
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ОО на СДСМ Битола е пред избор на нов претседател, а кој ќе ја заземе челната позиција во Битола ќе зависи и од мислењето на консултираното членство, потврдува за АПЛА, генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитриевиќ.
Одамна битолските социјалдемократи бараа(т) лидерот на општинската организација да се бира со предлагање и гласање од самото членство, а не тој да биде назначен од централата во Скопје. Сега прашање е дали ќе биде претседател на ОО на СДСМ Битола оној кој успеал најмногу да излобира поддршка од сопартијците и на каков начин ја стекнал довербата?
„Направени се сите интервјуа со кандидатите за претседател на општинските организации, вклучително и за Битола. Во моментов се прават консултации со членството. За брзо ќе биде донесена одлуката, потврдува за АПЛА, генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитриевиќ.

Во „игра“ се шесмина социјалдемократи од Битола: Зоран Стојчевски, поранешен советник во Советот на Општина Битола, вработен во АПРЗ; Јане Велкоски, кандидат за советник на последните локални избори вработен во приватна ИТ компанија; Борче Корлевски поранешен советник и вработен во РЕК "Битола"; Ѓорги Ѓоргиевски координатор на реон во партиската структура и вработен во РЕК "Битола"; Анета Сердарова поранешна портпаролка на ОО на СДСМ Битола, вработена во ЈКП Комуналец и Тома Бакулевски претседател на комисија за енергетика при СДСМ Битола, вработен во РЕК "Битола".
Во Битола веќе четири месеци општинската организација на СДСМ е без лидер откако доскорешниот, Методија Куновски си даде оставка, веднаш откако за член на Извршниот одбор беше избран Драган Крајовски.
Остана недоречено зошто Куновски толку побрза со оставката и зошто упати остри „стрели“ кон партијата потенцирајќи го токму делот на вреднување на индивидуата во партијата -
„Историјата нè учи дека партиите не ги губат изборите тогаш кога губат власт, туку тогаш кога ќе ја изгубат храброста да се погледнат себеси во очи. До некои подобри времиња во кои чо(в)екот ќе биде пред сѐ“, порача накрај Куновски во оставката.
Инаку конкурсот заврши на 2 април, а како се движат процесите кој ќе биде избран за претседател во Битола ќе се знае до крајот на април.
А. Блажевска