АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во пријатна и натпреварувачка атмосфера помина спортскиот натпревар во спортската сала на училиштето „Климент Охридски“ во Битола во кој заедно учествуваа лица со попречености и ученици од основните и средните училишта од Битола и Прилеп. Натпреварот беше во рамки на проектот „Можеме и сакаме да пееме“ што е дел од медиумската кампања „Попреченоста е само прашање на перцепција“, а во организација на Здружението на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола.
„Дружењето на децата од училишна возраст и спроведувањето на активности со учество на овие ученици и лица со попреченост е со цел подобрување на позитивното мислење, поголемо разбирање на попреченоста, како и зголемена поддршка и почитување на концептот на еднаквост посебно кај младата популација во однос на лицата со попреченост. Овие спортски настани и активности придонесуваат за поголема физичка активност на лицата, нивно подобро социјализирање во општеството. Веруваме дека спортот како алатка ќе приоднесе за нивно подобро социјално вклучување во животот“, рече Јуле Трајчевска, претседател на Здружението за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола.
Учесниците се натреваруваа во трчање на 100 метри, додавање на топка од рака на рака, шутирање во мали голчиња и кош, како и брзо одење со балансирање на топка во лажица. На крај беа доделени благодарници за учесниците и медали за победниците.
Во спортскиот натпревар учествуваа членови од „Порака“ од Битола и Прилеп, ученици од Основното училиште „Тодор Ангелевски“, од СОУ „Таки Дасало“ од посебните паралелки и од редовните, ОУ „Климент Охридски“, ЗРДОС „Кочо Рацин“, ДСУ за рехабилитација, образование Св. Наум Охридски-дисперзирана паралелка – Битола и Центарот за обука и едукација „Лотус Ј“.
„Не покажуваме, туку докажеме за можности на лица со попреченост дека можат да спортуваат, дека можат да пеат и да бидат корисни за општеството. Апел до родителите кои имаат деца со попречености да им овозможат да се дружат во училишта и клубови секаде каде можат да излезат надвор“, рече Трајчевска.
Од „Порака“ се надеваат дека овој прокет ќе биде предизвик за целосна инклузија и вклученост во општеството за лицата со интелектуална попреченост да имаат квалитетен и исполнет живот.
„Креирањето на амбиент во кој лицата со попречености ќе ги остваруваа своите основни човекови права е наша обврска како општество. Не е никаква привилегија, туку неприкосновено човеково право. Како координатор на училишниот инклузивен тим во СОУ ‘Таки Даскало’ сметам дека должни сме да обезбедиме целосни услови за непречено одвивање на инклузивното образование“, рече Марија Младеновска Димитровска стручен соработник психолог во СОУ „Таки Даскало“.
Дел од лицата со интелектуална и друга попреченост во изминатите месеци имаа можност и бесплатно да добијат обука по англиски јазик и компјутери во Центaрот за обука и едукација „Лотус Ј“ во Битола.
„Сакаме да докажеме дека секој може да земе активно учество во општествениот живот без разлика за каква попреченост станува збор. Добар дел од штитениците на ‘Порака’ имаат присуствувано кај нас на различни обуки за англиски јазик, компјутерски вештини и друго. Обуките се бесплатни и започнаа уште во февруари и до крајот на јуни ќе завршиме со нив. Но, имавме позади нас неколку добри месеци на дружење, учење на комуникација на луѓе од разчични ранливи категории“, рече Симона Јовеска од „Лотус Ј“.