
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола - Основното јавно обвинителство од Битола е задоволно од осудителната пресуда изречена од Основниот суд Битола за претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“- Битола, Љупчо Ѓоргиевски, осуден на една година условна казна затвор, со услов од две години да не го повтори кривичното дело за величење на ликот и делото на контроверзниот лидер на ВМРО, Иван Михајлов.
Од ОЈО Битола се категорични дека се задоволни од осудителната пресуда, но напоменуваат дека за висината на казната дополнително ќе одлучат дали ќе се жалат до второстепениот суд Во Битола.
Во изјава за „АПЛА“ од ОЈО Битола го пренесуваат ставот дека пресудата на Основен суд Битола од една година условно „е правилна и заснована врз доказите изведени во текот на постапката.“
Обвинението против Љупчо Ѓоргиевски го покрена обвинителката Оливера Нечаковска, за продолжено кривично дело - „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ и за продолжено кривично дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од Кривичниот законик.
„Основното јавно обвинителство е задоволно од осудителната пресуда изречена од ОС Битола и смета дека е правилна и заснована врз доказите изведени во текот на постапката. Со одлуката се потврдува ставот изнесен од обвинителството преку обезбедените докази, односно Судот во својата одлука јасно утврдува дека обвинетиот континуирано ја негирал посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик преку објавите на текстови со таква содржина на социјалните мрежи и дека таквото негово однесување несомнено довело до разгорување на нетрпеливост, раздор и омраза“, наведува ОЈО Битола за „АПЛА“
Понатаму обвинителството е со став – „Уште еднаш би сакале да потенцираме како што наведува и судот во својата одлука дека Европската конвенција за човекови права и слободи навистина ја гарантира слободата на говор и изразување, но не како апсолутно право, туку како право ограничено со слободите и правата на другите, што значи дека секоја држава има право и обврска да го ограничи остварувањето на тоа право доколку со истото се шири, промовира и поттикнува каква било омраза и раздор.“, објаснуваат од ОЈО Битола.
И наведуваат дека и во „Во конкретниот случај обвинетиот несомнено со своите дејствија и однесување презел дејствија со кои ги сторил кривичните дела ‘Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 од КЗ и Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г од КЗ и тоа судот јасно и недвосмислено го утврдува во својата пресуда.“
Во однос на изречената санкција и висината на истата, Основното јавно обвинителство Битола наведува дека има рок од 8 дена за евентуално поднесување на жалба, „а одлуката за истото ќе се донесе по детална анализа на пресудата и наведените причини за санкцијата во истата.“, стои во одговорот на ОЈО Битола за „АПЛА“
(фото Тв)
Условно обвинетиот Ѓоргиевски денеска за бугарската национална телевизија за пресудата најави –„ќе ја бараме правдата насекаде и пред Судот за човекови права Стразбур.“
Додека адвокатот на Ѓоргиевски, Насер Рауфи, за БТА изјавил дека решението од пресудата им било доставено во електронска форма и содржи 22 страници.
Инаку во пресудата стои дека Љупчо Ѓоргиевски (48) е Бугарин, државјанин и на Македонија и на Бугарија, досега неосудуван.
Во пресудата која како фотографија ја објавија бугарските медиуми стои дека Ѓоргиевски е виновен:
„Виновен е затоа што во периодот од 16 април 2022 година до 22 март 2023 година како овластено лице на Здружението ‘Културен центар Иван Михајлов’ Битола иако бил свесен дека на друг дискриминаторски начин ќе разгори омраза и нетрпеливост врз основа на етичка припадност, јазик, религија и општествен статус спрема припадниците на еврејската заедница во РСМ и припадниците на македонскиот народ се согласил на тоа...“
Ѓоргиевски иако здружението го регистрирал кај него на домашна адреса, го сместил во простории на улицата „Рузвелтова“ во центарот на Битола која се поврзува со историјата на Евреите во Битола пред Втората светска војна.
Па во образложението на пресудата стои:
„Здружението КЦ ‘Иван Михајлов’ го сместил на ул.’Рузвелтова’ бр 1 во т.н Еврејско маало, познато како Ла Маале во Битола односно на истата улица во која се наоѓа и објектот познат како Пионерски дом, а во кој пред Втората светска војна било сместено здружението на Млади Евреи ‘Хашомер Хацеир’ чии членови биле активни учесници во НОВ како партизани при што овој простор бил свечено отворен за користење за членовите на здружението на ден 14 април 2022 година, ден Шабат и прв ден Песах – еден од најголемите еврејски празници кога Евреите од целиот свет го слават ослободувањето од египетското ропство“, стои во дел од образложението на пресудата на судивката Цветанка Никодиновска.
Инаку во текот на судењето, обвинителката Нечаковска за сведоци ги повика претседателот на ОО на Сојузот на борци Стефан Бошков, внук на народниот херој Стив Наумов и внук на првоборецот Ѓорѓи Наумов од НОВ. Потоа, Горан Садикарио директор на Музејот на холокаустот, пејачот Ламбе Алабаковски, осуден на условна казна од шест месеци за опожарувањето на влезната врата на клубот во Битола, како и Зоран Ѓоргиев, полициски службеник во СВР Битола, автор на книга за битолските Евреи и постдипломец на студии во Израел на програмата „Холокауст“.
На сведочењето повикувајќи се на германски и наши историчари Садикарио рече дека „Еврејската заедница издаде еден официјален став по однос на отворањето на клубот ‘Ванчо Михајлов’ во Битола и неговото работење. Ние бевме згрозени, навредени од името коешто беше употребено за именување на овој клуб. Недозволиво, неприфатливо е за нас како Евреи и граѓани во Р.С. Македонија, чиј Устав се темели на антифашистичката борба да се именува клуб по името на докажан фашист и соработник на нацизмот. Такво е името на Ванчо Михајлов. Употребено за клуб во Битола кој е на локација на 50 метри од поранешната еврејска зграда, односно Пионерскиот дом во Битола. Зграда во која младите и прогресивни Евреи од Битола се дружеа учеа и придонесуваа за Битола. Во тој клуб била и Естреа Овадија Мара“, рече Садикарио.
Автор Анета Блажевска