АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Народниот театар од Битола со претставата „Детето сонува“ од Ханох Левин, а во режија на Итаи Дорон тргна на гостување во Пекинг и Шангај во Кина. Претставите се закажани за петок и сабота оваа недела. Актерите на своите фејсбук профили напишаа дека на овој начин ѝ го честитаат празникот на Битола, 75 години од ослободувањето.
„Да се пишува еден ваков текст во годината во која нашиот домаќин Н.Р. Кина слави 70 години од своето формирање како современа држава, а притоа станува збор за една од најстарите светски цивилизации е огромна привилегија но и одговорност во исто време. Ова не е прво гостување на Битолскиот театар во Н.Р. Кина, но е најголемото на еден македонски театар на кинеска почва. Овој пат доаѓаме со комплетна екипа, сценографија и костими, гостуваме во два града, ја играме ‘Детето сонува’ неколку пати... Вложивме големи напори да го организираме сето тоа, ќе вложиме уште поголеми за да ја претставиме нашата земја достојно“, напиша директорот на Народниот театар Иван Јерчич на неговата фејсбук страница.
Драмата открива приказна за едно патување на една мајка и едно дете кои бараат прибежиште по напуштањето на својот дом, откако војници го убиваат таткото и ги протеруваат мајката и синот. Тие запловуваат во пространиот океан на непознатото, молат за засолниште на еден сиромашен остров и желни се да се откажат од сѐ освен од животот, чекајќи каков и да е спас. Претставата во фокусот ја има голготата на мигрантите.
„Не станува збор за бегалци од конкретна војна, но со претставата сакавме да им се оддолжиме на сите оние луѓе кои ги губат своите домови, за сите оние луѓе за кои во Македонија во изминатиот период се говореше со многу предрасуди, скепса и страв. За оние луѓе за кои ние не успеавме да се надминеме и во еден момент се фативме во целата своја човечка беда и вулгарност да им продаваме велосипеди за 500 евра, шише вода за 2 евра, леб, да им наплаќаме превоз не замислувајќи се ниту еднаш за нивната човечка судбина“, рече досека се подготвуваше претставата, директорот на Народниот театар од Битола, Иван Јерчиќ.
Со „Детето сонува“ повторно од театарската сцена во Кина ќе прозвучи македонскиот јазик.