АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолчани во минатото не успеаја да ја спасат старата театарска зграда, која преку ноќ била урната во 1980 година, а просторот станал дел од тогашниот колосален проект за изградба на Дом на културата и плоштадот Гоце Делчев.
Детаљни податоци за историјата на објектот и за постапката која се водела за негово рушење се објавени на интернет страницата на проектот „Кинокултура“, повикувајќи се на историски извори, написи и документи. Изработена е и 3-Д визуелна презентација на Стариот театар и како би изгледал доколку беше зачуван до денес. Во презентацијата е прикажан надворешниот изглед на објектот граден во 1897 година, со богата внатрешност, ложи за публиката, црвено кадифе и други елементи.
„Кинокултура“ е проект на Општина Битола, поддржан преку Интерег ИПА програмата за прекугранична соработка со Воден (Едеса), Грција, кој промовира културно наследство и традиција за туриситички цели, а преку него е обезбедена и киноопрема, изработени се 3-Д модели на значајни градби од старата битолска чаршија и друго.
Според податоците објавени на „Кинокултура“, на 2 август 1969 била донесена одлуката за изградба на спомен-домови на културата во 25 градови во Социјалистичка Република Македонија, како траен спомен на Првото заседание на АСНОМ. Од 1975 до 1982 година биле издвојувани еден и два проценти од личните доходи на сите вработени лица во Битола и од пензиите, со што се собрале средства за изградба на спомен-дом на културата и други објекти.
Во јавноста проструила идејата за рушење на старата театарска зграда. Според некои, ова бил познат факт уште при изборот на локацијата за градба, согласно планот кој предвидувал комплетно просторно решение за плоштадот Гоце Делчев. На 3 октомври 1979 била донесена одлука за преземање итни мерки за формирање на техничка документација за уривање на објектот.
„Дел од граѓаните и интелектуалната јавност се спротивставиле на оваа одлука. Веќе на 8 октомври, НУ Завод и музеј донесе решение за утврдување на својство на споменик на културата за зградата на Народниот театар, со посебен режим на заштита на ентериерот. Со ова привремено се стопирала постапката за рушење, но започнала правна битка, која резултирала со пресуда на Врховниот Суд од 3 јули 1980, со која повторно се овозможило рушење на објектот. Една од опциите која била разгледувана била и комплетна дислокација на ентериерот од стариот во новиот објект, но и таа идеја не била прифатена“, пишува на страницата на „Кинокултура“.
Објавен е и допис од архитект Љубиша Новаковиќ испратен до локалната власт, со кое бара да запре уривањето, велејќи дека е избрзано, новиот објект не е дограден, па ќе настане стагнација на театарската дејност. Но, без резултат.
Во ноќните часови на 30 јули 1980 се пристапило кон брзо рушење на театарската зграда. Институцијата Народен театар веќе била дислоцирана во новиот објект, кој свечено бил предаден во употреба на 11 октомври 1980.
Со тоа Битола останала без старата театарска зграда. Била изградена за друга намена за време на валијата Абдул Крим-паша во 1897 година, наспроти противењето на муслиманското население зашто на местото имало гробишта. Токму во овој објект на 14 ноември 1944 година била прикажана првата театарска претстава на македонски јазик, едночинката „Ѓоре Магаревски” од Владо Малески, која го одбележа раѓањето на Народниот театар во Битола. Главната улога му била доверена на Димче Стефановски, а овој прв ансамбл го сочинувале и Јорго Цаца (раководител на групата), Вера Вучкова, Мери Бошкова, Ацо Стефановски, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев, Јован Бејко, д-р Јован Калаузи, Никола Автовски, Митко Енчев, Пеца Димоски. Љуба Џима, Менде Лазаревски, Мара Аневска, Мара Савевска, Петар Велјановски и Радован Пеин.