2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Се затвараат дуќани на Широк Сокак и во Старата битолска чаршија, битолчани нагрнаа во новиот мол

Август 16, 2024

БИТОЛА – Кратко по отворањето на новиот трговски центар „Блис“ на излезот од Битола кој нуди неколку брендови, присутни и во скопските молови, дуќанџиите од Битола веќе бројат загуби и најавуваат затворање на бизнисите. Економисти од градот сметаат дека помалите трговци не се подготвени да се спротивстават на ниските и промотивни цени на големите брендови и од тука е оправдан нивниот страв од новите трговски движења во градот.

Битолчани како купувачи се задоволни, особено што имаат голема понуда со пристапни цени.

 

„Пазариме во климатизирани простори, не ве пече сонце, не ве врне…Што и да купиме ако не ни се допаѓа може да го замениме по еден месец, нешто што не се практикува кај помалите дуќани. Ако не ви се допаѓа производот ви враќаат пари, без да се убедувате. Во молот имате речиси сѐ на едно место, не губите време по дуќани, не одите со километри“, велат граѓани.

Чаршија

Дуќанџии сметаат дека допрва следуваат промени во потрошувачките навики на битолчани.

„Живо пиле не пее по дуќаните низ Чаршија, даваме попусти, но задоцнето е, се е насочено во новиот мол. Како ќе го истераме месецот и годината? Ситуацијата многу не’ загрижува. Живописните улички привлекуваа купувачи и минувачи со шарените излози, ама сега владее тишината. Не е реално ова што се случува, дуќанџиите почнаа да ставаат натписи ‘се продава’ или ‘се издава’, но за жал ниту има кој да купи, ни кој да изнајми. Допрва е ‘зимата’ за битолските трговци“, се жали дуќанџија од Старата битолска чаршија.

И Широк Сокак од почеток, од плоштадот „Магнолија“ па се до Офицерскиот дом, покрај угостителските објекти и казината е нареден во главно со дуќани за облека и обувки.

Дуќанџиите велат дека попустите почнале, но купувачи нема. Не е веќе привлечно за минувачите да влезат во дуќаните ни кога попусти се реални од 50 проценти. Од друга страна пак газдите на објектите на оваа битолска амбиентална улица и натаму „уриваат“ рекорди со високите кирии за дуќаните. Нема дуќан по 1.000 евра месечна кирија.

Стара чаршија 1

„Затворам бизнис над 20 години, никако не може да се издржи со намалениот промет и високите кирии на дуќаните. Буквално работиме за газдите на дуќаните, а едвај успеваме да обезбедиме минимална плата. Сега со новите трговски прилики во градот и новите големи центри кои допрва ќе се отворат, извесно е дека за малите трговци ќе нема леб. И нашите дуќани се климатизирани, и пријатни за пазарење и пак жив човек не влегува, народот сака да пазари во молови. За жал нема да настрадаат само дуќанџиите од Битола, ова ќе ја повлече сликата и во Прилеп и Ресен“, вели Соња Крстевска, дуќанџија на Широк Сокак.

Економистот Павлина Василевска која подолг период работи на промоција на Старата битолска чаршија вели дека новиот мол, но и оние кои веќе се градат во Битола, прават несигурност за бизнисите на помалите трговски фирми во градот, а причините се реални. Меѓутоа смета дека брендираната роба ќе ги задржи купувачите од Битола и регионот на Пелагонија и Преспа да не одат на пазарење во Скопје и Солун.

„Сопствениците на дуќани се исплашени од конкуренцијата, не се во состојба да парираат на цените на големите фирми, на попустите и промоциите. Ова придонесе и пред отворањето на молот и сега да се затворат многу дуќани. Неповратно се уништува чаршијата, тоа ефект. Но од друга страна потрошувачите од Битола, Прилеп и регионот кои заминуваа на шопинг за време на сезонските попусти во Скопје и Солун, организирани со автобуси, сега е поверојатно дека парите ќе ги остават туку во Битола“, вели Василевска, која исто така е сопственик на дуќан во чаршијата.

Таа смета дека треба да се изнајде нова стратегија за да се задржи функционалноста на Старата чаршија, па најголем дел од убавите и репрезентативни објекти покрај занаетчиските дуќани, да се реновираат и да се претворат во угостителски и сместувачки капацитети, она што и недостига на Битола во туристичката промоција на градот.

„Недостига стратегија за развој на туризмот на Битола, и ова можеби е шанса со отворањето на моловите што треба да се размисли, Старата битолска чаршија да се направи по примерот на Старата скопска чаршија. Повеќе ресторани, кафетерии, слаткарници, пешачки зони вдолж коритото на реката Драгор, хортикултурно уредување. Но, никако да не се занемарат и старите занаети, оти на прсти се бројат лимари, чевлари, сатчии,“ смета Василевска.

Битола досега немаше ниту еден мол. Сега покрај новоотворениот „Блис“ се гради и трговски капацитет на „Лидл“, додека пак на улицата „Партизанска“ покрај новата населба во стара касарна се гради уште еден мол на „Кам“.

 

А.Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани