2win800x200

Жените во кинематографијата – како да се истакнете во филмската индустрија

Септември 25, 2025

На годинешниот ИФФК „Браќа Манаки“, на мастеркласот „Жените во кинематографијата“, беа понудени искрени совети и инспиративни приказни од жени кои успешно ја градат својата кариера зад камерата.

Панел-дискусијата, модерирана од Вика Сафриџина од „Лајц“, ја обедини искуствената перспектива на кинематограферките и агентите кои стојат зад нивниот успех.

Фриленс кинематограферката Франческа Зеренги го сподели своето искуство со филмските фестивали, истакнувајќи ја важноста на подготовката.

„На секој фестивал имате прес-кит со сите информации за филмовите. Дури и ако немате свој филм таму, фестивалите како Кан или Берлинале се одлична можност за вмрежување. Прегледајте ја програмата, истражете ги локациите, подгответе се однапред за да извлечете максимум од искуството,“ советува таа.

Зеренги додаде дека многу е важно на Инстаграм да не се споделуваат содржини од политика или религија.

Британската кинематограферка Рејчел Кларк зборуваше за улогата на агентите и личната искреност.

„Имам многу пријатели кои често ги менуваат агентите, но според мене најважно е да се биде искрен пред себе и да се има искрена врска со агентот. Без тоа, нема да бидете задоволни од соработката. Ние кинематограферите сакаме да сме зад камерата, но мора да се охрабриме да зборуваме и јавно,“ нагласи таа.

Агентката Луси Прајс од Лондон ја истакна важноста на дигиталната видливост.

„Нашата работа е да ги промовираме клиентите, да им обезбедиме договори и да ја прошириме нивната професионална мрежа. За тоа е неопходно да постои онлајн присуство. „ЛинкдИн“ е клучна платформа, но и другите социјални медиуми се важни. Продуцентите најпрво ќе го погледнат вашиот дигитален отпечаток. Онлајн активноста и поврзувањето се клуч за нови можности,“ рече Прајс.

Советите за автентичност на социјалните мрежи, како и практичните насоки за градење на кариерата, ја заокружија дискусијата која имаше една цел – да им помогне на жените во кинематографијата да се охрабрат, да се вмрежат и да бидат видливи во оваа извонредна индустрија.

На кинематограферките и кинематограферите им се потребни агенти бидејќи филмската индустрија е многу конкурентна, динамична и базирана на контакти. Агентот се грижи за договорите, хонорарите, авторските права и сите правни детали. Осигурува кинематограферот да добие фер услови и квалитетни проекти, пристап до поголеми и подобри проекти. Агентите имаат контакти со продуценти, режисери и студија. Тие ги поврзуваат кинематограферите со вистинските луѓе и често имаат информации за нови проекти пред тие да станат јавни.

Агентот помага да се изгради јавниот имиџ на кинематограферот преку интервјуа, фестивали и професионални мрежи. Се грижи кинематограферот да се позиционира во индустријата на начин што одговара на неговиот стил и амбиции. 

Филм кој зборува со емоции: ИМАГО со омаж за Рон Јохансон во Битола

Во рамките на ИФФК „Браќа Манаки, во киното „Манаки“ во Битола во полната сала беше прикажан филм омаж во чест на Рон Јохансон, реномиран кинематографер и долгогодишен член на Меѓународната федерација на кинематографери – IMAGO, кој почина во јуни годинава.

Проекцијата беше исполнета со силни емоции од колегите на Јохансон, кои преку филмот зборуваа за неговиот живот, неговата безрезервна посветеност на уметноста и визијата што ја споделувал со целата кинематографска заедница.

Неговите пријатели и соработници му се заблагодарија за инспирацијата и поддршката што им ја пружал со децении.

Јохансон долги години бил претседател на Австралиското здружение на кинематографери (ACS) и истакнат член на IMAGO. Како што истакнаа неговите колеги, освен како уметник зад камерата, тој ќе биде запаметен и како ментор, визионер и човек кој ги обединувал кинематограферите од целиот свет.

„Настрана од титулите и признанијата, Рон ќе биде запаметен по неговата дарежливост, топлина и силна лојалност. Тој менторираше генерации кинематографери, од кои многумина продолжија со успешни кариери. Ги обединуваше луѓето со својата заразна енергија и неверојатна смисла за хумор“, велат кинематограферите, членови на ИМАГО.

IMAGO, федерацијата која денеска обединува 57 национални здруженија и повеќе од 4.000 кинематографери, со оваа проекција уште еднаш ја потврдија својата мисија – да градат заедница без граници, каде што уметноста и колегијалноста одат рака под рака.

Омажот за Јохансон во Битола не беше само потсетување на еден извонреден живот, туку и повик кон младите генерации да ја продолжат неговата визија – светлина што ќе гори уште долго во светот на филмот.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани