АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Заврши реконструкцијата на првата делница од улицата „Илинденска“ во должина 200 метри, покрај Еврејските гробишта, соопштија од Општина Битола.
Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска изврши увид во теренските активности, а од страна на изведувачите и надлежните лица од Општината за овој проект, беше информирана дека асфалтирањето ќе биде изведувано по делници, онака како што се комплетираат сите активности.
Целосната конструкција на улицата „Илинденска“ во Битола во должина од 2131 метар е инвестиција во вредност од околу 1 милион евра, од кои 530.000 евра општински средства. ЈКП „Водовод“ е задолжен за изведба водоводните приклучоци во висина од 3,6 милиони денари, КЈП „Нискоградба“ за канализационите приклучоци во вредност од 6,9 милиони денари, додека коловозот е во висина од 22 милиони денари.
За теконструкцијата на мешовитата канализациона мрежа, Министерството за транспорт и врски одвои околу 415.000 евра.
Соодветен пристап до домовите добија и жителите на кракот од улицата „Раштанец“.
„30 години ниту некој дошол да не посети, ниту имал слух за нашите проблеми. Конечно, по толку време и до нашите домови ќе газиме како луѓе, а нашите деца ќе се движат без кал на нозете“, коментираа дел од жителите на крак од улицата „Рашанец“,каде што во моментов се работи на поставување на бехатон плочки, при средбата со градоначалничката Наташа Петровска.
Таа истакна дека ветеното го исполнува, но дека не може се во градот да се реши одеднаш и побара населението да има трпение, бидејќи паралелно се работи во повеќе населби во градот, на решавање на инфраструктурни проекти.
На овој потег, каде што се наоѓаат околу 25 куќи, во должина од над 160 метри, со површина од 370 метри квадратни, на несоодветен терен на кој досега не можеше ниту возило на брза помош да дојде, за прв пат се санираат приодните пристапи до домовите.