АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Дуќанџии од Старата битолска чаршија, нивни вработени и муштерии бараа повеќе локации за вело- паркинзи во овој дел од градот.
Велат дека пролетта ги мотивира повеќе да го користат велосипедот како превозно средство и за пазарување и за прошетка, но дека во чаршијата има потреба од повеќе локации каде што ќе можат безбедно да го остават и заклучат својот велосипед, без да ставуваат дека ќе им биде украден. Дуќанџии се жалат дека во неколку наврати биле сведоци на непријатни ситуации кога мушериите на кратко го оставиле велосипедот пред нивните дуќани додека пазаруваат или разгледуваат и за миг да им биде украден.
-Најди си бандера, канделабра, или бетонско столбче, па врзи си го точакот за да не ти го украдат!-еве ова им го зборуваме на муштериите , особено сега откако ќе се распролети и ќе излезат со велосипед да пазаруваат. Има еден вело- паркинг во наша близина кај стоковната куќа „Јавор“, но внатре во внатрешноста на чаршијата нема, околу пазарот не сме видела и луѓето со право стравуваат дека велосипедот може да им биде украден. Затоа би сакале да апелираме до Општина Битола да направи нешто повеќе во овој дел, сметаме дека трошокот не е голем, реагираат битолчани.
Засегнатите велат дека вело-паркинзи би било добро да има кај објектот на „Монмартр“, кај чешмичката во близина на кафеаната „Бриони“ , кај чешмичката пред менувачниците и на уште неколку позиции пред влезовите на Градскиот зелен пазар.
Од општината прецизираат дека во периодот септември – октомври минатата година поставени се 5 нови вело-паркинзи, од нив два во Старата чаршија кај стоковна куќа „Јавор“(така што во овој дел во моментот има два вело- паркинзи), поставен е вело- паркинг на ул. Прилепска - кај „Ат пазар“. Додека на Широк Сокак (кај Аеро клубот), на Градското шеталиште (во близина на Олимписки базен) и еден вело паркинг е дониран за Tехничкото училиште во Битола.
Од предвидените локации во Програмата за поставување на урбана опрема на јавни површини на подрачјето на Општина Битола, којa се однесува на паркиралишта за велосипеди, потребно е вело- паркинг да се постави и во Хераклеа, а исто така, тековно ова прашање се решава и во населбата АРМ каде според програмата, се предвидува да се постават паркиралишта за велосипеди пред сите јавни институции, спортски центри, паркови, детски игралишта и сл.
- Конкретно, со поставувањето на вело- паркинзите кај поранешната стоковна куќа „Јавор“ и делот кај автобуската станица „Ат пазар“, комплетно е покриен делот кој е предвиден во Програмата, но и она што го дозволуваат условите на терен, имајќи предвид дека делот на Старата чаршија е пешачка зона, додека сопствениците на приватните објекти можат пред своите објекти сами да постават вело паркинг, а движењето со велосипед да се врши во предвиденото време за достава на роба. Задолжен за контрола во овој дел е општинскиот инспекторат. Имајќи го предвид, новото барање на граѓаните за поставување на дополнителни вело- паркинзи во Старата чаршија, се разгледуваат можностите за уште две локации на влезот во Старата чаршија, на кои би постоела можност за поставување на два нови вело-паркинзи, одговорија од Општина Битола на прашањето на апла.мк.
Од локалната власт уште додаваат дека во рамките на градското ткиво велосипедски паркинзи се поставени на над 60 локации, а согласно Програмата, финансирањето на изградбата на вело-паркинзите е на товар на инвеститорот или донаторот.
Покрај зголемувањето на бројот на вело-паркинзи, Општина Битола за првпат на крајот на минатата година, со одлука на Советот на општината, предвиде 1 000 000 денари за субвенционирање на граѓаните кои сакаат да купат велосипеди.