АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Ислаханите претставуваат училишта (мектеви) кои за прв пат во Османлиската држава се појавуваат во втората половина на 19 век, поточно во 1860 година. Тогаш за прв пат во Ниш се гради ислахане, во 1868 г. се отвора во Скопје, додека ислахането во Битола се отвора во 1902 година. Ислахането во Битола функционира до 1912 година поточно цели 10 години.
Називот „ислахане“ потекнува од турскиот збор ислах што значи добро или добрина, додека хане значи значи простор или место, односно добро место. Во современиот турски жаргон пак може да се протолкува како поправен дом.
Ученици во ислаханите биле просјаци, сираци, деца од економско загрозени семејства, напуштени деца, а некогаш и проблематични деца.
Ислахането во Битола функционирало како индустриско школо каде се изучувало занаетчиството (браварски, кондураџијски, столарски и шивачки), а подоцна и уметнички занаети. По извесно време ислахането се претвора во уметничко училиште. Во овој период секој вилает имал по едно ислахане, односно во тој период имало 30 вакви училишта. Овие споменати категории на деца биле земани во училиштето без оглед на нивната национална и верска припадност. Ислаханите функционирале според еден регулиран статут (низамнаме) според кој концептот на раководење и работење се базирал врз најновите реформи на Османлиската држава која во голем дел се потпирала на придонесот од ислаханите, за средување на градот, регулирање на улиците, а играле и голема улога во заштитата на амбиентот.
На почетокот ислаханите биле основани ако место за деца без родители, а потоа се претвориле во индустриски школи. Од вкупно 7 на Балканот сочувани се само ислаханите во Солун и во Битола. Во првата година од изградбата на ислахането во Битола биле сместени 68 деца. Трошоците за функционирањето биле покриени од големите фирми од кожарската индустрија и од лотаријата. Особено во 1907 г. тогашната лотарија го опремила просторот со мебел и со други реквизити. По паѓањето на Битола под српска власт во 1912 г. ислахането се затвора и се користи како депо, но и како производствени погони за тогашните битолски фабрики. Ислахането било доста оштетено за време на Првата светска војна со што губи голем дел од неговиот изглед.
Покрај изучување на разни занаети на оваа сензитивна категорија на деца ислахането одиграло голема улога за развојот за социо-економската состојба на Битола и пошироко. Децата покрај основно образование стекнувале големи способности за занаетчиство а особено талентираните деца биле селектирани за работа во големите индустриски капацитети и занаетчиството во градот.
Голема улога имале зошто заедно учеле муслимански и немуслимански деца а мисијата била заеднички да го носат теретот на развојот на градот.
Во ислахането имало посебни програми за просјаци, деликвенти и за немирни деца кои биле донесени од родителите или поширокото семејство.
Талентираните деца организирале изложбина своите дела. Обично се задржувале 5 години со можност за уште 5. Бидејќи е изградено со ферман на султанот Абдулхамид, битолското ислахане носело назив Индустриски мехтеб (хамидие).
По свеченото отворање на 6 октомври 1902 година во присуство на многу гости, биле присутни и муслимански и православни великодостојници, како и битолскиот валија Едип паша.
Архитектонски овој монументален објект е во неокласичен и неоренесансен стил воглавно идентичен на многу јавни институции во времето на султан Абдулхамид, со големо влијание на тогашната париска школа. Сите градби на ислахани и идадии биле проктирани од тогашното Министерство за урбанизам во согласност со големината на градот и на населението. Тоа е главно државна емпир архитектура, двоспратна со симетрично поставени правоаголни прозорци во три реда, влезните елементи на градбата биле украсени со столбови и големи скалила кои давале импозантен изглед на градбата .
Извор: Министерство за култура