најголем проблем е попладневната смена од 17 часот до еден или два по полноќ.

„Кога сум попладне на работа морам да барам човек за да ја чува, да ѝ даде терапија. Таа не може физиолошките потреби сама да ги врши. Ми помагаат бабите и дедовците, кога ќе можат. Но, и тие веќе не се млади, а по случајот со сопругот се разболија. Свекрва ми е со вештачки колк, мајка ми се оперираше од канцер, татко ми е со дијабетес“, вели Оливера.

Бара сигурна работа со скратено работно време

Добива плата од 12 до 13 000 денари и плус 6000 денари за туѓа нега. Но, дел од парите ги троши на лекарства за ќерката, па вели дека одвај крпараат крај со крај.

„Имам трошоци за лекарства оти девојчето има покачен шеќер, псоријаза. Многу се мачиме со таа болест, само масти купуваме. Пие витамини за потхранување на мозокот и други витамини од Австралија што ги набавуваме за псоријазата и масло кои чинат 150 долари. Сум немала леб да купам, бидејќи сум морала лекарства за девојчето да купам“, додава мајката

Решението на својот проблем го гледа во добивање на сигурна работа, по можност државна, каде ќе може да работи претпладневна смена или со скратени работно време.

„Дури беше претходната власт, нон-стип одев и молев. Ми рекоа дека тие не се социјални грижи за да ми помогнат. Се надевам дека некој од новите ќе сочувствува со мене, не сакам да ме сожалуваат, имам две раце и нозе за да работам“, додава Петровска.

Оливера Петровска со ќерката Елена
Оливера Петровска со ќерката Елена

 

Од Министерството размислуваат да водведат втора смена по Дневните центри
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека лице со попреченост во развојот, кое не може само да се грижи за себе има правото на згрижување во дневен центар. Но, се уште нема центри кои работата во вечерни часови. Сепак, идните планови на Министерството се развој на сервисот за помош и нега во домашни услови, персонална асистенција, но и промена на програмите за работа на Дневните центри за деца со попреченост, со што се разгледува и можноста за воведување на втора смена во истите.

Во однос на мерката за вработување во државните институции, надлежните велат дека тие се реализираат согласно Законот за јавни службеници и врз основа на објавен јавен повик. Доколку родителите имаат скратено работно време им следува надоместок на плата од 4800 денари поради нега на дете со телесни или ментални пречки. Воедно за дете со специфични потреби до 26 години живот се обезбедува посебен додаток како паричен надоместок во висината од 4.202 денари. Износот на посебниот додаток се зголемува за 50% и изнесува 6.303 денари за самохран родител кој има дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот.

Право на парична помош во 8000 денари остварува самохран родител по 62/64 години кој се грижел за детето до неговата 26 годишна возраст, во континуитет од наредните 15 години, без истото да биде сместено во установа за социјална заштита, кој е невработен и не користи право на пензија.

Ж.ЗДРАВКОВСКА

„Оваа сторија е изготвена со помош на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ. Содржината на сторијата  е единствена одговорност на Организацијата на жени од Битола и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани