АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
НА ДЕНЕШЕН ДЕН, 22 АПРИЛ 1945, кај Славонска Пожега, Хрватска загина Јонче ЃОРЃИЕВСКИ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Роден бил во селото Дихово, Битолско, во 1928 г. Како пионер бил активен во помагањето на антиокупаторското и антифашистичко движење во Битолско. Уште во 1941 г. учествувал во создавањето на младинската комунистичка организација (СКОЈ). Бил еден од младинците од родоното село кои разнесувал и растурал летоци со антиокупаторска и комунистичка содржина. Учествувал во акцијата на битолските комунистички илегалци од 3 март 1942 г., кога на бугарскиот национален празник, било украдено оружје и муниција од Општинскиот воен магацин.
Во септември – октомври 1942 г., станал член на новоформираната селска организација на КПЈ-Битола. Неговите активности не останале тајна за бугарската фашистичка полиција, па често бил апсен и физички малтретиран уште од 1942 г.
Во март 1943 г. се илегализирал и стапил во Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“, а по формирањето на Битолскиот партизански одред „ Гоце Делчев“ во мај 1943 г. бил во неговите први борбени редови.
Подоцна повторно станал легален, па бил апсен и малтретиран од бугарската полиција, за кон крајот на мај 1944 година, преку Цане Павловски, повторно да се приклучи во партизанските единици на Народноослободителната војска.
Учествувал во бројни борби со бугарските и германските окупаторски воени и полициски сили. Бил борец во составот на Првата македонска бригада и со неа учествувал во завршните борби за ослободување на земјата на Сремскиот фронт и во тие борби храбро го загубил животот.
подготвил: д-р Александар Литовски, историчар