АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На убавиот Широк сокак под Камен мост деновиве пред еден од дуќаните поставена е табла „Улица Кабадаја“. Оваа досетливост побуди пријатно и позитивно чувство кај битолчани , повеќе како прифатлив мајтап кој зборува за животниот стил на многумина наши сограѓани. Овој термин воопшто не е туѓ за жителите на Битола, особено не како карактеристика за културниот и социјален живот во градот на конзулите, клавирите, муабетите кои се мерат со испиено кафе.
Во 2005 во Битола е снимен филмот „Кабадаја“ во кој се зборува за животниот стил на кабадаите од градот. Режисер на филмот е Мартин Мирчевски, а во него учествуваа многу познати личности од Битола. Битолската панк група „Паркети “ имаат направено обработка на старогратската песна посветена на Ацо Саатчијата „Ацо Кабадаја “.
Инаку кабадаја означува некомпетентна индивидуа од машки пол која залудно се обидува да создаде невистинска перцепција на големец за себе пред остатокот од општеството. Овој сленг наоѓа употреба главно во битолското говорно подрачје. Според некои извори зборот „Кабадаја“ има турско потекло. Потекнува од зборовите „каба“ што во превод значи груб и „даха“ што во превод значи гордост.