Интегрален текст од соопштението на СДСМ Битола
Два месеци му требаа на Коњановски за да сфати дека нема играње со парите на битолчани. Благодарение на притисокот и упорноста на СДСМ и коалицијата, ребалансот на буџетот што сега го предлага градоначалникот, откако првичниот не му помина во Министрството за финансии, ги содржи сите амандмани што советничката група на СДСМ и коалицијата ги предложи!
Без амандманите на СДСМ и коалицијата, битолчани ниту ќе знаеја што планира да прави Коњановски со нивните пари, ниту ќе имаше капитални проекти кои треба да го променат на подобро животот на граѓаните!
После два месеци натегање, Коњановски ги прифати предлозите на СДСМ и коалицијата да се изгради кружен тек кај Макпетрол Довлеџик, да се гради јужна трибина на Стадионот Петар Милошевски, да се гради тартан патека на стадионот и нова улица која ќе ја врзе сеуште незавршената Крушевска република со службениот влез на стадионот. Благодарение на СДСМ и коалицијата ќе се изработи документација за фекална канализација за селата Дихово и Ниже поле, женските клубови Топ гол, Атлетико и ЖРК Пелистер ќе добијат финансиска поддршка од буџетот, ќе се изработат Детални урбанистички планови за Старата чаршија и за Широк Сокак.
Доблесно ќе беше од Коњановски и во изјавата за медиумите да признае дека со првично предложениот ребаланс ја претерал со желбите за задоволување на своите и на интересите на ДПМНЕ. Но, нивото на политичка култура што го диктира ДПМНЕ не знае за ништо друго освен за изигрување жртва наспроти сите!
СДСМ и коалицијата нема да се задоволат со прифаќањето на амандманите во новопредложениот ребаланс на буџетот на Општина Битола, туку ќе продолжат будно да ја следат реализацијата на проектите. Менталитетот на ДПМНЕ и на Коњановски, а и финансиската состојба во која се наоѓа во моментов општинската каса не ветува дека се што ќе биде прифатено, навистина ќе биде и реализирано оти пари нема!
Културните работници, спортистите си ги бараат парите, граѓаните ги чекаат парите за климите, за дограмите, за штетите од земјотресот...Ако градоначалникот тврди дека општината има пари, зошто не ги исплаќа на сите што ги чекаат? Од програмата за култура, потрошени се над 94% од парите, од програмите за спорт нема за исплата на кошарката, фудбалот, ракометот...
Не сите граѓани се економисти, ниту ги интересира да знаат што се ставки, ребаланс или програми за работа на општината. И покрај тоа, наша должност е да предупредиме дека Коњановски без објаснување ги зголемува оперативните расходи за 58.000.000 денари или приближно 1.000.000 евра, а ги намалува капиталните расходи за 35.000.000 милиони денари или скоро 600.000 евра. Коњановски треба да одговори и зошто дополнителните 17 милиони денари од ДДВ кои ги дава Владата во буџетот на Битола, наместо за капитални објекти ги намени за разни трансфери и договорни услуги.
Амандманите на СДСМ имаат за цел да го спречат пустошење на буџетот на општината. Коњановски единствено што го интересира е да ја избегне одговорноста за предвреме потрошените пари, на пример, за РК Еурофарм Пелистер, предвидени во програмата за спорт.
Јавноста може да ја погледне снимката од седницата на работното тело за туризам каде што претставникот од Општина Битола кажува дека Коњановски платил дрвени куќарки, а не биле предвидени во програмата во 2023 година, туку во 2022 година.
Како предлагач на буџетот, Коњановски ниту еднаш не се соочи со советниците во работните тела во Советот, туку ќе ја прочитате напишаната домашна задача пред медиумите и преку страницата на општината пласира лажни информации. Заради тоа и општината го намалува индексот на транспарентност за првпат оваа година.
Низ работата на работните групи за ребалансот и советниците и јавноста увидоа и сфатија дека во општината не се знае повеќе кој јади, а кој плаќа. Не се знае колку пари има во буџетските ставки, од каде се земат и каде се додаваат средства... тотален хаос во кој Коњановски и ДПМНЕ владеат. Од изнесеното на работните групи, ќе произлезат постапки кои СДСМ ќе ги поведе пред надлежните органи и ќе одговараат сите кои се огрешиле пред законот, а очигледно во општината ги има во голем број!
Само за едно нешто Коњановски е во право. Тој и ДПМНЕ не ја направија општината штедилница, туку коцкарница во која најмногу добиваат членови и симпатизери на ДПМНЕ и роднини и пријатели на Коњановски и неколкумина околу него!