Интегрален текст од прес конференција на Мирјана Захариевска Ралевска, советник од СДСМ
Министерството за образование и наука да ги одземе ингеренциите на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски заради непочитување на одлуките на второстепената комисија за трансформација на работниот однос на 50тина наставници во битолските училишта!
Коњановски и неколкумина од општинската администрација се ставија над законот и не постапија по решенијата на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен со кои се наложува
Општина Битола да го трансформира работниот однос од определено на неопределено време на 50тина наставници во училиштата. Во Законот за наставници стои дека Комисија е должна да постапи и да го трансформира работниот однос на наставниците кои ги исполнуваат со закон утврдените услови.
Согласно член 166 од Кривичниот Законик, свесно прекршување на правата од работен однос е кривично дело заради што СДСМ ќе покрене постапка против градоначалникот Тони Коњановски, против членовите на комисијата за трансформација на работниот однос и директори на училишта. Надлежните органи нека утврдат дали зад постапките на градоначалникот и останатите, се кријат партиски интереси за вдомување на партиски кадри во наставниот процес.
СДСМ цела година предупредува дека Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски ги кршат законите со одбивањето да го трансформираат работниот однос на наставниците кои исполнуваат услови и ја загрозуваат егзистенцијата на цели семејства. Со почетокот на учебната година, се покажа дека Коњановски се поигрува и со воспитно – образовниот процес на децата и остави ученици без учители и наставници.
Од советничката говорница неколкупати апелиравме Комисијата да постапи согласно законите, но кога Коњановски и ДПМНЕ се во прашање не важи закон, туку партиска директива и инает. Затоа, бараме Министерството за образование и наука да ги одземе ингеренциите на градоначалникот Тони Коњановски во образованието со што ќе се овозможи спроведување и почитување на законите.