2win800x200

Во Ерусалим има улица која го носи името на партизанката од Битола, Естреја Овадија Мара

Декември 28, 2020

Во светиот град Ерусалим има улица која го носи името по битолската партизанка Естреја Овадија-Мара, национален херој од времето на антифашистичката борба. Податоци за овој куриозитет на фејсбук групата Стари биточани напиша битолчанецот Димитар Поповски. Тој објави и фотографија од улицата на која на хебрејски пишува „Улица МАРА - Партизанско име на Eврејката Естреја Овадија. Народен херој на Југославија. Загина во борба. 5682(1922)-5704(1944)“.

Редакцијата на Апла.мк го контактираше Поповски, кој е израснат во Битола, но повеќе од 10 години живее во Гетеборг, Шведска каде работаи како советник за истражувачки податоци на Шведската служба за податоци при Универзитетот во Гетеборг.

 

„Фотографиите ги направив при мојата посета на Светата земја во 2018 година. Улицата ‘Мара’ се наоѓа во западниот (еврејски) дел на Ерусалим во непосредна близина на големиот светски познат музеј на холокаустот ‘Јад Вашем’. Во овој музеј има податоци за буквално сите жртви и уништени еврејски заедници од цела Европа за време на нацизмот. Не е мал бројот на податоци што ги поседуваат и за Битола (Монастир), како и за спомен-обележјата поврзани со Евреите од нашиот град. Таму е документирано и постоењето на оваа улица посветена на нашата сограѓанка, единствена македонска Еврејка прогласена за народен херој на Југославија“, ни рече Поповски.133810415 10157981436568282 2375484346242577421 o

Инаку оваа улицата, како и населбата Рамат Беит ХаКерем во која се наоѓа, се од понов датум. Изградени се во последните триесетина години. На улицата има околу 15-тина помали три-четирикатни станбени згради.

„На денот на мојата посета, на улицата беше многу живо и полно со луѓе поради големиот еврејски празник Сукот. Некои од жителите беа љубопитни околу фотографијата што ја носев в раце и со која се фотографирав. Огромно беше изненадувањето кога разбраа дека тоа е, како што тие рекоа, ‘партизанката Мара’ која им стои на домовите и во личните карти. Огромна беше и среќата што за првпат сретнуваат и нејзин сограѓанин. Еден дури и се пошегува прашувајќи дали поминав толкав пат од тој мал европски град каде е родена Естреја Овадија само за да ја видам нејзината улица“, додаде Поповски.133855080 439944727387333 5043777677100873616 n

Според биографијата, Овадија е родена во Битола, во работничко еврејско семејство. Рано останала без татко. Имала уште две сестри, за чие издржување покрај мајка ѝ, што работела како перачка по богатите куќи, иако мала, се грижела и таа. Естреја посетувала и училиште. Многу мала ја почувствувала сета беда на сиромаштијата и целиот бес на богатите, кај кои и самата морала да работи. Веќе во 1938 година, со неполни 16 години се активира во Еврејското хуманитарно друштво „Визо“ во родниот град. Покасно истата година, заминала на работа во Белград. Нејзиниот револуционерен активизам дошол до израз за време на демонстрациите на 27 март 1941 година во Белград. Станала членка на СКОЈ, а потоа уште поинтензивно да го продолжила своето револуционерно делување. По капитулацијата на земјата, во 1941 година се вратила во Битола и се вклучила во подготовките за оруженото востание.

Член на КПЈ била од 1942 година. Непосредно пред депортацијата на македонските Евреи, излегла во илегала на 10 март 1943, а потоа на 5 април 1943 година заминала првин како борец на Партизанскиот одред „Даме Груев“, потоа во Партизанскиот одред „Гоце Делчев“ и во други единици на НОВ и ПОМ.

При формирањето на Третата македонска ударна бригада била назначена за заменик политички комесар на чета. На 22 август 1944 година при формирањето на Седмата македонска бригада за политички комесар на баталјон.

Загинала во борба со бугарските окупаторски сили, во близина на врвот Кајмакчалан на 25 август 1944 година. Тогаш имала само 22 години.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани