АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
„Ова не е чудовиште, ова е секој од нас“, вели Класнето за скулптурата на човек изработена од ѓубре.
Таа е дел од изработките од смет кои ќе бидат изложени вечерва во Центарот за култура в Битола, како дел од герила акцијата „Свеста е луксуз“.
„Оваа скулптура е секое дете, тинејџер, родител, баба, дедо, човек, нечовек… Ова е секој кој смета дека во оваа наша убавина од Господ дадена и наречена Пелистер треба да оди да се изнаужива, нагости и да остави ѓубре. Секој вљубеник во спортот кој живее за да оди на натпревар и остава рид од исплукани семки пред себе. Ова е секој ученик на кој ‘случајно’ му паѓа шишето за време на одмор и го остава на земја некој друг да го мисли. Или пак под клупа. Ова е секој родител кој не реагира кога детето ќе фрли нешто на земја. Ова е секој заљубен пар кој на своите прошетки низ паркот смета дека грмушката е корпа и дека саксиите за цвеќиња се пепелници. Ова е секој пушач кој мисли дека токму за неговите отпушоци има еден вработен во комунално претпријатие“, вели Марија Магдалена Петковска Микаровска, позната по иницијативата „Мети си со Класнето“.