Доскорешниот претседател на Општинската организација на СДСМ Битола по се изгледа станува најголемиот критичар на работата на партијата во Битола.
Куновски денеска објави фотографија (најверојатно направена во моментот на оставката) со која покажува дека ги оставил клучевите од партијата, ама како што пишува „Битола заслужува став, не тишина!“
Куновски најверојатно алудира на ситуацијата во која се наоѓа ОО на СДСМ Битола, која наместо да избере претседател на општинската и да почне да работи на консолидација на локалните фракции во битката за лидерското место, формира работно тело од партиски функционери кои засега не оддаваат слика дека работите во општинската се придвижуваат кон позитивно.
Други пак, објавата и коментарот со фотографијата на Куновски ја подразбираат дека можеби поранешниот новинар се враќа на чело на општинската, па клучевите повторно ќе завршат во негови раце како најдобро решение во моментот.

Всушност, критиките на Куновски доаѓаат по објавата на ОО на СДСМ Битола во која е постирана фотографијата со неколкумина социјалдемократи како учествувале на проект за „унапредување на демократските процеси и јакнење на политичката одговорност“.
Сопартијците на Куновски испраќаат порака дека -„Општинската организација на СДСМ Битола останува посветена на промовирање политики и активности кои придонесуваат кон развој на демократската политичка култура и ставање на јавниот интерес како врвен приоритет.“
Инаку по оставката на Куновски, ОО на СДСМ наместо да избере нов претседател донесе одлука за формирање на работна група до избор на претседател а за главен на групата го назначи Драган Крајовски. Во работната група се членовите на ЦО, Методија Илиевски, Зоран Стојчевски, Елизабета Ивановска, Андреј Стојановски и Драган Крајовски. Потоа реонските координатори - Александар Дракуловски, Зоран Стојчевски, Димче Дамчевски, Тања Николовска, Марјан Паревски, Горан Поповски, Пеце Сереметовски, Горги Горгиевски како и координаторот на советничката група Петар Николовски.
„Поради оставка на претседателот на ОО на СДСМ Битола постои потреба од формирање на оваа работна група.
Работната група има задача до изборот на нов претседател на ОО, да ги спроведува сите активности на ОО на СДСМ Битола и советничката група, како и насоките дадени од централата на СДСМ“, се вели во образложението потпишано од Александар Саша Димитријевиќ на 6 февруари годинава.
Социјадемократи брифираат дека е симптоматично зошто во оваа работна група го нема името на актуелната пратеничка Бисера Костадиновска-Стојчевска. Дилемата која ја поставуваат е дали некој ја „исклучил“ од одговорноста за состојбите во ОО на СДСМ Битола или самата се дистанцира?
Инаку извори од ОО на СДСМ Битола велат дека не му оди лесно на работното тело па почнале и првите „кавги“ и натегања.
Неофицијално повеќемина имаат аспирации да ја преземат општинската во Битола, но се зборува дека овој пат можно е да биде и жена за претседател која е познато лице на битолската јавност од прес-конференциите на ОО на СДСМ Битола.
Анета Блажевска