АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 4 ЈАНУАРИ во 1921 година во Битола е роден Стево Христовски-Патако, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Студирал на правниот факултет во Белград, а по окупацијата во Софија. Уште пред војната станал член на КПЈ и се пројавувал со својата активност во редовите на револуционерното движење во Битола. Извесно време бил секретар на Месниот комитет на СКОЈ. Во ноември 1941 г. ги подготвувал радиовестите за илегалниот весник "Билтен" кој бил орган на Месниот комитет на КПЈ за Битола и под редакција на Стив Наумов и Љупчо Арсов. Во септември 1942 г. станал член на Месниот комитет на КПЈ за Битола и во него бил одговорен за младината и младинската комунистичка организација СКОЈ, како и за функционирањето на партиската техника. Истовремено бил член и на Окружниот комитет на КПЈ за Битола. Бил член редакцијата на илегалниот партиски весник "Народен глас". За време на окупацијата, поради борбените негови активности, на два пати бил затворан и мачен. Кон крајот на 1942 г. бил уапсен и по тортурите во битолскиот затвор, бугарската полиција без изнудено признание и докази од него, го интернирала во Кавала, во Егејскиот дел на Македонија. По априлско-мајската провала во партиската организација во Битола во 1943 г., бугарската полиција добила нови сознанија за неговата активност и се решила да го врати назад од интернација. Но, тој на битолската железничка станица успеал да $ избега на полицијата и продолжил илегално да живее и дејствува во Битола. За тоа време поминато во илегала, не мирувал, туку неуморно работел за потребите на Партијата и извршувал најразлични одговорни партиски должности. На 28 јули 1943 г. бил повторно откриен и обиколен од бугарската полиција. Влегол во борба, но увидувајќи дека борбата е осудена на неуспех, со последнот куршум се убил, за да не падне жив во рацете на непријател
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 4 ЈАНУАРИ, во 1910 година во село Лавци, Битолско, е роден Тодор АНГЕЛОВСКИ-Строгов, Тошо Даскалот, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Основно образование завршил во родното село и Битола, а Учителската школа во Прилеп ја завршил во 1929 г. Потоа работел како учител, бил меѓу најистакнатите прогресивни дејци во Битолско и уште во периодот меѓу двете светски војни станал член на КПЈ. По бугарската окупација бил еден од главните организатори на т.н. Илинденска демонстрација во 1941 г. во Битола. Заедно со Стив Наумов и Трајан Белев, во 1942 г. бил најзаслужен и најангажиран при формирањето на Битолскиот партизански одред "Пелистер", на Битолско-преспанскиот партизански одред "Дамјан Груев" и на Партизанскиот одред "Јане Сандански". Бугарскиот фашистички суд во јули 1942 г. во отсуство го осудил на смртна казна. Во втората половина на март 1943 г. бил поставен за командант на реорганизираниот и бројчано зголемен Партизански одред "Дамјан Груев". Од мај 1943 бил поставен за командант на Втората оперативна зона. Откако бил предаден, бугарската војска и полиција го блокирала неговото родно село и тој на 23 јуни 1943 г. за да не биде заробен се самоубил.
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 4 ЈАНУАРИ, Во 1902 година во село Ѓавато, Битолско, е роден Трајан БЕЛЕВ-Гоце, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Бил на печалба во Франција, Канада и САД. Од 1928 г. станал член на Комунистичката партија на Америка. Заради учестви во работнички демонстрации и работа на комунистичка линија од властите на САД повеќепати бил затваран, суден и малтретиран. На крајот, по десетогодишен престој, бил присилно екстрадиран од САД. Бил член на КПЈ од 1938 г. Во август 1940 г. станал секретар на комунистичката партиска организација во родното село, а нешто подоцна и член на Месниот комитет на КПЈ за Битола. Во време на бугарската окупација на Битолско бил активен во организирањето на вооружен отпор. Во тој период најпрво бил секретар на Првиот битолски реон на КПЈ. Во 1942 г. станал член на Окружниот оперативен воен штаб во Битола. Подоцна бил политички комесар на Партизанскиот одред "Дамјан Груев" и со него учествувал во нападот на полициската станица во селото Кажани на 18-19 август 1942 г. Бил заменик политички комесар на Првиот баталјон на Втората оперативна зона на НОВ и ПОМ односно на баталјонот "Мирче Ацев". Загинал на 6 октомври 1943 г., кај селото Кленоец, Кичевско во борба со балистичките сили.
подготвил: д-р Александар Литовски