АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Печатена верзија на туристичката мапа на Битола деновиве се дистрибуира низ градот на педесеттина локации, во НП Пелистер, на граничниот премин Меџитлија и кај дел од такси превозниците. Туристичката агенција „Глобус клуб“ во соработка со „Инс Медија“ втора година по ред изработија туристичка мапа во 15 000 примероци која е сосема бесплатна.
-На туристите им се потребни информации, брошури и промотивен материјал за градот и од тука се роди идејата да направиме една ваква мапа. За разлика од ланската година новата туристичка мапа е печатена на две страни со тоа што на задната страна се промовира НП Пелистер , угостителски објекти во него, но и патеките за пешачење, велосипедизам и ски-патеките на Пелистер, изјави Горан Пинза туристички водич и промотор на Битола.
Според него ЈУ Национален парк Пелистер безусловно го поддржал проектот, за разлика од најголем дел од јавните установи кои не биле заинтересирани да ја помогнат оваа идеја.
-Битола и регионот поседуваат огромни природни и културно-историски богатства коишто треба да се промовираат и посетат, а туризмот треба да биде главна стопанска гранка за локален економски развој, вели туристичкиот водич Пинза.